Фото: Игор Бансколиев

Повикувајќи се божем на добрососедството како важен критериум за проширување на Унијата, самата ЕУ ги погазува своите принципи на почитување на суверенитетот и правото на самоопределување и самоименување на државите и практично ѝ дозволува на Бугарија да биде субјективен и обвинител и судија во процената на говорот на омраза во Македонија. Ваквиот контролен механизам, предвиден во т.н. француски предлог, како да се надоврзува на условот за отворање на македонскиот устав за добивање своевидна ексклузивна позиција на Бугарите во него

Францускиот предлог ѝ дава на Софија, врз субјективна основа, да го контролира нашиот јавен дискурс

Спречувањето на говорот на омраза во сите општества се наметнува како предизвик на властите во секоја држава во современиот политички контекст. Но францускиот предлог за Македонија, за жал, ѝ ја дава привилегијата на друга држава, односно на Бугарија, да го контролира јавниот дискурс во македонското општество!? Повикувајќи се на добрососедството како важен критериум за проширување на Унијата, самата ЕУ ги погазува своите принципи на почитување на суверенитетот и правото на самоопределување и самоименување на државите и практично ѝ дозволува на Бугарија да биде субјективен и обвинител и судија во процената на говорот на омраза во Македонија. Ваквиот контролен механизам, предвиден во т.н. француски предлог, како да се надоврзува на условот за отворање на македонскиот устав за добивање своевидна ексклузивна позиција на Бугарите во него. Недвосмислено, ваквите европски преседани што ѝ се даваат на Бугарија за контролирање на процесот на македонските евроинтеграции (кои во Софија се гледаат како можност што не смее да се пропушти) му даваат целосно асимилаторски прерогативи на критериумот за добрососедство во политиката на проширување на ЕУ.
– Во најголемиот документ од т.н. француски предлог за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, односно текстот со предлог-преговарачката рамка, со членовите 47 и 48, на Бугарија ѝ се даваат одврзани раце да го контролира јавниот дискурс во Македонија, и тоа врз субјективна основа.

Овие членови во преговарачката рамка се повикуваат на членот 12 од Договорот за добрососедство од 2017, кој се однесува на работата на историската комисија. На тој начин на бугарската страна ѝ се дава ексклузивитет за субјективност, доколку не ѝ се допаѓаат одредници во македонската историја во учебниците, во нив да препознае говор на омраза и врз таа основа да го блокира процесот на македонските евроинтеграции. На претходниот обид за внесување на историјата како критериум за проширување на Унијата, пред две години, Чешка и Словачка дадоа заедничка изјава дека „ЕУ не може да суди за нашата заедничка историја“. Со членовите 47 и 48 од францускиот предлог за нашата преговарачка рамка, ЕУ прави преседан во однос на сопствените Копенхашки критериуми за проширување, кои Македонија ја ставаат во дискриминира и потчинета улога. Говорот на омраза се крие во овие членови од францускиот или европскиот предлог – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова. Во понатамошните согледувања на предлог-преговарачката рамка, професорката Котлар-Трајкова во овие одредби поврзани со говорот на омраза, препознава и намера да се принуди Македонија да ја фалсификува својата историја, а на тој начин фалсификувањето на историјата станува своевиден критериум на ЕУ за проширувањето.
– Тоа воопшто не е само моја професионална констатација, туку на тоа предупреди и германскиот медиум, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), во напис од декември 2021, кој во условите на Бугарија за одблокирање на ветото за Македонија во ЕУ, препозна барања за фалсификување на историјата. Во еден од заклучоците на текстот на ФАЦ, за барањата за бришење на улогата на Бугарија во окупацијата во Втората светска војна, кажува дека „ако Македонија го прифати тоа, би направила фалсификат на светската историја“. Како некаква иронија и парадокс, сѐ на што беше предупредено како неприфатливо во тој напис на ФАЦ, сега го добивме како „критериуми“ во овој француски предлог – вели Наташа Котлар-Трајкова.
Парадоксалноста на вметнувањето на говорот на омраза како критериум, т.е. контролен механизам за македонските евроинтеграции, е уште поизразена со тоа што воопшто не е оставен простор за некаков реципроцитет.

Иако формално, министерствата за надворешни работи треба да го контролираат (и санкционираат) говорот на омраза во двете земји, македонското МНР, поради асиметричната позиционираност во ЕУ, реално нема можност да го „казни“ говорот на омраза од Бугарија спрема Македонија, кој е нескриен и агресивен не само во бугарските државни институции туку и во институциите на ЕУ.
– Кога станува збор за препознавање и контрола на говорот на омраза во македонско-бугарските односи, како ЕУ ја толкува изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека „македонизмот не смее да влезе во Унијата“? Или отворените негирања на македонската нација, јазик, историја, култура од бугарските европратеници во самите институции на ЕУ? Не препознава ли ЕУ говор на омраза во транспарентите во бугарското собрание со натпис – „Македонија е Бугарија“? Ставањето на контролата на говорот на омраза во предлог-преговарачката рамка е целосно асиметричен критериум на ЕУ за македонските евроинтеграции, со кој на Бугарија практично ѝ се дава улогата на европски полицаец во Македонија. Конечно, Македонија не аплицираше за влез во Бугарија, туку за членство во Европската Унија, а предложената преговарачка рамка ги претвора европските преговори всушност во преговори со Бугарија. Таквите позиции се целосно девалвирање на досегашната вредност на европските критериуми и принципи – вели адвокатот Александар Тортевски.