Архива / Фото: Нова Македонија

Датумот на изборите треба да го договорат сите политички партии, а не само две, смета премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска изјави дека работните групи на партиите треба да го договорат терминот за избори и другите детали во врска со нив.

– Датумот на изборите е предмет на дискусија меѓу сите политички партии, а не само на две политички партии. И Изборниот законик и одржувањето на изборите се прави согласно со закон и Устав, согласно со мандати. Оваа година имаме карактеристични избори бидејќи имаме и претседателски и парламентарни избори – рече Ковачевски.

Премиерот не одговори дали изборите би можеле да бидат на 8 мај, како што предлага опозицијата. Рече дека средби меѓу партиите треба да има и дека на нив треба да има општ договор меѓу работните групи на политичките партии, кои треба да разговараат за деталите за изборите.

-Сега зборуваме за детали за изборите. Прашањето за предвремени избори веќе не се на маса – рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Кога ќе бидат договорени деталите, како што рече, јавноста ќе биде информирана.

– Кога ќе биде договорено кога ќе бидат изборите, бидејќи имаме претседателски избори кои треба да се случат во одреден датум и имаме парламентарни избори кои имаат свои рокови кога треба да се одржат, тогаш ќе биде информирана и јавноста. Дотогаш се е на ниво на желби, на ниво на шпекулации, а јас никогаш не шпекулирам ни на ниво на желба, ни на ниво на шпекулација – рече Ковачевски.

Премиерот изрази задоволство од работната група која работеше на измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но забележа дека во неа не учествувала ВМРО-ДПМНЕ со свои претставници.