Контроверзните позиции на ЕУ спрема Македонија во пакет со непринципиелните условувања за уставни измени, се чини воопшто не одат во прилог на обидите на Брисел да влезе во некаков „тренд на раст на доверба на македонските граѓани спрема европските политики“ и да го врати расположението кај граѓаните на речиси акламативните „90 отсто ЕУ-доверба“. Го загрижуваат ли Брисел ваквите негативни трендови или воопшто не му е грижа за нештата на Западен Балкан… додека не поминат ЕУ-изборите?

По објавувањето на информацијата за „пад на поддршката за ЕУ кај нашите граѓани“ од некогашните 90 на 65 отсто

Продолжението на македонската приказна наречена „На патот кон ЕУ“ наликува на трилер-исчекувања со примеси на хорор-елементи и нанижани вета од самит до самит на Унијата, вклучувајќи ја и годинава кога нема сигнали за исчекор кон заемно задоволително решение… По првиот дел, односно политичкиот состанок, на меѓувладината конференција со ЕУ, одржан во јули 2022 г., со условениот почеток на преговорите со Унијата, се чини дека единствено официјален Брисел успеа да издејствува перцепција дека за понатамошните вета ќе си биде виновна само Македонија. „Миејќи си ги рацете“ од одговорноста за бугарските националистички уцени, ЕУ спакува преговарачка рамка за Македонија со услов за нејзино активирање со внесување на Бугарите во македонскиот устав, без помисла за каков било реципроцитет, замижувајќи на сите документи од официјална Софија со нескриени асимилаторски намери, испратени до бриселските институции. Пред самитот на ЕУ, на средината од декември, кога би требало да се одлучува за отворањето на поглавјата во преговорите, Македонија е повторно ставена во пат-позиција со непристојни предлози.

Уставните измени – трик за самоблокирање на Македонија и опаѓањена довербата во ЕУ

Македонскиот претседател Стево Пендаровски не е оптимист во очекувањата на пораките за земјава од претстојниот самит на ЕУ. Тој неодамна изјави дека нема да има позитивни вести за Македонија на декемврискиот самит на Унијата. Како главна причина за својот песимизам, Пендаровски го наведува неносењето на уставните измени, притоа посочувајќи ја како одговорна за тоа опозицијата „која не сака да излезе од партиските ровови и да се надмине себеси“. Тој вели дека Македонија „не може да очекува позитивна одлука на самитот на ЕУ, кога не се исполнети главните предуслови – уставните измени“.
Речиси во ист период, државниот советник за европски прашања Драган Тилев, во свој медиумски настап, резимира дека како директна последица на одолжувањето на македонскиот евроинтегративен процес е падот на поддршката за членство во Европската Унија, од некогашните 90 проценти на сегашните околу 65 отсто. Имајќи ги предвид сите услови, се чини реална опцијата за недобивање препорака за одржување на втората меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел на претстојниот самит на ЕУ. Дали таквата можност може да се сфати како неуспех на Македонија? Тилев одговора дека „ситуацијата во случајот со Македонија е многу јасна – конференцијата зависи само од уставните измени. Но непреченото одвивање на преговорите понатаму ќе зависи од реформите, особено во судството“.

ЕУ се претвора во воз/композиција без крајна дестинација

Бескрајните неискрени игри со проширувањето на Унијата и изневерените ветувања во однос на Македонија и нејзините национални жртви, секако не се аргумент за доверба и влегување во нова авантура на исполнување неразумни услови, и тоа повторно без никаква гаранција. Иако беше направен обид неодамнешните критики во извештајот на ЕУ за заостанувањето во реформските процеси на Македонија да се припишат на отпорот за уставните измени што се бараат од Македонија, колку и да се објективни таквите забелешки, се чини тие не придонесуваат за некакво политичко обединување во земјава за надминување на таквите нереформски состојби. Уставните измени беа искористени како алиби за неуспехот во реформите. Ваквите контроверзни позиции на ЕУ спрема Македонија, со принципиелни ставови (барање напредок во реформите) и непринципиелни условувања за уставни измени, се чини не одат во прилог на раст на довербата на македонските граѓани спрема европските политики и враќање на речиси акламативните 90 отсто доверба. Тоа го наметнува прашањето, го загрижува ли Брисел ваквиот пораст на разочараност во Македонија и воопшто на Западниот Балкан од односот што го манифестира Унијата спрема регионот.
– Сентиментот во Македонија, секако, но мислам и кај други земји аспиранти, со кој влегуваме во новиот циклус, е проткаен со разочарување, инает, чувство на предаденост и тој замор ќе се преслика и на политичката волја на партиите, но и како еден пасивно агресивен однос кон ЕУ во вкупниот политички дискурс. ЕУ мора да најде нов механизам за да го одржи проширувањето живо, но очигледно е дека тоа нема да биде возможно во оваа форма. Во која форма ќе се продолжи, тоа допрва ќе видиме – наведува во една своја анализа политикологот Петар Арсовски.
Понатаму, Арсовски проценува дека динамиката на процесот на пристапување кон ЕУ, во најопшта смисла, е дефинирана од две глобални варијабли. Првата е подготвеноста, капацитетот и политичката волја за неопходните реформи (но и, често, политичка цена) дома, кај земјите кандидати, и втората е апетитот и амбиентот за проширување во самата ЕУ, која зависи од геополитичките односи, циклусот во кој се наоѓа самата унија, како и интерната динамика на односите помеѓу земјите членки. Овие две варијабли можат да се најдат во позитивен и во негативен циклус.
– Во позитивен циклус, желбата и амбиентот се поволни за забрзување на реформите дома и за пристапување кај ЕУ, а во негативен циклус амбиентот е неповолен, односно го забавува, го кочи проширувањето.
Интеграцијата оди најбрзо и најлесно кога двете варијабли се позитивни: има желба, капацитет и политичка волја за реформи дома и истовремено има активен апетит, желба и волја кај ЕУ за прием на нови членки. Процесот може да тече, побавно и потешко, но може да остане активен, дури и ако едната варијабла е поволна, а втората не, зашто поволната варијабла, условно речено, може да ги надомести недостатоците на неповолната. Значи, ако ЕУ нема апетит за проширување, но земјата кандидат е толку посветена на реформи, активна во имплементацијата и подготвена на политичката цена за пристапување, процесот може да остане жив. И обратно, ако земјата не е подготвена, нема капацитет, но поради геостратегиски или други причини, ЕУ има засилен апетит за проширување, па е подготвена со политичка одлука да ги пренебрегне недостатоците на земјите кандидати и така процесот може да остане жив. Вакви примери имавме во минатото со Бугарија, и сега со Украина и Молдавија: земјите не беа, односно не се, подготвени за преговори и членство, но самата ЕУ, поради политички или безбедносни причини, има доволно волја за двајцата – смета Арсовски.
Но, според политичкиот аналитичар, процесот тешко може да опстане кога двете варијабли се негативни, односно неповолни, а Арсовски смета дека регионот и ЕУ влегуваат токму во таков циклус. Особено што негативниот амбиент на едната варијабла, како систем на врзани садови, го храни антагонизмот на втората и обратно.
– Ние сега влегуваме во циклус во кој и амбиентот во ЕУ, но и желбата кај земјите кандидати ќе бидат проблематични. ЕУ, од една страна, не знае каква иднина ќе има Унијата, па со тоа и проширувањето. Дилемите околу начинот на членство, реорганизацијата на самите интерни механизми, но и дилемите околу тоа во која динамика и кон која крајна цел ќе се врши проширувањето, ќе го остават регионот без вистинска перспектива. Со други зборови, тешко е со декларативни заложби да ги натераш патниците да се качат на воз за кој не се знае која му е крајната дестинација.
Таквиот недостиг од вистинска понуда ќе произведе и недостиг од вистинска политичка волја кај земјите од регионот, секако потпомогнато од други центри на моќ во чиј интерес е регионот постојано да биде буре барут. Ќе се појават наративи на антагонизам, камуфлирани во безброј рационализации: „И сѐ да направиме, нема да нè примат“, „ЕУ нема да постои“, „За нас нема членство“ и слично. Овие две негативни атмосфери, притоа, ќе се хранат една со друга: што помалку апетит, тоа помалку ентузијазам дома и што помалку ентузијазам дома, тоа повеќе фрустрации од недостигот од напредок – анализира Петар Арсовски.