Фото: Игор Бансколиев

Православните верници во Македонија вчера го прославија празникот Богојавление-Водици, кој се одбележува уште од вториот век. Кристијан Нинески во Скопје и Васко Довлев од Охрид ја имаа најголемата среќа да го дофатат чесниот крст на главните манифестации организирани од МПЦ-ОА

По двегодишни пандемиски рестрикции во масовноста на манифестациите по повод положување на светиот крст во осветените води на Македонија, за христијанскиот празник Богојавление-Водици годинава во целост беше возобновена традицијата на фаќање на крстот насекаде низ земјава. Главните манифестации беа одржани во Охрид и во Скопје, но со еднаква радост и важност беа организирани настани со истата симболика во речиси сите градови и населени места во Македонија.
Богојавление-Водици се одбележа и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот, кои се водат според јулијанскиот календар. На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној што ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити. Во земјава, во согласност со Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
Васко Довлев од охридски Варош имаше најмногу среќа и успеа да го фати чесниот крст во Охрид, кој беше положен во Охридско Езеро. Довлев беше најуспешниот меѓу 400 лица што годинава беа пријавени да го фатат крстот, кој во езерските води го положи митрополитот дебарско-кичевски и плаошки г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со манифестацијата во Охрид.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на чесниот крст. Манифестацијата се одржа на мостот „Слобода“. Одбележувањето почна во 9 часот, со архијерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во која учествуваше и архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан. По завршувањето на литургијата следуваше големо осветување на водите во припратата на црквата.

Потоа архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот „Слобода“. Таму почна церемонијата „Водици“, а архиепископот го положи крстот во реката Вардар. Кристијан Нинески беше најсреќниот меѓу многубројните верници што денеска на Богојавление-Водици скокнаа во реката Вардар и го извади осветениот крст. Нинески досега осум пати учествувал на манифестацијата, а ова е третпат како го фаќа крстот. Тој беше даруван од архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како и од повеќе спонзори на манифестацијата, кои му посакаа добро здравје и многу успеси.
Православните верници во Македонија вчера го прославија празникот Богојавление, кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. Ј.П.