Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројката на заболени од рак на дојка се зголемува, возраста на заболени се намалува! Болеста не треба да биде табу-тема!

Од Американскиот универзитет на Европа – ФОН громогласен емотивен повик, полн со емпатија и поддршка

Во светот, на секои две минути се дијагностицира по една жена заболена од рак на дојка, а статистиките покажуваат дека старосната граница на заболени се намалува и често се случува болеста да се појави и кај жени под 40-годишна возраст. Карциномот на дојка не треба да биде табу-тема. Ова беше истакнато на јавната дебата насловена „Дами, проверете се!“, одржана во организација на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, по повод одбележувањето на октомври како месец посветен на борбата против ракот на дојка. Целта на настанот е зголемување на свеста за превенција, навремена дијагноза, третман и за лекување на болеста, како што соопшти организаторот.
– Во светот, на секои две минути се дијагностицира по една жена заболена од рак на дојка. Од почетокот на овој настан веќе три жени се дијагостицирани со рак на дојка. Ова е силен аргумент дека на оваа тема не треба да зборуваме само во октомври или во март, како меѓународни датуми за одбележување на борбата против канцерот на дојка, туку треба да биде тема на која секојдневно отворено зборуваме и да ја креваме свеста кај жените за прегледување и за рано откривање на канцерот на дојка – истакна заменик-директорката на АУЕ-ФОН, Александра Србиновска-Дончевски, која беше модераторка на дебатата заедно со генералниот директор на универзитетот, Сефер Цаноски.
Министерот за здравство Фатмир Меџити нагласи дека посветено се работи на унапредувањето на овој сегмент на здравството, како и за овозможување на што полесен пристап до превентивните и навремени прегледи, имајќи предвид дека раното откривање на болеста може да спаси живот. Тој посочи дека скрининг-мамографијата е бесплатна за жените и оти годинава се реализирани над 3.000 прегледи.
На дебатата учествуваа и докторите Никола Васев, Јасмина Чабуковскa и Маја Јакимовска, авторката на книгата „Пресек“, Маја Трајковиќ, и водителката Лила Филиповска, како специјална гостинка. Моќни и охрабрувачки пораки упатија и жените што зборуваа за начинот за справувањето со карциномот на дојка, напоменувајќи дека процесот на лекување не е лесен, но оти заболените и нивните најблиски никогаш не треба да се откажуваат. Беше истакнато дека довербата во лекарите, поддршката од најблиските, позитивните мисли и вербата во себе се клучни во процесот на лекување. М.Ж.