Заев и Брнабиќ се сретнаа во Охрид

Претседателот на Владата, Зоран Заев, на маргините на „Преспа форум за дијалог“ што се одржува во Охрид, денеска се сретна со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Соговорниците на средбата го оценија како исклучително значаен моментот на воведување бесплатен роаминг за граѓаните од земјите во регионот, нагласувајќи дека следен чекор е оваа неограничена можност за поврзување да се обезбеди и со земјите членки на ЕУ.

Заев и Брнабиќ се согласија дека настанот во Охрид организиран по повод три години од Договорот од Преспа го слави успехот на дијалогот и го подобрува имиџот на Балканот.

Србија и Македонија, нагласија претседателите на Владите на двете земји, негуваат исклучително блиски односи и меѓу државите, и меѓу народите, и меѓу владите, и во таа насока се договорија да се интензивираат активностите за отворање на Македонски културен центар во Србија и Српски културен центар во Македонија.

Следниот исклучително важен аспект што ги прави блиски двете земји е нивната огромна посветеност на унапредување на регионалната соработка со фокус на економската агенда.

На средбата беше договорено итно да се обезбедат сите услови за целосна функционалност на „Оне Стоп Шоп“ системот за контрола на границата за граѓаните од двете земји, кој беше забавен поради околностите кои ги наметна пандемијата.