Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мобилните оператори веќе имаат објавено јавни информации за условите за користење на роамингот, во кои посочуваат како се користи оваа услуга и колку се наплаќа. Но искуствата на корисниците што барале одговор од своите оператори се различни, најчесто дефинирани како неодредено, што им остава простор за сомнежи. Надлежните институции за регулација се децидни дека правилата се јасни и операторите мора да ги спроведуваат. Останаа ли нејаснотии за корисниците?

Роамингот укинат, но низа нејаснотии
за корисниците сѐ уште актуелни

Можат ли македонските граѓани да бидат сигурни дека со бесплатниот роаминг, ќе добијат бесплатни услуги или пак, по враќањето дома, ќе се соочат со високи телефонски и интернет-сметки и процедури за докажување кој бил во право? Оваа дилема сѐ уште е нејасна, иако веќе пет дена функционира договорениот бесплатен роаминг во земјите од Западен Балкан.
Мобилните оператори веќе имаат објавено јавни информации за условите за користење на роамингот, во кои посочуваат како се користи оваа услуга и колку се наплаќа. Но искуствата на корисниците што барале одговор од своите оператори се различни, најчесто дефинирани како неодредено, што им остава простор за сомнежи. Надлежните институции за регулација се децидни дека правилата се јасни и операторите мора да ги спроведуваат.
Марјан Пејовски, раководител на одделение за анализа на пазари во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), вели дека онака како што се користи мобилниот телефон тука, истите услови важат и за другите земји.
Сепак, посочува дека тоа не значи дека услугите надвор се бесплатни и неограничени.
– Ако сте на постпејд, имате вклучено неограничени минути за разговор и СМС и имате некое количество интернет, тогаш минутите и СМС нема да се наплаќаат, а цената на потрошениот интернет се пресметува според одредена формула. На пример, за месечна претплата за интернет од 600 денари, би имале два или два и пол гибабајти интернет надвор од земјава. Но тоа треба да го видите кај вашиот оператор. Ако сте на припејд и пет денари ве чини повик, исто толку ќе биде и таму. Ако плаќате за интернет еден денар по мегабајт, исто толку ќе биде и надвор од земјава – посочува тој.

„Роаминг како дома“ започна да се применува од 1 јули, во согласност со спогодбата што е потпишана од државите од Западен Балкан во 2019 година. Оттогаш досега имаше скалесто намалување на цените на сите услуги во роаминг во другите држави од Западен Балкан.
Со овој режим на наплата се опфатени сите услуги: говор, СМС и интернет. При користењето на услугите во роаминг во државите на Западен Балкан ќе се има предвид и политиката на фер користење. Накратко, тоа би значело дека разговорите и користењето на интернетот би биле бесплатни во согласност со правилникот за фер користење. Со роаминг-услугите во земјите на Западен Балкан корисниците ќе имаат право да ги користат услугите вклучени во нивните тарифни модели, тарифирани под истите услови како „дома“, сѐ до нивното искористување (разговор/ СМС).

Операторот одредува колку ќе имате бесплатен интернет

Од АЕК велат дека тарифата за сурфање на интернет додека се престојува во овие земји каде што се укинува роамингот, ќе остане иста како и домашната.
Тоа значи дека во зависност од тоа каков интернет-пакет имате со својот провајдер во Македонија, по таа тарифа ќе ви се наплаќа и сурфањето во земјите од Западен Балкан.
– Интернетот ќе се наплаќа по тарифа од пакетот што го имате тука. Ако имате пакет од 20 гига интернет и го надминете, како што тука во Македонија би ви наплатиле дополнително, така и во овие земји со кои е склучен овој договор -велат од АЕК.
Мобилниот интернет ќе биде бесплатен до моментот на искористување на точно определеното количество пресметано од страна на операторот, во согласност со правилата за фер користење, а во зависност од претплатата што ја плаќа корисникот. На веб-страницата на операторот треба да има детални информации за количеството на интернет што му следува на корисникот што е на роаминг во земјите опфатени со овој договор.
Од АЕК велат дека важат механизмите за заштита од АЕК, при достигнат висок износ во роаминг, односно при достигнат трошок од 1.000 денари (со ДДВ) мобилниот интернет се деактивира, по што е неопходна реактивација, а при достигнат трошок од 3.000 денари (со ДДВ), нема да бидете деактивирани.

Операторите мора да го почитуваат договорот

Регионалниот совет за соработка (РСС) предупредува дека Регионалниот договор за роаминг на Западен Балкан е јасен и дека трошоците за роаминг од 1 јули годинава треба да бидат 0, односно да нема трошоци за роаминг.
– Загрижени граѓани постојано ни јавуваат и велат дека одделни оператори не ги известуваат за тоа дека од 1 јули 2021 повеќе нема трошоци за роаминг, дека пораките се неодредени и комплицирани, а особено оние врзани за користење мобилни податоци, односно интернет. Ги повикуваме телеком-операторите и националните регулаторни тела да обезбедат адекватни известувања, како и примена на договорот. Покрај тоа, граѓаните се советуваат за дополнителни информации да контактираат со своите оператори – велат од РСС.
Во Регионалниот договор за намалување на цените на роамингот јасно се наведува дека од јули давателите на услуги за роаминг во регионот на Западен Балкан нема да наплатуваат никаков дополнителен надомест на домашната малопродажна цена на корисниците на роаминг во регионот на Западен Балкан за регулирани повици во роаминг, појдовни или дојдовни, за сите регулирани СМС што се праќаат во роаминг и регулирани услуги на пренос на податоци во роаминг, вклучувајќи и ММС, како ниту општ надомест за користење на терминалната опрема или услуги во странство.

[email protected]