Голема анализа за Ал Каеда по повод годишнината од терористичките напади врз САД од 11 септември 2001 година
- По рушењето на кулите близначки продолжи антитерористичката војна. Што остана денес од мрежата на Осама бин Ладен?
На 11 септември 2001 година, Ал Каеда го изведе нападот што го промени светот. Четири киднапирани патнички авиони беа претворени во најсмртоносното терористичко оружје. Два удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, еден во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија по отпорот на патниците. Загинаа 2.976 луѓе, без 19-те киднапери терористи.
Дваесет и пет години подоцна, прашањето веќе е дали Ал Каеда сѐ уште постои, дали е истата организација како во 2001 година и дали со ликвидирањето на нејзините лидери таа сѐ уште функционира во некија друга форма и облик? И ако таа сѐ уште постои, дали нејзината трансформација значи пораз или успешна адаптација?!
Од новинарски аспект, одговорот содржан во најновите разузнавачки и аналитички процени е сложен. Зошто? Накусо, поради тоа што нејзиното централно јадро е значително ослабено, но нејзините регионални ограноци се многу посилни отколку што би можело да се заклучи од исчезнувањето на нејзините најпознати лидери. И токму тука лежи парадоксот на 25-годишната војна против оваа терористичка организација, ако веќе може да се нарече така. „Ал каеда“ повеќе не изгледа како една организација. Изгледа како мрежа. И токму затоа е потешко целосно да се победи.
Бин Ладен и Завахири се ликвидирани, но организацијата не е
За потсетување, Осама бин Ладен беше убиен во Пакистан во 2011 година. Неговиот наследник Ајман ал Завахири беше ликвидиран во американски напад во Кабул во 2022 година. По Завахири, Ал Каеда дури и не прогласи официјално нов лидер. Според последните извештаи на мониторинг-тимот на Советот за безбедност на ОН, египетскиот ветеран Сајф ал Адл и натаму се смета де факто за лидер, но неговата позиција е невообичаена. Имено, „лидерството е кохезивно, но изолирано“, а според истите разузнавачки извори, „постои и незадоволство во самата организација од неговото раководење“.
Значи, безбедносните служби регистрираат значајна промена во функционирањето на организацијата. Ал Каеда од времето на Бин Ладен имаше харизматичен лидер, јасна хиерархија и субординација, а и амбиција да организира глобални операции од еден центар. Денес центарот е многу послаб. Но од друга страна „периферијата на организацијата“ е посилна. Што „во превод“ би значело ова?
Новата Ал Каеда: Помалку „централа“, повеќе „франшиза“
Американската разузнавачка заедница проценува дека Ал Каеда денес има меѓу 15.000 и 28.000 припадници низ светот. Истата процена укажува дека Африка станала главно жариште на глобалното сунитско џихадистичко движење и дека токму таму се наоѓаат некои од најголемите и најнасилни ограноци. Тоа е суштината на нејзината трансформација. Наместо една огромна централизирана формација, организирана од Авганистан, Ал Каеда денес има регионални организации што ги користат локалните конфликти, сиромаштијата, етничките тензии, слабите државни институции и безвластието. Централата дава идеологија и секако, стекнатиот „бренд“. Огранокот обезбедува борци, пари, територија и локални сојузници. Ова ја прави организацијата помалку спектакуларна од 2001 година, но потенцијално поотпорна.
Африка е новото поле за акции на Ал Каеда
Најголемата промена во последните 25 години се случи во Африка. Според шведскиот истражувачки институт ФОИ (FOI), африканските џихадистички организации во Сахел (појас во Африка, јужно од пустината Сахара што се протега од Атлантски Океан до Црвено Море), Сомалија и басенот на езерото Чад, денес сочинуваат најголем дел од глобалните џихадистички напади и жртви. Тие не само што се шират географски туку развиваат подобри борбени способности, финансиски системи и структури на локално управување. Најважниот пример е Џамаат Нусрат ал Ислам вал Муслимин – (ЏНИМ), сојуз на организации поврзани со Ал Каеда во Сахел. Денес нејзиното дејствување ги опфаќа пред сè Мали, Буркина Фасо и Нигер, но притисокот се шири и кон крајбрежните држави на Западна Африка. Во најновите извештаи на ОН се констатира дека ЏНИМ продолжува да ја проширува територијата под своја контрола. Групата не дејствува само како терористичка мрежа. Таа се обидува да влијае врз патиштата, трговијата, снабдувањето со гориво и локалните економии. Во август 2026 година, „Ројтерс“, повикувајќи се на нови информации од ОН, објави дека ЏНИМ располага со околу 7.000-8.000 борци, а дека откуп од околу 50 милиони долар платен за ослободување заложници во Мали бил искористен за финансирање на нејзините операции и пошироката мрежа на Ал Каеда. Тоа е една од најважните слики за денешна Ал Каеда. Нејзината моќ не се мери само со бројот на напади туку и со способноста да собира пари, да контролира територија и да ја поткопува државата.
Државата Мали во Африка како предупредување
Сахел денес е лабораторија за новиот модел на Ал Каеда. Џамаат Нусрат ал Ислам вал Муслимин (ЏНИМ) има капацитет да напаѓа помали воени единици, да блокира патишта, да киднапира луѓе, да собира „даноци“ и да ја користи слабоста на државата за да создаде сопствена мрежа на влијание. Во 2026 година групата изведе големи операции во Мали, вклучително и напади врз Бамако и други стратешки локации. ОН и регионалните аналитичари предупредуваат дека ЏНИМ продолжува да ја шири својата оперативна географија кон југ. Тоа е далеку од сликата на Ал Каеда како група скриена во пештери. Денешните ограноци се многу повеќе локални бунтовнички и криминално-финансиски структури со глобална идеологија.
Сомалија: Ал Шабаб како „држава во сенка“
Втората голема алка е терористичката група Ал Шабаб во Сомалија. Групата е лојална на Ал Каеда и уште во 2012 година и останува една од нејзините најзначајни „филијали“. И покрај годините воени операции, Ал Шабаб не е уништен. Напротив, тој успева да одржува контрола или влијание врз големи рурални области, да собира приходи од населението и бизнисите и да изведува сложени напади. Американскиот Стејт департмент проценуваше дека групата има илјадници борци и способност да собира значителни финансиски средства. Во извештај на ОН од 2025 година се наведува дека процените за годишните приходи на Ал Шабаб се движеле меѓу 100 и 200 милиони долари. Групата користи изнудување, наплата на такси и други извори за да го финансира својот апарат.
Ал Каеда на Арапскиот Полуостров
Ал Каеда на Арапскиот Полуостров (АКАП) е значително ослабена во споредба со периодот кога ја водеше Анвар ал Авлаки и кога организацијата можеше да организира операции со глобален досег. Но таа не исчезна. Независната истражувачка организација/база на податоци што следи политичко насилство, оружени конфликти и протести низ светот – АЦЛЕД, проценува дека во првите седум месеци од 2026 година активноста на АКАП опаднала за околу 70 проценти во споредба со истиот период од 2025 година. Сепак, групата и понатаму располага со околу 2.000 борци и задржува способност за смртоносни напади, особено во тешко достапните области на Јемен. Ова е важна лекција за процената на терористичката закана: помал број напади не значи автоматски исчезнување на опасноста. АКАП може да чека подобар момент, да се прегрупира, да регрутира и повторно да се активира кога политичките и безбедносните услови ќе се променат.
Случајот „Пенсакола“ е доказ дека Америка сè уште е на картата на Ал Каеда
Од 11 септември 2001 година, Ал Каеда не успеа да повтори напад од такви размери на американско тло. Но нејзината способност да инспирира, да поттикнува, да помага или да олеснува напади, не исчезна. За потсетување, на 6 декември 2019 година саудиски офицер на обука во поморската воздухопловна база „Пенсакола“ на Флорида уби тројца американски морнари и рани осум лица.
Подоцнежната истрага на ФБИ покажа дека напаѓачот имал значајни врски со Ал Каеда на Арапскиот Полуостров уште пред да пристигне во САД. Тоа не беше нов 11 септември, но беше предупредување дека Ал Каеда може сѐ уште да дејствува на американско тло.
Најголемата промена во терористичката закана од Ал Каеда е преку онлајн компонентата
Ова е можеби најголемата промена во терористичката закана. Во 2001 година Ал Каеда мораше да обучува луѓе, да ги префрла преку граници, да обезбедува документи, пари, станови и логистика. Денес дел од тие функции може да ги преземе интернетот. Американската разузнавачка заедница предупредува дека значителен дел од спречените исламистички заговори во САД во 2025 година имале т.н. онлајн компонента. Во исто време, новите процени на ОН предупредуваат дека терористичките организации сè повеќе ги користат комерцијалните сателитски комуникации и вештачката интелигенција.
Актуелната слабост на Ал Каеда
Ал Каеда веќе не е толку моќна. Централното раководство е слабо. Нема јавно прогласен наследник на Завахири. Постои незадоволство околу Сајф ал Адл. А регионалните ограноци стануваат сè посамостојни. Тоа создава парадокс. Колку се посилни ограноците, толку е послаба централата. Во извештаите на ОН се забележува дека регионалните филијали во голема мера дејствуваат автономно и ги приспособуваат своите пораки кон локалните конфликти. Тоа е ефикасно за преживување, но создава проблем за глобалната команда. Ал Каеда од 2001 година можеше да замислува глобална операција. Ал Каеда од 2026 година повеќе личи на лабава конфедерација на регионални бунтовнички организации.
Преместувањето на тежиштето кон Африка ја направи Ал Каеда поотпорна, но истовремено ја направи зависна од локални услови. ЏНИМ не е Авганистан, а Ал Шабаб не е Јемен. АКАП не е Сахел. Секоја од овие организации има свои интереси, непријатели и локални сојузи. Тие се поврзани со Ал Каеда, но не се едно исто. Затоа е погрешно да се каже дека денес „Ал Каеда контролира“ некоја огромна територија. Попрецизно е да се каже дека Ал Каеда успеала да изгради мрежа од регионални организации што во некои држави имаат капацитет да се натпреваруваат со самата држава. Затоа, во буквалната форма – напад од размерите на 11 септември – денес е многу потешко да се организира. Безбедносните служби се значително подобро поврзани. Воздухопловната безбедност е радикално изменета. Размената на разузнавачки информации е неспоредливо поголема. Но тоа не значи дека ризикот е доведен до „нула“. Најновата американска процена предупредува дека Ал Каеда и Исламската држава остануваат меѓу најголемите закани за американските интереси во делови од Африка, Блискиот Исток и Јужна Азија. Советот за надворешни односи истовремено предупредува дека денешната терористичка закана е многу посложена од онаа од 2001 година, поради тоа што покрај старите организации постојат филијали, мали мрежи и поединци, а новите технологии, од дронови до социјални мрежи, отвораат нови можности за терористичко дејствување. Затоа најверојатното сценарио не мора да биде „нов 11 септември“. Може да биде серија помали, поевтини и потешко предвидливи напади. И токму тоа може да биде посериозен безбедносен проблем на долг рок. Р.С.
Дали Ал Каеда ја постигна целта на Бин Ладен?
Наши соговорници, универзитетски професори на Факултетот за безбедност во брифингот со нашиот новинарски тим, ни одговорија на ова прашање: Ова е многу контроверзното прашање и повеќеслојно. Имено, Бин Ладен сакаше да ги вовлече САД во долги и скапи војни, да ги ослаби економски и политички и да ги натера да се повлечат од муслиманскиот свет. Од еден агол, може да се каже дека дел од неговата стратегија успеа. САД потрошија огромни средства на војните во Авганистан и Ирак и на пошироката „војна против теророт“. На пример, според процена на наши колеги од Универзитетот „Браун“ од 2021 година, цената на американските војни по 11 септември и на поврзаните операции со нив, е околу осум билиони долари! Но од друг агол, стратешката цел на Ал Каеда не е постигната! САД не беа принудени да ја напуштат својата доктрина за водење на светската политика и меѓународни односи. Американската држава не се распадна, како што Ал Каеда ја декларираше својата крајна ултимативна цел. Потоа, Ал Каеда не создаде „глобален исламски калифат“. Напротив, нејзината идеолошка конкуренција – Исламската држава, подоцна се појави како уште порадикална и во одреден период многу повидлива сила. Во тој контекст, да споменеме дека токму затоа и денес постои спор меѓу безбедносните експерти. Едни во Ал Каеда гледаат организација што не успеала во главната стратегиска цел. Други гледаат организација што преживеала нешто што речиси ниту една терористичка организација не би го преживеала, а тоа е масовна глобална војна насочена директно кон нејзино уништување. Сега, најголемата опасност е дека, додека светот гледа кон други кризи, во некој слаб и заборавен дел од светот повторно ќе се создадат условите што пред 25 години му овозможија на еден мал број луѓе да ја променат историјата. На 11 септември 2001 година, Ал Каеда го покажа својот максимум. На 11 септември 2026 година, светот треба да ја разбере нејзината нова форма, велат нашите соговорници, експерти од областа на безбедноста и борба против тероризмот. Р.С.
Ал Каеда во 2026 година
- Од 15.000 до 28.000 припадници низ светот
- Толку се проценува бројот на припадници на Ал Каеда и на нејзините поврзани структури. За споредба со 2001 година, денес тие не се концентрирани околу една централна база, туку се распрснати низ повеќе регионални ограноци. Африка е главното жариште на мрежата.
- Од 7.000 до 8.000 борци на ЏНИМ во Сахел
Џамаат Нусрат ал Ислам вал Муслимин (ЏНИМ), коалицијата на Ал Каеда во Сахел, е меѓу најсилните ограноци на организацијата. Нејзините структури дејствуваат во Мали, Буркина Фасо и во Нигер, а притисокот се шири и кон Бенин и Того. Според ОН, околу половина од борците се наоѓаат во Мали.
- Околу 2.000 борци на АКАП во Јемен (Ал Каеда на Арапскиот Полуостров,
огранок на Ал Каеда, активен главно во Јемен)
Ал Каеда на Арапскиот Полуостров е ослабена во однос на периодот кога беше една од најопасните филијали на мрежата, но не е елиминирана. Нејзината важност е особено голема затоа што токму АКАП повторно покажува амбиција да има поголема идеолошка и оперативна улога во глобалната мрежа на Ал Каеда.
- Од 100 до 200 милиони долари годишни приходи































