На социјалните мрежи граѓаните реагираат дека по коронавирусот, уште земјотреси им фалеле за да бидат комплетно под стрес и паника. Дополнително загрижувачки за нив е што Скопје е сеизмички трусно подрачје. Деновиве се тресе тлото во Грција, само пред неколку месеци вакви силни земјотреси имаше во Хрватска, па и во Албанија, кои исто така беа почувствувани и во Македонија

ПО ОПАСНОСТА ОД ПАНДЕМИЈАТА ВО ВОЗДУХОТ, СЕ ТРЕСЕ И ЗЕМЈАТА

Стресот што го преживуваат граѓаните една година поради пандемијата на ковид-19, деновиве добива дополнително засилување. Серијата земјотреси што ја погодија Грција, на околу 300 километри воздушна линија од Скопје, никако да престанат. Силниот интензитет на сеизмичкото раздвижување на земјиното тло на грчка територија интензивно се чувствува во цела Македонија, што предизвикува дополнително паника и страв кај луѓето.
На социјалните мрежи граѓаните реагираат дека по коронавирусот, уште земјотреси им фалеле за да бидат комплетно под стрес и паника.
Дополнително загрижувачки за нив е што Скопје е сеизмички трусно подрачје, а само пред неколку месеци вакви силни земјотреси имаше во Хрватска, па и во Албанија, кои исто така беа почувствувани и во Македонија.
Што, всушност, се случува? На што се должат овие потреси? Колку тие се опасни и дали паниката и стравот кај луѓето се оправдани? Дали можеме да очекуваме вакви потреси и во земјава?
Професорката Роберта Апостолска од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија при УКИМ вели дека изворите на земјотресите се наоѓаат во длабочината на земјината кора и може да бидат плитки или длабоки.
– Земјотресот што деновиве се случи во Лариса беше од средна длабочина. Тоа значи дека колку подолго патуваат земјотресите низ почвениот медиум, нивното дејство е намалено. Од земјотресите од подалечните жаришта, како тој во Лариса, се поповредливи високите, флексибилни објекти. Додека, пак, за земјотресите од блиските жаришта, локални, повеќе може да бидат погодени пониските објекти – вели таа.

Затоа, потресот што се случи во Лариса повеќе го почувствуваа во земјава оние што живеат во повисоките кули отколку оние што живеат во пониски објекти.
Сепак, таа објаснува дека се мапирани можните извори на земјотресите по региони.
– Ние ги знаеме оние региони каде што може да се генерираат земјотресите. Но честопати она што сме го предвиделе како јачина на земјотресот може да нѐ изненади. Нашата земја има регулатива уште од 1964 година, која пропишува заштита на човечки животи и заштита од рушење на објектите. Останува на нас како експерти во таа област да ги спроведуваме прописите за да се обезбеди заштита на градбите при евентуални потреси – додава професорката Апостолска.
Сепак, посочува дека граѓаните треба да знаат дека живееме во регион што е подложен на земјотреси, во кој може и во иднина да се очекуваат, но дека се прави сѐ да се менаџира ризикот од таквиот природен хазард.
По земјотресот со јачина од 6,2 степени по Рихтер, завчера грчкиот град Лариса беше потресен уште од два земјотреси, со јачина од 5 и 4,2 степени, а следниот ден се случил уште еден потрес, со јачина од 4,3 степени
Потресот се случил на длабочина од 34,05 километри под површината на земјата.
Серијата земјотреси во грчкиот град Лариса беа почувствувани и во подрачјето во близината на градот Чанаккале.

Земјотресите биле почувствуван и во соседна Албанија. Според Опсерваторијата на Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил почувствуван и во Македонија, со јачина од 3 степени според Европската макросеизмичка скала.
Силен земјотрес од 7,3 степени по Рихтеровата скала го потресе вчера и Нов Зеланд. Според податоците, епицентарот на земјотресот бил на 238 километри од градот Гисборн, на Нов Зеланд, на длабочина од 10 километри.
Премиерката Џасинда Ардерн преку социјалните мрежи им се обрати на граѓаните по силниот потрес.
– Се надевам дека сите сте добро, особено на источниот брег, каде што беше почувствувана целата сила на овој земјотрес – напиша таа на Фејсбук.
Новозеландските власти издадоа предупредување за опасност од цунами, а Националната агенција за управување со итни случаи на Нов Зеланд ги советуваше луѓето во некои крајбрежни области веднаш да се евакуираат.
– Можни се цунами-бранови што може да достигнат меѓу 30 сантиметри и еден метар – соопшти Центарот за предупредување од цунами во Пацификот, чие седиште е на Хаваи, во САД. Засега нема извештаи за сериозни штети или жртви.