Шахистките на ШК Куманово

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП, ЧЕТВРТО КОЛО

Петте македонски екипи на годинашниов шаховски Европски клупски куп (ЕКК) во Драч (Албанија) освоија осум бода од можни 10 во четвртото од предвидените седум кола.
Шахистките на Центар Асеко СЕЕ (2.326 рејтинг-поени, рангирани седми пред почетокот на ЕКК) ја впишаа и втората победа, овој пат со 2,5-1,5 против Теута од Албанија (2.213, рангирана 13-та). Куманово (2.096, рангирано 17-то) ја оствари втората победа (3-1), против Хелсинки од Финска (1.898, рангиран 25-ти), а Гостивар (2.084, рангиран 19-ти) вториот пораз (1-3) од Гоктурк од Турција (2.252, рангиран 10-ти).
По четвртото коло водат шахистките на Тајфун (Словенија) со максимални осум бода (11,5 по табли), пред Гас Украина со седум (12), а по шест имаат Суперчес (Романија, 11), Гаруда (Унгарија, 10,5), Центар Асеко СЕЕ (10,5) и Црвена звезда (Србија, 9,5). Куманово е 16-то со четири бода (6,5), а Гостивар 17-ти со три (осум по табли).
Во машка конкуренција Гамбит Асеко СЕЕ (2.352, рангиран на 31-то место), ја оствари третата победа, со 4-2 против 15 места подоброрангираната екипа на Цирих од Швајцарија (2.438). Вториот македонски претставник Прилеп (2.040, рангиран 75-ти) го совлада Лацио од Италија (1.944), со 4,5-1,5.
На три кола до крајот на ЕКК 2023, Гамбит Асеко СЕЕ е 25-ти, со шест бода (14 по табли), а Прилеп е на 75-то место со два бода (осум по табли). Во водство со идентичен резултат од осум бода и 19,5 по табли се норвешки Оферспил, за кој игра поранешниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и француски Асниерс, а ист број бодови но послаб поединечен збир по табли имаат чешки Нови Бор (18,5) и прворангираниот, романски Суперчес (18), за кој, пак, настапува поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд. Г.И.