Фото: Маја Јаневска-Илиева

Грчките медиуми пишуваат дека Атина одблиску ги следи политичките изјави поврзани со Преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања, додека грчкиот парламент сѐ уште ги нема ратификувано меморандумите поврзани со спогодбата, пишува „Гласот на Америка“.

Пред два месеца, грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, се осврна на Преспанскиот договор, одговарајќи на прашање на СИРИЗА за ратификување на трите меморандуми за соработка со Македонија кои од 2019 година сè уште не се донесени во грчкиот парламент.

– Тие ќе дојдат на ратификација во време што грчката држава ќе го смета за соодветно и секогаш во врска со правилното спроведување на договорот – рече тој.

Во меѓувреме, САД очекуваат Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти, соопшти Стејт департментот во изјава за „Гласот на Америка“ на македонски.

– Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ – одговори портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.

„Гласот на Америка“ потсетува дека претседателот на САД Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои не ги почитуваат Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

– Оние кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое ја попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка, или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година – стои во извршната наредба на Бајден.

Грчките меморандуми на чијашто ратификација се чека се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Грчките власти досега не ги сменија ниту патните табли кои водат кон Македонија, а на некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или пишува Скопје.