Фото: Игор Бансколиев

Последните измени на Кривичниот законик, новиот закон за амнестија што треба наскоро да се најде на собраниска седница, многубројните злоупотреби на европското знаменце, нефункционалните институции, скандалите со Судскиот совет, неказнивоста, едноставно не влеваат голема надеж дека земјава ќе се најде меѓу оние кандидати што ќе добијат убави вести на декемврискиот самит на Унијата, дури и да ги направи уставните измени во периодот што следува

ЕУ најавува проширување, но само со дел од земјите од Западен Балкан што си ја завршиле структурно-реформската домашна задача

Темата проширување на Европската Унија денеска ќе го има првиот тест, на неформалниот самит на европските лидери, кој треба да се одржи во Гранада, Шпанија, при што се очекува европските челници конечно да излезат со јасна визија дали, кога и какво проширување на Унијата би имало во иднина.
Проширувањето се најде на дневен ред дури по цела деценија и веројатно и натаму ќе беше „ад акта“ доколку не се случеше руската воена агресија врз Украина, по што ЕУ сфати дека секакви конфликтни ситуации на европско тло се закана и по нејзината безбедност. Водени од таа логика, европските лидери се вратија кон единствената алатка со која некако ќе ги превенираат безбедносните ризици за Унијата, а тоа е проширувањето. Неодамнешните настани на северот на Косово покажаа дека не е само Украина опасност за Европа, туку жаришта се можни и во срцето на Стариот Континент. Затоа сега повторно се зборува за проширувањето со земјите од Западен Балкан, но во каков формат, во колку лиги или колку кругови останува непознато.
Сепак, од она што може да се слушне од првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, проширување со земјите од Западен Балкан ќе има, но не со сите земји, туку само со оние кандидати што покажале резултати во делот на борбата со корупцијата и владеењето на правото.
– Дали е во наш интерес земјите од Западен Балкан, кои се дел од рамките на Европската Унија, секојдневно да се подложени на обиди за мешање и влијание на сили надвор од Европската Унија, кои немаат исти вредности како нашите? Според мене, тоа не е добро за нашата безбедност. Ќе бидеме побезбедни и постабилни штом овие земји ќе се приклучат на стандардите на Европската Унија во однос на борбата против корупцијата и владеењето на правото, на пример – изјави Мишел во интервју за „Евроњуз“.
Тој уште појаснува дека одлуките кои земји ќе зачекорат кон членство сепак ќе зависат од извештаите за напредокот на земјите-кандидатки подготвени од Европската комисија.

Македонија ги исполнува сите услови да не биде поканета

Досегашните извештаи на ЕК за Македонија покажаа дека земјата нема доволен напредок токму во борбата со корупцијата, а уште поголемо назадување има во делот на владеењето на правото. Последните измени на Кривичниот законик, новиот закон за амнестија што треба наскоро да се најде на собраниска седница, многубројните злоупотреби на европското знаменце, нефункционалните институции, скандалите со Судскиот совет, неказнивоста, едноставно не влеваат голема надеж дека земјава ќе се најде меѓу оние кандидати што ги споменува Мишел, а кои ќе добијат убави вести на декемврискиот самит на Унијата. Дури и да ги направи уставните измени во периодот што следува, блокадата уште на следниот чекор е повеќе од извесна.
Тоа го навести и евроамбасадорот Дејвид Гир, но и холандскиот и австрискиот амбасадор во земјава, кои пред извесно време јасно посочија дека уставните измени не се приоритет, туку дека многу поважно е надлежните да се зафатат со сериозна борба со корупцијата и со воспоставување на владеењето на правото ако сакаат земјата да ја приближат кон ЕУ. Иста загриженост изразија и САД, кои дури испратија свои тимови да помогнат во борбата со корупцијата, но очигледно нивните напори остануваат јалови оти тука, во државата, нема политичка волја за такво нешто. Напротив, се носат одлуки што имаат цел уште повеќе да ги стимулираат коруптивните активности.
Сето ова говори дека Македонија и со и без уставните измени нема да напредува кон членство во ЕУ доколку не си ја заврши домашната задача, односно не почне со внатрешни структурни реформи за да почне да личи на функционална држава што ќе биде посакуван кандидат за членство во европското семејство.
Гледајќи ја пошироката слика надвор од розовата перцепција на партиите во власта, повеќе професори, интелектуалци, експерти од разни области, дипломати апелираат наместо сега безглаво да се оди кон уставните измени со внесување на Бугарите во македонскиот устав, малку да се причека, не да се губи време, туку да се постигне широк општествен и политички консензус за започнување итни реформски процеси во државата во сите области, почнувајќи од правосудството, администрацијата, преку образованието, здравството, екологијата, социјалата… Станува збор за тешки и болни процеси, кои бараат заедничка координација на сите општествени чинители, а првите резултати од овие реформи ќе бидат видливи за четири-пет години, исто толку колку што е потребно Унијата да ги започне внатрешните преструктурирања во согласност со новите препораки дадени од француско-германската експертска група.

Адаптирање на внатрешните приоритети во согласност со плановите на ЕУ

Планот на ЕУ е во следните неколку години прво внатрешно да се реформира, за да биде подготвена за прием на нови членки, што би се случило за десетина години. Затоа е важно да се искористи времето за конструктивни работи, за да не се случи истото сценарио како со Преспанската спогодба, да ги направиме уставните измени и да останеме блокирани поради лошите состојби со корупцијата и владеењето на правото. Оваа стендбај-позиција може да биде искористена и за смирување на тензиите меѓу Македонија и Бугарија и отворање простор за трезвено наоѓање решенија од заемен интерес, кои нема да создаваат фрустрации кај ниту една страна. Тие решенија несомнено ќе бидат одржливи на подолг рок и ќе влијаат на враќање на довербата на двете земји и двата народа.
– Не верувам дека уставните измени ќе поминат, а и не треба да поминат. Каде брзаме? Ние немаме потреба да брзаме со некакво почнување преговори со ЕУ во овој момент. Најлогичната работа во вакви ситуации, без оглед дали имаме или немаме проблем со Бугарија, е да се посветиме на нашата домашна работа. Ние имаме јасна идеја што треба да работиме. Дали преговорите со ЕУ ќе траат 20 или ќе траат две години, зависи од самите нас – вели Јован Донев, поранешен амбасадор.
Според него, дури и да ги внесеме Бугарите во Уставот, нема никакви гаранции дека на Македонија нема да ѝ се случи нова блокада.
– Може да се случи блокада, погледнете какво писмо испрати холандскиот амбасадор до нашиот премиер. Немаме никакви гаранции, но она што е многу важно за нас, камо среќа ние и економски и образовно и културно да се приближиме до ЕУ, а тоа единствено ќе го направиме со реформите дома – истакнува Донев.
За него клучно прашање е што воопшто бараме ние во ЕУ ако не можеме дома да се договориме кои реформи да ги примениме.
– Ако не можеме дома да се договориме кои реформи да ги примениме, што бараме во ЕУ? Тоа значи дека ние не сме кадарни за таа Европа. Прво, ние немаме култура на политички дијалог, на толеранција. Владеењето на правото е одраз на политичката култура, која ја немаме. Генералниот проблем кај нас е образованието. Ако ние сакаме да направиме европска Македонија, прво и основно мора да го смениме образованието – нагласува амбасадорот Донев, лоцирајќи каде потфрла Македонија и што би можело да биде пречка утре за нејзиното напредување кон ЕУ.

И утре да ги ставиме Бугарите во Уставот, без реформи нема напред

Амбасадорот уште додава дека и утре да се случат уставните измени, ако која било македонска влада одбива да направи реформи дома, државата нема да се движи напред.
– И утре да го смениме Уставот, македонската влада, која и да е, ако не преземе сериозни реформи, во државата нема ништо да се смени… Не е прашањето дали ќе ги почнеме преговорите со ЕУ сега, проблемот е што ние треба да ги спроведеме тие реформи. Проблемот е што кај нас политичките партии кога ќе дојдат на власт само им се додворуваат на гласачите, а не спроведуваат болни реформи, оти тоа значи уривање на нивниот рејтинг. Не сме толку наивни и неписмени да не знаеме кои реформи да ги направиме, па тие ни се напишани. ЕУ постојано нè потсетува на нив – потенцира Донев.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека изјавите на Мишел во врска со проширувањето не треба да се земаат здраво за готово, бидејќи станува збор за политичар кому наскоро му завршува мандатот.
– Тој е функционер во заминување и пораките што ги праќа треба да се земат со резерва. Проширување во блиска иднина нема да има и Македонија секако нема да биде дел од првите членки што ќе бидат примени. На оваа територија не владее правото и на ЕУ тоа ѝ е јасно. Затоа, да не се лажеме, Македонија нема да влезе во ЕУ- нагласува Пекевски, останувајќи на својот став дека сè додека земјава не почне да личи на вистински функционална држава, нема да биде дел од одбраното друштво, без оглед дали направила или не уставни измени сега.