Емануел Макрон, како домаќин на самитот на земјите од групата МЕД7 (Португалија, Шпанија, Франција, Италија, Грција, Кипар и Малта), одржан во средината на септември на Корзика, упати остри критики кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поради неговата политика во источното Средоземје. Тој ги повика земјите од регионот и ЕУ како целина да ѝ упатат цврст заеднички одговор на Анкара „и да ја вратат на местото каде што припаѓа.“ Анкара одговори брзо и остро до Макрон дека „зборовите на францускиот претседател звучат како рефлекс на поранешен колонизатор, кој од позиција на ароганција сака да ги учи другите за тоа како треба да постапуваат“

Анализа за турско-европските односи

Зборовите на Макрон на самитот на земјите од групата МЕД7, одржан во средината на септември на Корзика, кога тој ги повика земјите од регионот и ЕУ како целина да ѝ упатат цврст заеднички одговор на Анкара „и да ја вратат на местото каде што припаѓа, се чини дека ја изгубија својата доскорешна моќ. Доказ за тоа е и фактот дека ниту една од другите шест членки на МЕД7 не сакаше да го послуша неговиот предлог за исцртување „црвена линија“ во однос на турската политика, за запирање на нејзините „провокации“ на истокот на Средоземјето. Но Макрон за истата работа има многу поголем проблем.

Ангела Меркел не го дели ставот
на Макрон за Турција

Макрон се соочува со многу поголем проблем од овој – ниту Германија, на чело со Меркел, не сака заострување на воената дипломатија кон Анкара, туку само на онаа политичката – имено, оваа држава смета дека проблемите во регионот мора да се решаваат исклучиво по пат на разговор. Берлин, кој во моментов претседава со Унијата, која, пак, и без Турција е достаточно оптоварена со внатрешни и надворешни проблеми, не сака да ризикува дополнително заострување на односите со Анкара, бидејќи е свесен за силата на повеќемилионската турска дијаспора во Германија, но и за можната турска манипулација со бегалската криза, нешто што може да заврши со комплетен хаос. Доволно е да се погледне што неодамна се случи за само неколку часа на грчкиот остров Лезбос, на кој се наоѓаше најголемиот центар за прифаќање бегалци на територијата на ЕУ. Сѐ изгоре во виорот на пожарот, кој, најверојатно, беше подметнат, а 12.800 бегалци, вклучувајќи жени и деца, додека да трепнеш останаа без покрив (шатор) над главите. Настана голема паника во Грција и во политичките структури на ЕУ, а одлуките за тоа што да се прави со луѓето мораа да се носат „од нога“ – значи, без никаква претходно подготвена стратегија. Неколку земји, меѓу кои и Германија, одлучија да прифатат мигранти од опожарениот бегалски камп на Лезбос. Впрочем, што се тринаесетина илјади мигранти и бегалци во споредба со милионите луѓе што ја чекаат својата шанса за влез во Унијата – било од турска територија или преку други, добро утврдени средоземни маршрути?
Оттука, на претстојниот самит во врска со „турскиот проблем“, тешко дека ЕУ ќе се реши за нешто повеќе од лабави санкции против Анкара, пред сѐ, против одредени пониски државни службеници и турски компании, вклучени во бизнис со истражување за нафта и гас во спорните води на источниот Медитеран, се вели во анализата на „Геополитика“.

Кого би го поддржало НАТО кога и Грција и Турција се негови членки?

За работите да бидат јасни, треба да се каже дека тука се работи за високоризична криза помеѓу Грција и Кипар од една и Турција од друга страна – поврзана со територијални разграничувања во тамошните води, што во основа е тешко решлив проблем, како од аспект на меѓународното право, така и поради севкупните историски околности, кои често резултираат со неправедни решенија или со поделба на пленот (територијата) меѓу воените победници, а на сметка на поразените.
Во конкретниов случај, проблемот е уште поголем, бидејќи се работи за две членки на ЕУ (Грција и Кипар) и две членки на НАТО (Грција и Турција). Следствено, одлуката за решителна поддршка за една од страните, поради која другата страна нема да се почувствува предадена, за САД и ЕУ претставува голем проблем. Јасно е и зошто – овие држави не се членки на ЕУ само формално, ниту пак се членки на НАТО само за да војуваат за некого и некаде. Сите тие, во склоп на интегративните процеси, првенствено сакаат да ги остварат и заштитат своите витални интереси. Ако не можат да го добијат тоа, тогаш не им требаат ни ЕУ ни НАТО.
За комплексноста на ситуацијата сведочи и фактот дека Франција и Италија добија право (концесија) за експлоатација на кипарските гасни наоѓалишта, токму оние за кои Анкара го оспорува правото на истражување и експлоатација. Малку е веројатно дека таа ќе се откаже од нив, впрочем, исто како и Никозија, Париз и Рим.

Меѓутоа, агресивната турска политика во однос на ова прашање јасно ја дефинира стратегијата на Ердоган за идна енергетска безбедност и независност на Турција, така што сите инволвирани страни ќе мора да бидат исклучително претпазливи и да водат сметка за ова. Се чини дека тие веќе почнаа да ја сфаќаат и прифаќаат реалноста на состојбите, што е добро, бидејќи во спротивен случај, сето ова би можело да резултира со војна, која, веднаш да биде јасно, никој од спомнатите главни и помалку главни играчи не ја сака.
Со оглед на тоа дека оваа криза не може да биде решена на начин што ќе ги задоволи сите вклучени страни (нејзиното решение евентуално би можело да се одложи за некои подобри идни времиња, но и оваа опција е малку веројатна), таа има потенцијал да стане многу опасна. Згора на тоа, се заканува и со понатамошно созревање и ескалација, сѐ до степен кога тешко ќе може да се контролира. Истовремено, во услови на нефункционирање на меѓународните безбедносни механизми, Брисел и Вашингтон веќе немаат можности за наметнување на своите решенија како обврзувачки за другите држави, дури ни кога се работи за оние регионалните, а камоли за оние со големо глобално значење. Во последно време, токму една од оние вторите многу активно се вклучува во играта.

Руското мешање дополнително го зоврива Медитеранот

Руската поморска флота неодамна почна да изведува воени вежби околу подрачјето на островот Кипар, каде што планира да изведува и боеви стрелби. Вежбата траеше од 8 до 25 септември, при што треба да нагласиме дека во оваа зона, поморски и копнени вежби изведува и Турција, заедно со војниците на меѓународно непризнаената (освен од страна на Анкара) Турска Република Северен Кипар. Претходно во тоа подрачје (поточно, во областа на грчкиот остров Крит) заеднички вежби одржаа и грчките, кипарските, француските и италијанските поморски сили. Голем број западни, па и турски медиуми, побрзаа со констатацијата дека Русија со овој потег ја поддржува Турција. Москва уште од 2018 година спроведува воени вежби во источниот дел на Средоземјето, кои првенствено имаат врска со руската воена интервенција во Сирија. Оттука овие вежби треба да се сметаат повеќе како јасен сигнал од Москва за засилен ангажман во одбрана на сопствените интереси во овој дел на светот, отколку како некаков сигнал за „руска поддршка на Турција“ – иако, се разбира дека и тоа не е исклучено.
Во интервју за кипарскиот весник „Филелефтерос“, рускиот шеф на дипломатијата изјави дека јакнењето на руско-турската соработка нема да влијае на дијалогот помеѓу Москва и Никозија. Во светло на двете споменати тези за причините за руските поморски вежби на ова чувствително место и токму во ова време, изјавата на Сергеј Лавров може да се толкува како многу двосмислена.

Моментот за акција во Медитеранот е планирано темпиран

Анкара одбра совршен момент за операционализација на своите геополитички (во конкретниов случај енергетски) амбиции во регионот. Имено, глобалното влијание на источните центри на моќ – Москва и Пекинг – постојано расте, а тука е и почетокот на новата американска надворешнополитичка стратегија (пред сѐ онаа во однос на Блискиот Исток) од страна на администрацијата на Трамп, чија цел е откажување од улогата на „светски полицаец“, односно намалување на американското воено присуство, а со тоа и на неговото директно влијание. Вашингтон сака да им ја препушти оваа улога на регионалните играчи кои му се лојални, зашто на тој начин ќе ги намали своите трошоци, но и залудното губење животи на своите војници. Трамп досегашниот воен ангажман на својата држава го нарекува „бесконечни американски војни“, за кои смета дека не довеле до никакви геополитички успеси – пример за тоа е јакнењето на глобалното влијание на Русија и Кина, кои воопшто не водат вакви „бесконечни војни“.
Свесна за меѓународноправните ограничувања, Турција бара ревизија на, според неа, неправедните територијални решенија, и тоа по пат на билатерални преговори со Грција, при што апелира Грција да погледне кон иднината и да покаже разбирање за проблемот со кој е соочена Анкара. Турција, токму поради опасноста да стане „затвореник на меѓународното право“, никогаш не ја потпиша Меѓународната конвенција за морски права, која се однесува на разграничување на ексклузивната економска зона.

Ова е донекаде разбирливо, имајќи предвид дека Грција има дури 3.000 острови во Егејско Море – голем дел од нив се само неколку километри оддалечени од турското копно. Турција има само три острови. Со проширувањето на својата ексклузивна економска зона (како што најавува и на што, меѓународноправно гледано, има право) од 6 на 12 морски милји, Грција би загосподарила со три четвртини од Егејско Море, а турските бродови и нивните поморски амбиции поврзани со енергетски истражувања – фигуративно речено – би биле сведени на нула.
Сепак, Атина цврсто се држи до меѓународното право и не сака билатерални разговори за овие прашања (онака како што посакува Анкара), па затоа Турците решија да заиграат погрубо. И тие одбраа совршено време, сметајќи дека е дојден решавачкиот момент, имајќи ги предвид падот на западниот монопол во регионот и големите меѓусебни оспорувања на клучните западни сили, кои во блискоисточниот и средоземниот регион често имаат и спротивставени интереси. Наедно, Анкара може да ја зацврсти својата позиција на меѓународната сцена со комбинација на „мека“ и „тврда“ сила.
Американскиот претседател Доналд Трамп има слух за одредени турски ставови и потези (освен за оние што се противат на израелските, пред сѐ енергетски интереси), како што се турските воени активности на либиско тло (заради што директно се конфронтира со интересите на Париз), кои до пред десетина години беа едноставно незамисливи. Турција војуваше само на повик и во склоп на коалицијата на силите на НАТО, а самостојно многу ретко, па дури и тогаш со претходна дозвола од страна на Западот. Сега, Турција го прави тоа каде и кога сака, користејќи директни индивидуални воени операции, а првпат и географски далеку од својата матична територија – во Либија (секако, дозирано, со помош во воена техника и воени инструктори за владините сили во Триполи, како и со носење на борци платеници, главно од сирискиот регион Идлиб, но и од Тунис и други делови на Африка, со финансиска поддршка од својот најголем арапски сојузник, Катар).

Турција се чувствува доволно моќна на економски план, додека на воен план поседува огромен потенцијал, со оглед на сѐ посилната домашна воена индустрија, вклучително и онаа што се занимава со специфични и сложени високотехнолошки алатки, како на пример производство на современи и скапи беспилотни летала (дронови). Покрај тоа, оваа држава тежнее да стане и голем извозник на оружје. Во меѓувреме, таа не се двоуми да набави софистицирано ракетно вооружување од Русија, а доколку е потребно, утре и од Кина.

Турција со значителна предност во однос на клучните регионални играчи

Сево ова, во комбинација со исклучително вешто водената надворешна политика и способните аналитички експерти, како и центрите во кои се разработуваат најразлични стратегии и можните реакции на нив од страна на надворешните сили, ѝ дава на Турција значителна предност во однос на останатите клучни регионални играчи – нејзините конкуренти.
Никогаш во поновата историја на Турција немало толкаво турско воено присуство надвор од нејзините граници и толкаво турско влијание врз воените конфликти, како што се случи по отстранувањето на турските офицери од структурите на политичката власт во земјата – дело на претседателот Таип Реџеп Ердоган. Генерално кажано, актуелната мапа на турското воено дејствување и влијание се протега од Балканот до Авганистан и назад до Северна Африка. Се разбира дека ваквото нешто не може да биде случајност, туку плод на длабоко осмислена стратегија и стручно водена политика, со јасна цел – Турција да добие статус на (во најмала рака) регионална политичка сила и да ги реализира отворените амбиции за прераснување во глобална сила, каква што таа – во форма на Отоманско Царство – со векови и беше.
Овие амбиции не би требало никој да ги потцени или да ги сфати несериозно, а најмалку што треба е да им се потсмеваме на оние што укажуваат на нив. Зашто, само во последниве неколку години, се сменија многу работи и се случија многу незамисливи нешта.