Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во регионот на Западен Балкан, а и во Брисел, одамна е познато дека Бугарија за своите асимилаторски и експанзионистички аспирации ги користи европските документи (пасоши и државјанства) што може да ги издава како земја-членка на ЕУ. Таквата уценувачка агресија најдиректно ја манифестира спрема Македонија, но сѐ почесто и спрема другите земји во регионот, како Албанија и Косово. Прашањето, кое сите во Унијата избегнуваат да го одговорат и се прават дека не го ни слушаат, е – зошто Брисел ѝ прогледува низ прсти на Бугарија, од позиција на ЕУ-моќ, да тргува со влијание, злоупотребувајќи за свои цели де факто европски документи

Дали ЕУ ќе ја санкционира флагрантната трговија со влијание на Софија:

Минатата недела во Албанија се уапсени три лица за издавање лажна потврда за бугарско потекло. Тоа се случи по емитувањето на истражувачката новинарска сторија на тиранската телевизија Топ ченел, со која се потврди дека за пари се издаваат лажни потврди за бугарско потекло во административната единица Острени, во областа Голо Брдо. Од страна на претставниците на македонската заедница во Албанија постојано алармираа дека за време на пописот во таа земја се соочувале со притисок од страна на поединци и бугарските институции за да не даваат точни податоци за својата етничка припадност, а кои биле поддржани и од локални личности.
– Јавна тајна е дека не само во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што е најголема концентрацијата на Македонците, а се најсиромашни области во државата, туку и по градовите, како Елбасан, Либраж и други, се вршеше невиден притисок од поединци од Бугарија, но и од високи личности, како потпретседателката Јотова и амбасадорот во Тирана, преку уцени, поткуп и слично. Македонците беа уценувани дека ако не се попишат како Бугари, ќе им бидат отфрлени барањата за добивање бугарско државјанство или ќе им се одземат веќе добиените државјанства, на што поради големата сиромаштија се принудени да аплицираат за да може да заминат во европските земји за обезбедување основна егзистенција – изјави Ендрит Фетаху, потпретседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, единствената македонска партија во Албанија, поздравувајќи ја брзата реакција на албанската полиција по емитувањето на истражувачката сторија за издавањето лажни уверенија за бугарско потекло со одредена цена за поткуп. Во фокусот на разговорите била и бугарската заедница во Косово, јавуваат бугарски медиуми.

Притисокот за фингирање бугарско малцинство на Косово се засилува

Речиси во истиот период кога во Албанија беа уапсени три лица за издавање лажни потврди за бугарско потекло, претседателот на Бугарија, Румен Радев, беше во официјална посета на Косово. Од искажаните поенти од средбата со косовската претседателка Вјоса Османи, се чини дека главната намера на бугарскиот претседател била да издејствува бугарско малцинство и во таа држава, непосреден сосед на Македонија.
Како што јавуваат бугарските медиуми, во фокусот на разговорите била некаква бугарска заедница во Косово. Имено, од официјална Софија се тврди дека речиси 15 илјади луѓе во Косово имале бугарска самосвест, а во јануари годинава била поднесена петиција до парламентот на Косово, со барање тие да бидат признаени како независна заедница. Косовската претседателка Вјоса Османи ги обврзала властите во земјата да ги почитуваат сите стандарди на претстојниот попис на населението во Косово, да го направат процесот транспарентен и да ги гарантираат правата на сите малцинства. За возврат, Румен Радев во Приштина кажал дека „Бугарија ги поддржува напорите за реформирање на Косово на патот кон ЕУ“.
Мошне очигледно бугарскиот претседател ја применува истата стратегија на притисок со условување на поддршката за евроинтеграциите на соседите на Македонија, како врз Албанија, така и врз Косово, со барања да се инсталира бугарско малцинство во правниот систем на тие држави. Секако, таквата „бугарска инсталација на малцинство“ е на сметка на оние што се изјаснуваат како Македонци и во Албанија и на Косово.
Покрај директните уцени врз Македонија за уставни измени и нереципрочно внесување на Бугарите во преамбулата како државотворен народ, со блокирање на македонските евроинтеграции, високите претставници на официјална Софија својата уценувачка стратегија ја прошируваат и на македонското соседство, со кое Бугарија никако не е во директен контакт.

ЕУ-документите како инструмент за уцени на Бугарија

– Ние, како македонско малцинство во Албанија, на своевиден начин сме колатерална штета на плановите и стратегијата на Бугарија да ја опколи Македонија со бугарско малцинство. На бугарските политичари им успеа, под слична уцена со ветото за ЕУ, да ги внесат Бугарите во Законот за малцинства во Албанија, а сега се обидуваат да го направат тоа и во Косово. Во Србија, Бугарите веќе имаат малцински статус. Но во Албанија и во Косово нема Бугари, па се настојува тоа да се направи на штета на Македонците што се дел од тие држави. Албанија како држава речиси педесетина години беше изолирана, па тешко одеше комуникацијата преку границата со Македонија, а не пак со Бугарија. Во Албанија никогаш немало Бугари, а сега сме соочени со тоа да се справуваме со бугарската пропаганда во Албанија – во неколку пригоди укажа Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Албанија.
Во регионот на Западен Балкан, а и во Брисел, одамна е познато дека Бугарија за своите асимилаторски и експанзионистички аспирации ги користи европските документи (пасоши и државјанства) што може да ги издава како земја членка на ЕУ. Таквата уценувачка агресија најдиректно ја манифестира спрема Македонија, но сѐ почесто и спрема другите земји во регионот, како Албанија и Косово.
Прашањето, кое сите во Унијата избегнуваат да го одговорат и се прават дека не го ни слушаат, е – зошто Брисел ѝ прогледува низ прсти на Бугарија, од позиција на ЕУ-моќ, да тргува со влијание, злоупотребувајќи за свои цели де факто европски документи. Дали Брисел, како што е „строг и принципиелен“ во критериумите и стандардите за пристапување во членство на земјите кандидати од Западен Балкан, треба конечно да се заинтересира за криминалите со трговија и политички уцени и манипулации што ги прави Бугарија со документите што ги издава како европски?
– Не го сметам за креативен притисокот врз Македонија, „сменете го Уставот, па потоа ќе видиме“. Наместо тоа, Брисел може да го стави фокусот на причините и леснотијата со кои Бугарија издаде околу 150.000 европски пасоши, на пресудите од Европскиот суд за човекови права, на меѓуинституционална соработка за да се испеглаат разликите во ставови. Ама тоа е многу обемна работа и полесно е наместо по магарето, да се удри по самарот. Конечно, стаповите врз друг помалку болат, па ако Македонија ги внесе Бугарите во Уставот, ќе ѝ ги намали маките на Европа. Засега. Ама тие преседани скапо може да ја чинат Европа, која со секоја пропуштена можност да застане на страната на заложбите и принципите ризикува да отвори простор за слични идентитетски наративи во своите граници. Чувањето на Балканот во оваа чекалница што народот ја доживува како агонија е многу поопасно од ветеното проширување, кое патем ги девалвираше и копенхашките критериуми – предупредува во своите искажувања Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.