Пред точно пет години Скопје го доби својот прв Руски центар. Основач на Рускиот центар е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Центарот се формираше на иницијатива на амбасадата на Руската Федерација во соработка со фондацијата „Руски мир“, основана од претседателот на Руската Федерација на 21 јуни 2007 година и регистрирана во Руската Федерација.

Во петте години од својата работа Рускиот центар при УКИМ постојано нижеше само успеси. Најголем интерес кај граѓаните предизвикаа бесплатните часови по руски јазик. Рускиот центар при УКИМ со поддршка на „Россотрудничество“ ја остварува оваа програма веќе петта година по ред, а редовно квотата се зголемува неколкукратно поради огромната заинтересираност на граѓаните за изучување на рускиот јазик. Од пред три години вакви курсеви се организираат и во Охрид. Програмата за курсевите е посебно разработена за говорителите на македонскиот јазик, а ја изведуваат висококвалификувани наставници од Русија и од Македонија.

Секој петок во 19 часот, пак, се одржуваат различни настани како што се предавања на теми од литературата, културата, историјата, науката, дебати на различни теми, мастер-класови, поетски читања, перформанси, прикажувања на документарни и играни филмови и уште многу други работи кои се однесуваат на Русија. Во ситуацијата кога во целиот свет владее пандемија на ковид-19, Рускиот центар при УКИМ своите петочни настани ги префрли на онлајн-платформата Зум, каде што се приклучуваат огромен број слушатели.

Во изминативе пет години Рускиот центар при УКИМ беше домаќин на голем број гости од Русија. Така во Скопје гостуваа голем број писатели, актери, научници, културни работници, педагози, спортисти, новинари, иноватори, пејачи итн.

Рускиот центар при УКИМ се занимава и со сериозна научна работа. Покрај многубројните трудови напишани од неговите соработници, во овие пет години беа организирани и две меѓународни научни конференции под називот „Рускиот јазик, литература и култура: минато, сегашност, иднина“ на кои учество зедоа не само научници од Македонија и од Русија, ами и од неколку други земји од светот. Исто така, се организираат и мастер-класови за повишување на квалификациите на наставниците по руски јазик, како и на преведувачите кои се занимаваат со превод од руски на македонски и обратно.

Тука треба да се спомене и соработката со многу други центри низ светот, со други организации и фондации, со што се постигнува уште повисоко професионално ниво, како и проширување на спектарот на дејноста на Центарот. Соработниците на Рускиот центар при УКИМ вложуваат и големи напори за лично и професионално издигнување, а доказ за тоа се редовните посети на конференции, асамблеи, практикуми, како и на школи за повишување на квалификациите.

Во услови на пандемија со ковид-19 работата на Центарот малку го промени својот начин на комуникација. Сите настани се префрлени на Интернет-платформи, вклучително и предавањата и курсевите по руски јазик. Оттогаш се интензивира комуникацијата со граѓаните преку социјалната мрежа Фејсбук, каде секојдневно се објавуваат информации кои се однесуваат на руската историја, култура, музика, како и на начинот на живеење и нешта кои се поврзани за современа Русија.

Рускиот центар е опремен со голема и богата библиотека во која освен белетристика има и стручна и научна литература, енциклопедиски изданија, како и прирачници од различни области. Исто така постои и богат фонд играни, сериски и документарни филмови, аудиовизуелни материјали, музички дискови, а за нив постои и посебно опремен аудиовизуелен кабинет со најсовремена технологија. Центарот располага и со три училници за изучување на рускиот јазик, сала за конференции, како и голем и светла галерија за изложби и други мултимедијални проекти.