Фото: Фејсбук/Ангел Џамбаски

Бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски ги повикува Бугарите да го слават Гоце Делчев на други локации како што е Грција (каде што Делчев е роден), пред спомениците на македонскиот револуционер, но и во Бугарија.

– Другари и сограѓани Бугари, без копејци: никој, апсолутно никој, ниту родово определените родители на антибугарскиот македонизам од Коминтерната, ниту нејзините родово одредени чувари во Брисел не можат и нема да ни кажат каде, кога и како ќе го почитуваме бугарскиот народен херој Георги Николов Делчев. Затоа ви предлагам, на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Георги (Гоце) Николов Делчев кој е бугарски учител, револуционер, офицер, војвода, почит да му оддадете во Кукуш, каде што е роден. Градот бил уништен во 1913 година, но сè уште стои црквата на ридот, женски манастир, на одливот кон Кукуш, ова е новиот град. Тоа може да се направи во урнатините на селото Баница, исто така уништено во 1913 година, а камбанаријата на црквата во која првично бил погребан сè уште стои. Во близина на денешното село Орини, Серско. Тоа може да се направи во градот Гоце Делчев, поранешен Неврокоп. Тоа може да се направи во секој бугарски град каде што има споменик, биста, спомен знак, улица посветена на Војвода Гоце Делчев. Ставете по еден цвет. Поклони се. Следете ги поглавјата – напиша Џамбаски.

Тој им се обраќа на Бугарите и им вели: „Почитувајте го Гоце Делчев и сите познати и непознати поддржувачи кои ги дадоа своите животи за бугарска Македонија и каузата за национално обединување. Да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море. Да живее споменот на Бугаринот Гоце Делчев. Да живее Бугарија!“.

Џамбаски не одговори на прашањата од „Макфакс“ дали ќе се обиде да влезе во Македонија за да оддаде почит на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, и покрај тоа што пред една недела најави дека ќе дојде во земјава.

Во видеопорака упатена од Благоевград Џамбаски изјави дека тоа што во моментов се случува на граничните премини со Македонија е апсолутен срам. Во зависност од ситуацијата на границата, тој и останатите симпатизери на бугарското ВМРО, ќе одлучат дали ќе патуваат до Скопје.

Главното одбележување на раѓањето на Гоце Делчев, се одвива во црквата Свети Спас во Скопје. Низа делегации, меѓу кои шефот на државата Стево Пендаровски, опозицијата, Владата, претставници на бугарската Влада, ќе оддадат почит на македонскиот револуционер.