Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали може да се спречат емиграциските трендови? Нашите соговорници, професори и истражувачи, констатираат дека ние сме традиционално миграциско подрачје. Луѓето се привлечени од разликите во животниот стандард севкупно: платите, системите за образование, здравството, јавната администрација, односот кон животната средина итн. Меѓутоа, тие истакнуваат дека миграциските бранови може да се забават, ако континуирано се инвестира во структурни реформи со кои ќе се намалат јазовите со развиените земји, па дел од тие што намериле да се отселат ќе останат овде. Со структурните реформи се каска, не се зафаќаме во костец со институционалните проблеми, корупцијата, сивата економија итн. и тоа повеќе ги мотивира луѓето да заминат отколку платите, велат експертите

Изјавата на текстилниот работник и повратник од странство, Полико Авдиу, како повод

Непобитен факт е дека Македонија подолго време е зафатена со голем иселенички бран. Тоа го покажуваат и статистичките податоци на надворешната миграција за минатата година. Според податоците за доселени и отселени граѓани на Македонија, мината година од нашата земја се отселиле 937 лица, а се доселиле 205. Гледано по континенти, Македонците најмногу се иселиле во Европа (827), а од европските земји се вратиле 183 граѓани. На американскиот континент заминале 88 лица, а се вратиле 13. Во земјите од Океанија се отселиле 17, а се доселиле шест. Гледано по земји, најмногу наши сограѓани се доселиле од Италија (11), САД (12), Австралија (шест), а од соседните земји од Србија (40), Албанија (40), Косово (14), Бугарија (5).

Активни популациски политики и донесување стратегии за трајно враќање на нашите граѓани што се на работа во странство

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека земјите од Западен Балкан, во кои спаѓа и Македонија, не располагаат со целосна евиденција за бројот на граѓаните што мигрираат во други држави. Порелевантни информации за бројот на иселените лица во западноевропските земји се добиваат од Светската банка, ООН или од Еуростат, кои водат евиденција врз основа на пријавите за престој што се задолжителни за сите иселеници кога се во другите држави.
– Објавените статистички податоци за доселените лица во земјата се врз информациите добиени од Министерството за внатрешни работи. Секој што влегува е должен да се пријави дека престојува во земјата. Има и наши државјани што се на привремен престој до една година. Има разни мотиви за нивното враќање во татковината, но таа бројка е променлива и зависи од одлуките на самите граѓани колку ќе останат во земјата. Досега, процесот за враќање се одвивал стихијно и овде државата немала некоја поактивна улога за поттикнување на нашите иселеници трајно да се вратат во земјата, преку нудење некаква финансиска помош за повратниците. Во некои држави тоа се прави преку активни популациски политики и донесување стратегии или акциски планови за трајно враќање на нашите граѓани што се на работа во странство – ни изјави Герасимовски.
Последните години, земјите во регионот сѐ повеќе се зафатени на бранот на иселување во земјите од Западна Европа. Соочени со демографската катастрофа, некои од нив водеа и проактивна политика за да ги вратат своите граѓани. Хрватска минатата година донесе и посебна програма за иселениците, со која се нудеше еднократна финансиска помош од над 20.000 евра за секој повратник, но како што информираат хрватските медиуми, за оваа погодност се пријавило едно лице. Исто така, Србија презеде слични мерки за намалување на процесот за иселување, а беше формирана и посебна комисија за миграциски прашања, која е водена лично од српскиот претседател Александар Вучиќ. Како што ни изјави Герасимовски, сите досегашни влади недоволно посветуваат внимание на враќање на нашите иселеници. Имаше некои обиди за спроведување на стратегијата за периодот од 2010 до 2020 година за спречување на иселеничките процеси, но подоцна беа донесени некои заклучоци дека таа не ги дала очекуваните резултати.

Што може да направиме ние за да има земјата бенефиции од дијаспората?

За тоа дали и како државата посветува доволна грижа за дијаспората, Марјан Петревски, професор по економија на универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, посочува повеќе примери. Најпрвин, тој го посочува примерот за постоење на Агенцијата за иселеништво, за која малку е познато во јавноста што работи, или граѓаните знаат дека таа постои, но е без значајни активности и некои резултати!? Професорот Петревски продолжува и со други аргументи во прилог на својата теза.
– Во 2017 година, тогаш новата влада постави министер без ресор задолжен за дијаспора, со наводна причина да даде поголема тежина на темата и искористување на придобивките од соработката со дијаспората. За волја на вистината, таму се направи една сосема солидна Стратегија за соработка со дијаспората, која главно остана само мртво слово на хартија. Подоцна, тоа министерско место и се укина, а повторно се воведе во владата на Ковачевски, што алудира дека служи само за задоволување на коалициските апетити, а не дека некој има визија и идеја што може во однос на дијаспората да се стори. Во моментов се подготвува национална развојна стратегија, па останува да видиме дали таа ќе посвети внимание на дијаспората – ни изјави Петревски.
На прашањето што треба да се направи од наша страна за да се поттикнат и мотивираат иселениците да се вратат во домашните компании или да инвестираат во свои проекти, професорот смета дека е „апсолутна илузија“ дека може да се поттикне некое масовно враќање на нашинците дома.
– Мислам дека погрешно го поставуваме проблемот ако целиме да ги вратиме тие луѓе. Најголем дел се иселуваат трајно, дури и оние што почетно одат привремено, прават напори и често успеваат нивниот престој во странство да се претвори во долг престој. Проблемот треба да се постави поинаку: што може да направиме ние за земјата да има бенефиции од дијаспората. Еден од начините е да привлечете некои поединци, барем во одреден период да се вратат и да се вклучат на одредена позиција во јавниот или во приватниот сектор. Да потсетам, на времето Груевски направи таков обид со вклучување нашинци што живеат во странство и таму имале професионални успеси, да бидат министри во сегментите за привлекување инвестиции. Меѓутоа, имаше во минатото, и сѐ уште има, политики што одвраќаат вакви поединци евентуално да се вратат и да помогнат. Да ги земеме стипендиите што се даваат од МОН за студирање на топ 500 универзитетите од Шангајската листа, кои ги обврзуваат примателите да се вратат и одреден период да поминат во Македонија. Но што се случува? Се враќаат, државата не им обезбедува пристојна работа во јавната управа, не им помага да ги канализира до приватниот сектор, се разочаруваат и повторно заминуваат надвор – предупредува Петревски.
Друг начин за соработка со дијаспората е да се поттикнат да инвестираат тука. Има една одредба од Законот за финансиска поддршка на инвестиции, која доделува 10 отсто поголем поврат на инвестирани средства на нашинци.

– Немам податок дека тоа е нешто особено искористено, можеби делумно и затоа што е непознато. Но поранешни мои истражувања покажаа дека не е само финансиската инјекција проблемот – можеби е најмалку битна, бидејќи тие луѓе овде кога ќе дојдат да инвестираат се соочуваат со куп бирократски бариери, кои се непоимливи за системите во кои функционираат на запад. Бидејќи не сите иселеници се и инвеститори, трет начин за искористување на тој потенцијал е да направиме јасна стратегија за мултиплицирање на потенцијалот на дознаките што тие ги испраќаат. Според процени, тој износ достигнува и до една милијарда евра, односно речиси 10 отсто од нашиот БДП, значи пари дадени без некој да ви бара нешто за возврат. Државата не направи напор да поттикне, на пример, дел од тие средства да се инвестираат во микробизниси, и остана дека само алиментираат потрошувачка, што значи имаат важен меѓутоа строго краткорочен ефект. Четврти начин на соработка е преку разновидни научни, образовни и културни размени, за што не се потребни и некои големи фондови, кои државата не ги обезбедува – вели Марјан Петревски.
Миграциските трендови не може да се спречат. Ние сме традиционално миграциско подрачје. Луѓето се привлечени од разликите во животниот стандард севкупно: платите, системите за образование, здравството, јавната администрација, односот кон животната средина итн. Меѓутоа, миграциските бранови може да се забават, нагласува тој, ако ние инвестиравме континуирано во структурни реформи што тие јазови со развиените земји ќе ги направеа помали, дел од тие што намериле да се отселат ќе останеа овде. Напротив, со структурните реформи каскаме, не се зафаќаме во костец со институционалните проблеми, корупцијата, сивата економија итн. и тоа повеќе ги демотивира луѓето отколку платите.