Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Северна Македонија. Кина е заинтересирана да работи со Северна Македонија, а земајќи ја 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји како нова почетна точка, да ги здружиме рацете и да го изградиме „Појас и пат“, да овозможиме древниот Пат на свилата да блесне со нова слава во новата ера и да изградиме „појас на развојот“ и „пат на среќата“ за добросостојбата на двете земји и нивните народи. Заедно да се радуваме на визијата за меѓусебна соработка, поврзување и просперитет, да го промовираме градењето заедница со заемна иднина за човештвото и да создадеме подобра иднина за практичната соработка помеѓу Кина и Северна Македонија
Aмбасадорот на НР Кина во Македонија, Џанг Ѕуо, по повод 10-годишнината од иницијативата „Појас и пат“
Оваа година се одбележува 10-годишнината од иницијативата „Појас и пат“ (БРИ), предложена од страна на претседателот Шји Џјинпинг. Третиот форум за меѓународна соработка „Појас и пат“ беше одржан во Пекинг, на 17 и 18 октомври, каде што присуствуваа претставници од 151 земја и 41 меѓународна организација, а се регистрираа повеќе од 10.000 луѓе. На свеченото отворање, претседателот Шји Џјинпинг ги спомена достигнувањата на иницијативата „Појас и пат“ за време на изминатите 10 години, ги сумираше успешните искуства и најави осум активности што Кина ќе ги практикува за поддршка на висококвалитетната соработка на истата таа. Овој настан, каде што присуствуваа илјадници луѓе, отвори ново поглавје во солидарноста и соработката на светот кон модернизацијата и градењето заедница со заемна иднина за човештвото.
Ова е деценија на експанзија на мрежите за соработка „Појас и пат“. Иницијативата „Појас и пат“ се синергизира со развојните стратегии на различни земји и меѓународни и регионални организации. Проширувајќи се од евроазискиот континент до Африка и Латинска Америка, повеќе од 150 земји и повеќе од 30 меѓународни организации потпишаа документи за БРИ-соработка. Воспоставени се мултилатерални платформи за дијалог и соработка на повеќе од 20 полиња, вклучувајќи железници, пристаништа, финансии, енергија и зелен развој.
Ова е деценија на значаен напредок на практичната соработка. БРИ придонесе за олеснување на повеќе од 3.000 проекти, со вкупна инвестиција од еден трилион американски долари и промовираше инфраструктура што ги зајакнува копното, морето, вселената и енергетската мрежа, како и историските проекти, како што се железницата Будимпешта – Белград и пристаништето Пиреја. Сукцесивно завршени и пуштени во употреба се товарните возови Кина – Европа, кои сообраќаат до повеќе од 200 града во 25 земји, и „Патот на свилата и поморскиот транспорт“, кои се преплетуваат и формираат обемна транспортна и логистичка мрежа.
Ова е деценија на заеднички развој за земјите партнери. Соработката „Појас и пат“ го става народот на прво место, ја зголемува вработеноста и ја подобрува егзистенцијата на луѓето. Индустриските паркови, заеднички изградени од страна на Кина и други земји, создадоа 420.000 локални работни места и избавија речиси 40 милиони луѓе од сиромаштија. Светската банка проценува дека до 2030 година се очекува проектите на иницијативата „Појас и пат“ да избават 7,6 милиони луѓе од екстремна сиромаштија и 32 милиони луѓе од умерена сиромаштија.
Кина може да биде добра само кога на светот му оди добро. Кога на Кина ѝ оди добро, на светот ќе му биде уште подобро. БРИ покажува дека кога сите си помагаат едни на други, заедно можеме да изодиме долг пат. Нашиот став е дека можеме да живееме добро и да ги оставиме другите да живеат добро. Она што го практикуваме е меѓусебна поврзаност, заемна бенефиција и реципроцитет. Она што го бараме е заеднички развој и вин-вин соработка. Славното патување од десет години докажува дека БРИ е вистинскиот пат напред.
Во текот на изминатите 10 години, БРИ еволуираше од кинеска иницијатива и кинески план до меѓународен консензус, глобална акција и глобално јавно добро.
Во текот на изминатите 10 години се придржувавме до првичната аспирација за подобрување на поврзаноста, промовиравме практична соработка чекор по чекор, дававме значење на сеопфатните ефекти на инфраструктурните насоки, индустриската агломерација, економскиот раст и подобрувањето на егзистенцијата на луѓето и внесовме нов поттик за економскиот развој на различни земји.
Во текот на изминатите 10 години се придржувавме до решеноста за градење отворена светска економија. Кина е посветена на понатамошно отворање преку соработката „Појас и пат“. Таа го поддржа вистинскиот мултилатерализам, ги промовираше трговијата и либерализацијата на инвестициите, ја зајакна општата економска интеграција и се спротивстави на раздвојувањето и нарушувањето на синџирот на снабдување.
Во текот на изминатите 10 години останавме достојни на нашето залагање за инклузивен развој во духот на хармонија со различностите и врз основа на принципот „заедно планираме, заедно градиме и заедно имаме бенефиции“, со цел достигнување одржлива соработка со висок стандард и со луѓето во центарот.
Претседателот Шји Џјинпинг одржа главен говор на третиот форум за меѓународна соработка „Појас и пат“, разјаснувајќи нова насока, отворајќи нова визија и внесувајќи нов поттик за „Појас и пат“. Во иднина, БРИ сигурно ќе води до поголем успех. Имаме голема доверба, а довербата е поскапоцена од злато.
Нашата доверба произлегува од привлечноста на духот на древниот Пат на свилата, кој се протега на илјадници милји и трае илјадници години. Мирот и соработката, отвореноста и инклузивноста, заемното учење и заемната бенефиција го претставуваат духот на Патот на свилата, чии вредности се најважниот извор на сила за заедничкото градење на „Појас и пат“, кои исто така, се во согласност со духот на соработката што повеќето земји го посакуваат.
Нашата доверба произлегува од меѓународниот консензус за промовирање на поврзаноста. Земјите се економски меѓузависни и меѓусебно се поддржуваат. Ние бараме економска соработка заснована на комплементарни предности и вин-вин соработка. Секој обид за раздвојување или нарушување на глобалниот индустриски и снабдувачки синџир во име на „отстранување на ризиците“ ќе заврши само со „отстранување на можностите“ и ќе донесе само поголеми ризици за светската економија, нанесувајќи им штета на другите, без бенефиција за ниту една страна.
Нашата доверба произлегува од економските потреби на земјите во развој за иницијативата „Појас и пат“, која ги поздравува сите заинтересирани партнери да учествуваат и да се поврзат со сите иницијативи, вистински посветени на поврзување и на заеднички развој, меѓусебно да придонесат за глобалниот развој.
Нашата доверба произлегува од кинеската модернизација. Кинеската модернизација е поттикната од вин-вин соработката, на која со сигурност ќе се потпираме во иднина. Кина е главен трговски партнер на повеќе од 140 земји и региони, рангирана е на првото место во светот во однос на вкупната трговија со стоки, притоа обезбедувајќи широки можности за инвестирање, пазарни можности и можности за соработка за иницијативата „Појас и пат“.
Како што рече претседателот Шји Џјинпинг, „Минатата деценија беше едно патување на посветена соработка и продуктивни резултати. Соработката ’Појас и пат‘ беше предложена од страна на Кина, но нејзините придобивки и можности се наменети да бидат споделени со светот“.
Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Северна Македонија. Кина е заинтересирана да работи со Северна Македонија, а земајќи ја 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји како нова почетна точка, да ги здружиме рацете и да го изградиме „Појас и пат“, да овозможиме древниот Пат на свилата да блесне со нова слава во новата ера и да изградиме „појас на развојот“ и „пат на среќата“ за добросостојбата на двете земји и нивните народи. Заедно да се радуваме на визијата за меѓусебна соработка, поврзување и просперитет, да го промовираме градењето заедница со заемна иднина за човештвото и да создадеме подобра иднина за практичната соработка помеѓу Кина и Северна Македонија.