Премиерот, Олилвер Спасовски, денеска изјави дека изборите ќе се одржат, а на лидерската средба во вторник на 12 мај ќе стане збор за датумот, кој сепак ќе зависи од развојот на кризата со коронавирусот.

Оваа одлука, како што истакна Спасовски, пред се ќе се базира на интересите на државата и на граѓаните, и ќе биде детерминирана од развојот на здравствената криза, а не од политичките интереси.

Спасовски одговарајќи на новинарски прашања истакна дека одлуката за датумот на изборите, ќе треба да се донесе врз основа на стручните анализи на Комисијата за заразни болести.

– Не знам дали јуни е идеално време за да се одржат парламентарните избори. Сепак, поради најавите дека е можно да се врати оваа криза уште еднаш после септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно побрзо, имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции кои ќе можат да носат одлуки за сите прашања кои се во интерес на граѓаните – посочи Спасовски.


ИВЗ да ја преиспита одлуката за отворање на џамиите, МПЦ да се однесува сериозно

Спасовски побара од Исламската верска заедница (ИВЗ) да ја приспира одлуката за отворање на џамиите на 12 мај, а од МПЦ да се однесува сериозно.

Тој во одговор на новинарско пеашање кажа дека верските заедници треба да ги почитуваат одлуките на Владата и дека нема организација, без разлика дали е верска, политичка, или поединец кој не треба да ги почитува одлуките.

– Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука во делот на отворањето на џамиите, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ да се однесува сериозно заради тоа што направи низа на пропусти во изминатиот период – изјави Спасовски.

Премиерот додаде дека одлуките кои ги носи Владата се за доброто на здравјето на граѓаните и не станува збор за политика.