Германскиот канцелар Олаф Шолц продолжува јавно да се залага за проширување на Европската Унија, односно за прием на земјите од Западен Балкан, за кои истакна дека припаѓаат на ЕУ во неговиот говор на Универзитетот во Прага.
– Тоа проширување е во интерес на ЕУ. Деновиве прашањето е каде ќе биде идната линија на поделба меѓу слободната Европа и неоимперијалната автократија – рече Шолц, нагласувајќи дека во ЕУ припаѓаат земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија, како и Грузија во иднина.
Поддршката на процесот на пристапување во ЕУ на шесте земји од регионот на Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија, беше истакната меѓу приоритетите на политиката на Шолц по неговото заземање на функцијата на германски канцелар.
Тој во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција во февруари рече дека кога зборува за ЕУ, мисли и на земјите од Западен Балкан.
– Не е доволно да се зборува за перспективата за проширување на Унијата во тој регион како стратешка цел. Тоа мора активно да го поттикнуваме – категоричен беше германскиот канцелар.
Шолц при посетата на Скопје во јуни, Шолц порача дека Македонија ги исполнила сите предуслови и оти лично ќе се заложи да дојде до следниот чекор во евроинтеграциите на земјава.
– Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската Унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Македонија. ЕУ кон Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговор – рече Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата во Скопје.
Пред неодамнешниот самит во ЕУ, Шолц во Брисел кажа дека од најголема важност е земјите од Западен Балкан да добијат веродостојно ветување оти ќе им се даде можност да влезат во ЕУ, по 20 години давање европска перспектива. Германскиот лидер беше категоричен и пред Бундестагот каде што кажа дека ЕУ мора да даде зелено светло за Македонија и Албанија.
Во говорот „Европа е нашата иднина“, Шолц денес се залагаше за сеопфатни реформи на ЕУ, нагласувајќи дека е потребно донесување одлуки од страна на мнозинството, посилна соработка во одбраната и казни за кршење на владеењето на правото, се со цел да се подготви за прием. на нови членови. Тој смета дека ЕУ треба да носи одлуки за надворешната и даночната политика врз основа на мнозинско гласање.