Фото: Игор Бансколиев

Универзитетските професори со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок, предупредуваат дека обврските спрема НАТО и ЕУ ќе претставуваат сериозен товар за домашната економија во случај домашната економија да не добие стапка на раст минимално барем двојно од сегашната, процентот на невработеност двојно да се намали (реално, не до административни калкулации), трговскиот дефицит што побрзо да се избалансира, а на реалното домашно стопанство државата што побрзо да му овозможи услови да закрепне, се разбира сето тоа проследено со поддршка на нов пристап за курсот на домашната валута…

Стратегиските определби на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ, и покрај сите предизвици и искушенија на патот до нивно остварување, сепак и понатаму остануваат приоритетна заложба на секој политички чинител во земјава. Без оглед на растегливата временска рамка за тоа кога ќе се реализираат овие амбиции, повеќе од извесно е дека членството на Македонија во овие меѓународни организации ќе носи и бенефиција, но и одредени обврски од финансиски карактер, кои ќе се одразат на расходната страна на буџетот.

Бенефициите декларативни, расходите конкретни

Чекајќи конкретни показатели за бенефициите од зачленувањето, веќе имаме конкретни пресметки за обврските на нашата држава што ги носи членството.
Имено, интенцијата на сите членки на НАТО е до 2023-та да издвојуваат два отсто од националниот БДП за одбраната, во најголем дел за модернизација на армиите и воената инфраструктура, што за помалите членки на сојузот, како Македонија, главно значи купување вооружување од другите членки на Алијансата што имаат развиени воени индустрии. Тука се и одредени трошоци поврзани со администрирањето на работата на НАТО во седиштето во Брисел, кои се пресметуваат според воспоставена формула, а само по таа основа, за Македонија би изнесувале приближно 1,5 милион долари годишно.
Колку и да е далечно членството во ЕУ, сепак треба да се има предвид дека ниту тоа не е „бесплатно“, односно земјава исто така ќе им обврски да партиципира во одреден процент во заедничкиот фонд на Унијата.
Овие обврски спрема меѓународните организации кон кои се стремиме отвораат дополнителни сериозни предизвици дали Македонија, во состојба каква што е сега, има економско-финансиска кондиција да одговори на нив? Сегашните ниски стапки на економски раст, во услови кога економијата стагнира и не заживува, додека истовремено имаме огромен трговски дефицит итн., предупредуваат дека обврските спрема НАТО и ЕУ ќе претставуваат сериозен товар за домашната економија.

Што велат познавачите на оваа тема?

– Во една мала економија како македонската, целосно зависна од меѓународните текови и одлуките на политичарите, бизнисот во Македонија сѐ уште не е во позиција да креира политики. Нема капацитет дури ни да одговори реактивно на некоја политичка одлука. Одлуката за членство во НАТО и во ЕУ е политичка одлука, како што е политичка одлука и задолжувањето од БДП, кое сѐ повеќе процентуално се зголемува, а бизнис-заедницата нема начин да реагира. Можеме само да претпоставуваме дека политиката има сознанија како членството во овие организации ќе се одрази на македонската економија. Исто така, во доменот на претпоставките е дека ако се реализираат некои од најавените капитални инвестиции, ќе може да се покрие дел од трошоците за членство во НАТО и во ЕУ. Во овој момент, македонската бизнис-заедница не е во позиција да одлучува, дури ни да реагира на тоа од каде ќе се ребалансира буџетот за да се покријат трошоците за членството во НАТО, или понатаму во ЕУ – вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Од друга страна, универзитетскиот професор по економија Зоран Ивановски, кој континуирано ги следи економските движења поврзани со факторот на безбедноста, проценува дека трошоците за членство во евроатлантските интеграции се незначителни во однос на придобивките.
– Дента кога во 2008 година во Букурешт не добивме покана за членство во НАТО, падот на македонската берза, односно пазарната капитализација на акциите на македонските компании падна за осум отсто. Во денот кога минатата година не го добивме датумот за почеток на преговорите со ЕУ, падот на берзата изнесуваше 15 отсто. Во конкретни бројки, тоа претставува загуба од околу 250 милиони евра, дневно. Ниту едно членство во меѓународните организации не чини толку колку дневната загуба на берзите во тие денови на неисполнети очекувања. Ситуацијата на берзата е крвна слика на економската кондиција на општеството. Ако не сме дел од овие евроатлантски организации, падот на пазарната вредност на компаниите на берзата претставува поголема загуба отколку товарот на трошоците за членството во нив. Всушност, ниту една од тие обврски не треба да гледаме како товар, зашто тие се незначително во однос на придобивките од членството во ЕУ и во НАТО – проценува професорот Зоран Ивановски.

Сублимирани поенти на повеќе универзитетски професори

Меѓутоа, наспроти мислењето на професорот Ивановски, повеќето универзитетски професори со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок, предупредуваат дека обврските спрема НАТО и ЕУ ќе претставуваат сериозен товар за домашната економија во случај домашната економија да не добие стапка на раст минимално барем двојно од сегашната, процентот на невработеност двојно да се намали (реално, не до административни калкулации), трговскиот дефицит што побрзо да се избалансира, а на реалното домашно стопанство државата што побрзо да му овозможи услови да закрепне, се разбира сето тоа проследено со поддршка на нов пристап за курсот на домашната валута…

Како и да е, и политичките елити и граѓаните во голем дел се согласни дека нашата држава конечно мора и заслужува да влезе во тоа „друштво“, работејќи „во од на себе и за себе на сите полиња во општеството“, истовремено наоѓајќи силна конкретна поддршка од земјите-членки поединечно, но и од заедничките фондови на тие глобални организации.