Од позиција на Македонија, која во изминативе децении помина низ пеколни маки поради своето доскорешно име, оваа сосема техничка процедура што ја помина Турција, ослободена од какви било калкулации со лобирања, гласања во Генералното собрание или во Советот за безбедност на светската организација, меѓународните судови, посредништвата, преговорите… заради остварување на правото да се задржи некогашното државно име, најблаго речено, е збунувачка. А бидејќи Турција не е единствената земја што во изминатиот период едноставно си го смени државното име, „Нова Македонија“ го постави хипотетичкото прашање: што би се случило доколку некој од надлежните во земјава, во иднина, следејќи ја истата процедура, побара таа во Обединетите нации да биде запишана како „Македонија“, без придавки и додавки, со какви што постојано е принудена да фигурира
ОТКАКО ТУРЦИЈА ГИ ИЗВЕСТИ ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ (ОН) ДЕКА СИ ГО МЕНУВА ИМЕТО
Иако се согласуваат дека теоретски сосема е изводливо Македонија повторно да си го врати името, очекувањата на упатените дека тоа и навистина би можело да се случи, барем во скора иднина, се сосема различни, откако јавноста деновиве сведочеше на уште една брза и безболна процедура за промена на името на една од членките на Обединетите нации. Имено, Обединетите нации, како што веќе е објавено, деновиве го усвоија официјалното барање на Анкара, Турција отсега да биде Туркије (Türkiye), по што и другите меѓународни фактори ќе го прифатат новото име на земјата, во согласност со иницијативата што минатата година ја поведе турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
– Промената е направена веднаш – потврдија од ОН, информирајќи дека официјалното писмо на Анкара со барање за промена било примено во седиштето на ОН во Њујорк во средата.
Од позиција на Македонија, која во изминативе децении помина низ пеколни маки поради своето доскорешно име, оваа сосема техничка процедура, ослободена од какви било калкулации со лобирања, гласања во Генералното собрание или во Советот за безбедност на светската организација, меѓународните судови, посредништвата, преговорите… заради остварување на правото да се задржи некогашното државно име, најблаго речено, е збунувачка. А бидејќи Турција не е единствената земја што во изминатиот период едноставно си го смени државното име, „Нова Македонија“ го постави хипотетичкото прашање: што би се случило доколку некој од надлежните во земјава, во иднина, следејќи ја истата процедура, побара таа во Обединетите нации да биде запишана како „Македонија“, без придавки и додавки, со какви што постојано е принудена да фигурира.
Преседан во Обединетите нации (ОН)
– Случајот со Македонија е специфичен, бидејќи целата работа, под притисокот на Грција, се водеше на поинаков начин што е преседан во историјата на Обединетите нации. Инаку, Обединетите нации во сите други случаи, го следат меѓународното право, кое дозволува секоја земја сама да си го избира името. Во нашиот случај важеше законот на посилниот, зашто Грција ја имаше позицијата од која можеше да уценува, а од нашата страна немаше сили, ниту обезбедена поддршка, да се одговори на соодветен начин. Нешто слично би се случило повторно доколку некој реши да побара бришење на „северна“ од називот на државата. Тоа прво би морало добро да се осмисли, организира, лобира, реализира… и да се направат огромни трошоци за што ние, верувам, не сме подготвени. А не сум сигурен дека големите сили, меѓу кои и самата Европска Унија, кои на некој начин беа гаранти на договорот за промена на државното име и на сите досегашни процеси, тоа и би го дозволиле – изјави некогашниот прв амбасадор на Македонија во Грција, Љупчо Арсовски.
Неговиот колега Звонимир Јанкулоски е поголем оптимист во однос на очекувањата за успех при евентуално поведување таква процедура.
Самите си го издигнавме проблемот на мултилатералното ниво, за на крајот доброволно да си го смениме името
– Сега некој да реши да побара да нѐ запишат под името „Македонија“ во Обединетите нации, тоа може да помине и никој не може да го оспори тоа, бидејќи правилата се такви што таму само се констатира промена на името зашто државите се суверени во тој поглед. Тие приказни дека меѓународната заедница решава во таквите случаи не држат вода. Концептот на меѓународното организирање е концепт на суверени држави. А во нашиот случај, тој концепт е изместен затоа што не знаевме да водиме сопствена надворешна политика и самите си го издигнавме проблемот на мултилатералното ниво и толку многу се заплеткавме што на крајот доброволно си го сменивме името на државата. Сето тоа не ни требаше – објаснува професорот Звонимир Јанкулоски, аргументирајќи го тоа и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година, по тужбата што Македонија претходно ја поднесе против Грција.
Изјаснувајќи се во полза на Македонија по основа на сите три точки наведени во тужбата, судот констатира дека Македонија може да го користи уставното име во меѓународни организации, но тоа, како што е познато, не беше реализирано, по што следуваа многубројните блокади и долготрајните и мачни преговори, кои резултираа со потпишувањето на Преспанскиот договор и со придавката „Северна“ пред државното име, а потоа и со неговото внесување во Уставот.
Турција, пак, слично како и претходно Холандија или Нидерланд, едноставно ја информира светската организација дека отсега ќе го користи новото име. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавашоглу на почетокот од неделава објави на Твитер фотографија на која го потпишува писмото адресирано до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
– Со писмото што денеска го испратив до генералниот секретар на ОН, ние го регистрираме името на нашата земја на странски јазици во ОН како „Туркије“ – напиша тој, потенцирајќи дека промената ќе стави крај на „процесот на зголемување на вредноста на брендот“ на земјата, иницијатива што ја започна турскиот претседател Ердоган, кој ја води земјата речиси две децении.
Инаку, новиот назив во јавните расправи во Турција се користеше во изминативе неколку децении, а Ердоган кон крајот на минатата година им сугерираше на другите земји да почнат да го користат новото име.
Иако, според најчесто споделуваните објаснувања, тоа е сосема очекувано продолжение на турските напори за ребрендирањето на нивните производи од „произведено во Турција“ во „произведено во Туркије“, како и обид за елиминирање на можноста името на државата да се идентификува со истоимената птица напишано на англиски, некои од регионалните аналитичари ги изнесоа и своите мислења.
– Јас не би го нарекол тоа едноставно ребрендирање. Некои држави сметаат дека премногу негативни конотации се поврзуваат со нивните имиња и наново си го градат имиџот. Ова не е таков случај. Јас тука, пред сѐ, го гледам јакнењето на турскиот национализам и ова е само еден од низата потези во целата приказна – објасни хрватскиот експерт за односи со јавност Божо Скоко. Д.М.М.
Поразлично од Турција, но и Македонија може од ОН да побара враќање на старото уставно име
И додека процедурата за промена на имињата на државите во ОН може да се реализира со обично писмо испратено до генералниот секретар, во случајот со Македонија, процедурата за промена на сегашното име со географската одредница и враќање кон старото уставно име „Република Македонија“ бара малку поголем ангажман.
Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, смета дека Македонија треба да се држи исклучиво до почитувањето и стриктната примена на меѓународното право и на тој начин да побара враќање на името, во согласност со меѓународноправните норми, особено сега кога ОН и повеќето земји почнуваат да се повикуваат на негова примена.
– Јас три децении предлагав соодветна тактика, односно да се префрли прашањето за продолжување на членството на БЈРМ/Северна со „Република Македонија“ во Генералното собрание на ОН. Секако, пред да се изнесе предлогот за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, неопходно е да се раскине Преспанскиот договор. Потоа, во Генералното собрание би следело гласање за Резолуцијата за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, со просто мнозинство од присутните и оние што гласаат. Овде нема право на вето – вели професорот Јанев, образложувајќи ја тезата како може да се искористат ОН во борбата за правно враќање на уставното име на државата, со оглед дека процедурата што ја спроведе Турција во нашиот случај е невозможна.
Тој појаснува дека одлуката да се врати името „Република Македонија“ во Генералното собрание на ОН може да помине со просто мнозинство и никој не може да ја спречи.
– Имено, ако резолуцијата се најде во Генералното собрание на ОН, во сала во која да речеме има претставници на 100 држави, од нив ќе бидат потребни 51 глас „за“ со цел предлогот „Република Македонија“ повторно да биде наше уставно име. Во Генералното собрание на ОН никој нема право на вето, сите се еднакви, за разлика од Советот за безбедност, каде што пет членки имаат право на вето – нагласува Јанев. Р.Н.М.