Фото: Игор Бансколиев

Прекршување на меѓународното право од страна на земја-членка на ЕУ, игнорирање на фундаменталните принципи и основачки документи на Унијата, злоупотреба на членувањето во ЕУ за да се наметне сопственото толкување на историјата, негирање на основното право на самоопределување и постоење на јазик и историја на една нација, прекршување на основните декларации и резолуции на Советот на Европа се само дел од ирационалните потези на официјална Софија, толерирани од Брисел. Каде оди ЕУ и дали ќе дозволи една нејзина земја-членка да ги стави во заложништво Германија, Франција, Холандија, а и целата ЕУ како заедница

Германија да не дозволи фијаско на ЕУ за политиките за проширување

Со вештините на бирократската инвентивност на Брисел, се чини дека Македонија на вчерашниот министерски состанок на ЕУ формално не доби вето за преговарачката рамка подготвена од германското претседателство, но доби експлицитно формулирани услови од Бугарија ако сака во декември да ја одржи првата меѓувладина конференција за ЕУ, односно да ги почне преговорите за членство во Унијата.

Имено, Советот за општи работи на ЕУ, односно состанокот на министри за надворешни работи на земјите-членки, се одржуваше виртуелно, преку видеоконференција, а правилникот за ваков формат на средби не дозволува носење одлуки како таа за преговарачката рамка со Македонија.
Сепак Германија, како актуелен претседавач со Унијата, ја стави на дневен ред и дискусијата за проширувањето. Седницата на Советот за општи работи на ЕУ ја водеше германскиот министер за Европа, Михаел Рот. Непосредно пред почнувањето на состанокот, Рот изјави дека „проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки“.
– Ќе ги информирам моите колеги за процесот на проширување со С Македонија и Албанија. Уште во почетокот на годинава одлучивме да ги почнеме преговорите со двете земји. Основен интерес на ЕУ е во најбрз можен рок да почнат преговорите со меѓувладина конференција… Се надевам дека сите земји-членки ќе се согласат со оваа цел и ќе бидат подготвени прагматично и солидарно да работат за нејзино остварување. Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки – порача германскиот министер, алудирајќи на бугарската блокада на процесот.

Неочекувано и за земјите-членки на ЕУ, а фрустрирачки за Македонија, Бугарија веќе два месеца води жестока кампања против почнување на македонските евроинтеграции, условувајќи го одобрувањето на преговарачката рамка со додавање во неа посебно поглавје со бугарските услови. Тие услови се со контроверзна идентитетско-историска проблематика, што имплицира целосно оспорување и бугаризирање на македонското национално постоење. Во ЕУ на тоа се гледа како на билатерално прашање, што го проблематизира функционирањето на Унијата, но Бугарија како земја-членка ја користи формата на консензуално одлучување за да ја уценува Македонија како земја-кандидатка. Иако европските политички аналитичари проценуваат дека меѓу колегите на Бугарија во ЕУ има мал интерес за промена на текстот на нацрт-рамката што беше договорен во март, оваа ЕУ-сосетка на Македонија не отстапува од своите намери за блокада.
– Станува збор за методологија. Ова (проширувањето) не е инструмент за решавање на билатералните спорови. Оваа рамка за преговори има потреба од едногласност, но и да биде договорена со земјата што треба да влезе во процесот на проширување – вели за медиумот „ЕУ обсервер“ висок дипломат на ЕУ. Сепак, и пред состанокот на министрите, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, уште еднаш го повтори ставот на нејзината влада дека „Македонија ќе почне преговори кога ќе биде подготвена, но сега не е“, цинично препорачувајќи да не се откажува од евроинтеграциите. Притоа и експлицитно ги наведен трите услови на Бугарија.
– Тоа се три главни работи. Придржување кон формулата за јазикот од 1999-та, која беше потврдена и во 2017 година. Патоказ за спроведување на Договорот што треба да се набљудува во текот на целиот преговарачки процес и експлицитен текст дека во никаква форма нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија – изјави Захариева.

Советот за општи работи на ЕУ, односно состанокот на министри за надворешни работи на земјите-членки, се одржуваше виртуелно, преку видеоконференција, а правилникот за ваков формат на средби не дозволува носење одлуки како таа за преговарачката рамка со Македонија. Сепак Германија, како актуелен претседавач со Унијата, ја стави на дневен ред и дискусијата за проширувањето. Седницата на Советот за општи работи на ЕУ ја водеше германскиот министер за Европа, Михаел Рот. Непосредно пред почнувањето на состанокот, Рот изјави дека „проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки“

Избегнувајќи го изјаснувањето за преговарачката рамка за Македонија (и Албанија), на вчерашниот министерски состанок и понатаму остануваат теоретските надежи за одржување на првата меѓувладина конференција за Македонија со ЕУ до крајот на годинава, за време на германското претседателство. Германија, како земја-претседавач, беше активно вклучена во последниов период во наоѓање решение за надминување на неочекуваните проблеми во македонско-бугарските односи. Сепак, Бугарија останува категорична во своите уцени, додека македонскиот политички врв сѐ уште не отстапува од позицијата дека за идентитетски прашања не се преговара.
Една седмица пред вчерашниот министерски состанок на ЕУ, германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, и неговите словенечки и португалски колеги, Гаспер Довџан и Ана Закариас, одржале онлајн состанок на кој разговарале за некои од најважните прашања за време на германското претседателство со ЕУ. Според „Еуроњуз Албанија“, од заедничкото коминике се насетува дека Германија не е оптимист дека преговорите за Македонија и Албанија ќе почнат годинава.

Португалија го презема претседателството со ЕУ од 1 јануари 2021 година, додека Словенија во втората половина на идната година. Тројцата министри по состанокот потпишале заедничка изјава, која ја вклучува и темата за првата меѓувладина конференција за Албанија и за Македонија. Во соопштението се повикуваат страните да се фокусираат на преговорите (со Бугарија) и компромис за да добијат зелено светло од ЕУ.
– Германија се чини скептична за првата меѓувладина конференција за време на нејзиното претседателство, бидејќи Албанија не ги исполни условите, а Македонија сè уште не ги решила споровите со Бугарија – пишува „Еуроњуз Албанија“, пренесувајќи го делот од заедничкото соопштение посветено на преговорите.
Според соопштението на европските министри, тие работат на првата меѓувладина конференција со Албанија и со Македонија.
– Тројцата партнери во ЕУ работат на првата меѓувладина конференција со Албанија и со Македонија. Секоја земја што е претседавач на Советот мора да се вклучи во тековните и често сложени преговори за да постигне напредок, особено за прашања што бараат компромис – се вели во соопштението на тројцата европски министри.
Одредени политички процени говорат дека најреални се очекувањата преговарачкиот процес на Македонија и Албанија да почне во втората половина на 2021 година, за време на словенечкото претседателство во ЕУ.