Фото: Игор Бансколиев

Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови според индексот на загаденост на воздухот, а оваа состојба се повторува веќе неколку години. Експертите веќе се имаат усогласено кои се главните причинители на загадувањето, но алармираат дека загаденоста на воздухот, освен сериозни здравствени проблеми кај луѓето, може да предизвика и сериозни проблеми за државата, и тоа токму во болниот евроинтегративен процес. Имено, загадувањето на воздухот може да биде пречка за влегувањето на Македонија во Европската Унија затоа што не ги исполнуваме, или поточно, ги игнорираме стандардите на ЕУ на тој план

Загадувањето како проблем е високо на агендата на ЕУ

Деновиве Скопје повторно е на листата на топ десетте града во светот по загаденост на воздухот. Индексот на загаденост на воздухот варира околу 114, што не дозволува да излеземе од табелата на најзагадените светски градови. И тоа трае со месеци низ изминативе години, во овој критичен период на годината.

„Шампионите“ не се секогаш за пофалба

За забележување е дека веќе неколку години, главниот град на Македонија редовно е на врвот на листите за најзагадени градови во Европа, а понекогаш и во светот. Според „Би-би-си“, во 2020 година, нивоата на ПМ 10 честички, кои се штетни по здравјето на луѓето, ги надминаа границите на ЕУ во текот на 202 дена во Скопје. Во овој период, според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО). околу 4.000 предвремени смртни случаи годишно се должеле на загадениот воздух, а „Би-би-си“ процени дека економскиот трошок за Скопје, поради загаденоста, се движи помеѓу 570 и 1.470 милиони евра.
Во декември минатата година, „Еуроњуз“ информира дека нивото на загаденост на воздухот е зголемено за 28 пати над безбедносниот праг поставен од Светската здравствена организација, а според мерењата на една швајцарска компанија, Скопје беше трет најзагаден град во светот. Главниот град на Македонија се најде и во истражувањата на „Балкан инсајт“ кога беше нотирано дека Скопје се наоѓа на деветнаесеттото место во светот според квалитетот на воздухот и концентрацијата на честички, односно загаденоста била 11,8 пати поголема од наведената вредност од страна на СЗО.

Справувањето со загадувањето ќе биде услов за евроинтегрирањето

Меѓутоа, Скопје не е единствениот град од регионот што редовно се наоѓа на врвот од листата на најзагадени градови во светот. Според експертите, и покрај зголемените докази за загадувањето на воздухот во балканските земји, како и декларативните заложби за зелената агенда за Западен Балкан, балканските земји сè уште не го третираат загадувањето на воздухот како приоритетно прашање. Не случајно Сараево се најде на листата на најзагадени градови во светот, и тоа пред Скопје. Деновиве Сараево беше на четвртото место, според индексот на загаденоста на воздухот, со исклучително висок индекс на загаденост на воздухот. Што се однесува до другите регионални престолнини, Белград е еден од најзагадените во Европа и понекогаш е на врвот на светската листа, како во октомври 2021 година, кога социјалните мрежи беа исполнети со слики од градот заматен од густ смог. Од околните регионални градови, најмалку загаден е Тирана со бројка од 86, според индексот на загаденоста на воздухот.
Според соговорниците со кои се консултиравме, загадувањето на воздухот може да биде реална пречка за влегување на Македонија, вклучувајќи и на Албанија и на Србија во Европската Унија. Досега македонската држава презеде одредени активности со кои се приближи кон законодавството и регулативата за загадувањето во однос на оние во ЕУ, но во областа на заштитата на животната средина, Македонија сѐ уште не ги исполнила стандардите на ЕУ. Податоците покажуваат дека квалитетот на воздухот е меѓу најголемите еколошки проблеми во Македонија. Напорите за подобрување на квалитетот на воздухот се главно од технички карактер, односно се преземани мерки на синхронизација на домашното законодавство од оваа област, со законодавството на ЕУ. Од друга страна, практичните зафати од овој домен сѐ уште заостануваат.
Во овој контекст, вредно е да се спомене имплементацијата на мерки и активности за реализација на т.н. Директива за квалитет на воздухот. Директивата, всушност, ја оценува реализацијата на секоја земја, вклучувајќи и на Македонија, како и пристапот кон следење на квалитетот на воздухот, воспоставените законски стандарди за квалитет на воздухот, поврзаните информации што ја известуваат јавноста и плановите што имаат цел подобрување на квалитетот на воздухот. Информацијата што ни ја пласираа нашите соговорници, во основа го прави многу сензитивно прашањето за загадувањето. Тие сметаат дека во еден момент, голема е веројатноста новиот исчекор на Македонија кон ЕУ да биде блокиран токму на прашањето на справување со загадувањето, кое засега ние сѐ уште го игнорираме. Д.Ст.


Додека да дојде ЕУ-интеграцијата, граѓаните „ќе се задушат“

Загаденоста на воздухот може да предизвика здравствени проблеми и штетни влијанија на белите дробови и срцето. Изложеноста на загадениот воздух може да предизвика кашлање или отежнато дишење, влошена астма и развој на хронични респираторни заболувања.
Д-р Предраг Симјановски препорачува во деновите кога е големо загадувањето да се користат маски со филтер, најдобро ФПП или КН95. По можност да се спортува или да се оди во планина, особено за викендите надвор од Скопје, да се користат апарати за прочистување на воздухот, како и да се земаат антиоксиданси и витамини, особено Е и Ц.
Истражувањата покажуваат дека загадувањето на воздухот се должи на согорувањето дрва, јаглен и ѓубре, патниот сообраќај и индустриите, но и специфичните временски услови, кои придонесуваат за сегашното високо ниво на загадување.