Проблематиката во енергетиката е многу комплексна. Во овој сектор се вртат не милиони, туку милијарди евра во РМ, а енергијата е потребна насекаде, почнувајќи од дома и понатаму во многу други објекти во државата. Предлагам веднаш да се формира министерство за енергетика (и плус климатски промени)
Според неколку направени студии во врска со загадувањето на воздухот во градот Скопје, главната причина за тоа е загревањето на просториите, и тоа најмногу во домаќинствата, но и во разни институции и комерцијални објекти. Кај домаќинствата, загревањето со дрва е главниот извор на загадување. Нема сомневање дека тоа е точно бидејќи загадувањето на воздухот се јавува само во грејната сезона. Влијанието врз здравјето на луѓето е големо. Болниците, особено детските, се полни со пациенти, а како директна или индиректна последица е и зголемениот број на смртни случаи. Дали ова може(ше) да се спречи? Јас тврдам: да. Или, пак, можеше многу да се ублажи.
Голем срам е и одговорност и за републичките и за градските власти во минатите години и денес. Природниот гас е пристигнат во Скопје уште во 1998 година, а користењето започна само кај некои големи потрошувачи. Долги години гасоводот беше користен со 10-15 отсто од номиналниот капацитет бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Искористеноста на гасоводот порасна на околу 35 отсто по изградбата на „Те-то“, што значи сѐ уште е доста под номиналниот капацитет. Впрочем, 25 години се труеме со загаден воздух поради неспособноста на властите да изградат дистрибутивна мрежа. Освен тој пропуст, направени се и многу други. На пример, во стратегиите за енергетски развој на РМ, уште од 2000 година е предвидено да се изградат гасни термоцентрали-топлани (Те-то). На тој начин ќе се зголемеше опфатот со системи за топлификација. Колку што сум информиран од јавните медиуми, властите барале партнер од странство за изградба на дистрибутивна мрежа за гасот. Зарем мора за секоја инвестиција да се бара партнер од странство? Сличен е проблемот и со хидроцентралата Чебрен, 30 години (можеби и повеќе) се бара партнер од странство.
Но, еве, нека денес се донесе одлука за започнување на изградбата на дистрибутивна гасна мрежа. Јас би рекол дека тоа ќе биде погрешна инвестиција бидејќи состојбите во однос на енергетиката денес се поинакви отколку пред 30 години. Директно користење на гасот за греење со согорување во котли за топла вода или печки денес не се препорачува. Штета е на тој начин да се користи гасот за да добиеме температура на воздухот во просториите од 20 степени Целзиусови. Таа температура може да се оствари со помош на топлински пумпи, користење отпадна топлина и сл. Со согорување на природниот гас (претежно метан) може да се добие температура до 2.000 степени Целзиусови, тоа е енергија со висок потенцијал и може да се користи за производство на електрична енергија. А таа може да се користи речиси за сите намени (потрошувачи). Вистинските енергетски експерти го знаат вториот закон на термодинамиката и подобро го разбираат овој проблем.
За користење на природниот гас најрационално решение е изградба на постројки за комбинирано производство на електрична енергија и топлина, наречени и постројки со когенерација. Тоа е истовремено производство на електрична и (корисна) топлинска енергија во една постројка. На тој начин се искористуваат и до 90 отсто од расположивата енергија на гасот, а кај гасните термоцентрали искористеноста е околу 50 отсто. Таков пример е „Те-то“ во Скопје, кое работи веќе десет години, има 220 MW електрична моќност и 160 MW топлинска моќност. Но вакви комбинирани постројки може да бидат и со помал капацитет, на пример, за топлификација на помали градови, потоа за вкупни потреби на болници, фабрики итн.
Иако на природниот гас се гледа како на решение за избегнување на аерозагадувањето на Скопје и на други градови, морам да укажам дека природниот гас не е еколошко решение бидејќи припаѓа на групата фосилни горива. При негово согорување се ослободува јаглерод диоксид (ЦО2), кој е главниот причинител на глобалното загревање, односно климатските промени. Тоа е причина неколку развиени (богати) земји да воведат забрана за употреба на гасот во новите системи за греење на зградите. Трендот во целиот свет е електрификација во енергетиката, за што пишував пред неколку месеци, а ќе се осврнам на овој развој и во некоја друга пригода.
Состојбите во енергетиката во светот се менуваат во зависност од многу фактори: политички, економски, воено-стратегиски, поседување сопствени извори на горива, еколошки (климатски промени), научноистражувачки потенцијали итн. РМ се наоѓа во многу сложена состојба, со недостиг од енергенти и недоволно домашно производство на електрична енергија. А и она производство што го имаме главно се остварува во стари термоцентрали на јаглен, а и рудниците за јаглен се веќе исцрпени. Од друга страна, секторот за енергетика во Министерството за економија на РМ со околу 10 вработени и без искусен инженерски кадар не може успешно да се справи со проблемите и предизвиците денес и во иднина. На пример, можно е прекопување на улиците на градовите ако се градат дистрибутивни гасни мрежи. Или наместо тоа, може да има прекопување за изградба на нова дистрибутивна мрежа за електрична енергија поради зголемената употреба на топлински пумпи и полнење на електрични возила?
Проблематиката во енергетиката е многу комплексна. Во овој сектор се вртат не милиони, туку милијарди евра во РМ, а енергијата е потребна насекаде, почнувајќи од дома и понатаму во многу други објекти во државата. Предлагам веднаш да се формира министерство за енергетика (и плус климатски промени).
Автор: Д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје