Како да стана вообичаена практика тоа што не чини за Европа да завршува на Балканот. Со години Македонија и земјите од Балканот се затрупувани со сѐ и сешто што Европа не го сака. Сега ни доделуваат и вакцини што десетици европски земји веќе ги забранија за употреба кај нив. И наместо да ги фрлат ако не се добри за нив, ни ги даваат нам, третирајќи нѐ како граѓани од втор ред или, поточно, експериментални глувци за разни тестирања

Вакцината што десетици европски држави ја забранија доаѓа во Македонија преку механизмот „Ковакс“

Македонија наскоро треба да добие нешто повеќе од 100 илјади вакцини од производителот „Астра Зенека“ преку механизмот „Ковакс“, но по многубројните инциденти со оваа вакцина низ Европа, некои од македонските граѓани изразуваат сериозна резерва за оваа вакцина и најавуваат дека нема да се вакцинираат со неа, без оглед какви препораки даваат здравствените власти.
Во ситуација кога вакцинацијата на населението во земјава не е воопшто почната и нема прецизни информации кога и од каде ќе пристигнат посериозни количества вакцини, меѓу луѓето се добива впечаток дека Европа го третира населението на Балканот, вклучувајќи и во Македонија, како граѓани од втор ред, доставувајќи вакцини што таа ги суспендира. Или, со други зборови, тоа што не чини за Европа завршува на Балканот. За ова има голем број примери од минатото за тоа како европскиот отпад доаѓа кај нас и потоа штетно се одразува врз сите. Со години Македонија и земјите од Балканот се затрупувани со стари и истрошени возила, кои ги загадуваат воздухот и животната средина, а цената за тоа ја плаќаме сите ние. Сега ни доделуваат и вакцини што никој не ги сака и кои десетици европски земји веќе ги забранија за употреба кај нив. И наместо да ги фрлат, ако не се добри за нив, сега ни ги даваат нам.
Имено, минатата година, кога се договараа контингенти за набавка на вакцини, механизмот „Ковакс“ целосно потфрли и сиромашните земји останаа без пристап до вакцини и воопшто до медицински материјал, додека богатите себично си обезбедуваа дури и поголеми количества од потребното.
Сега, откако во неколку европски земји се случија инциденти со вакцината на „Астра Зенека“, одеднаш таа се најде во понудата за достава на вакцини преку механизмот „Ковакс“ во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и во БиХ.
Во меѓувреме, 13 држави од ЕУ, како и Норвешка и Исланд, го ограничија или сосема го запреа вакцинирањето со оваа вакцина, откако претходно данските здравствени власти информираа за невообичаени симптоми и згрутчување на крвта кај вакцинирано лице.

Извештаи за смртни случаи имаше во Бугарија и во Италија, а последниот таков случај доаѓа и од Хрватска. Примерот со прекин на вакцинирањето со оваа вакцина го следеа и поголемите европски држави, како Германија, Италија и Франција. Австрија и Луксембург го прекинаа вакцинирање со одредена производствена серија од вакцината на „Астра Зенека“.
Сега пак се повторува старата практика, она што Европа не го сака за себе, го испраќа тука, на Балканот.
Колку за потсетување, илјадници македонски граѓани умираат годишно од респираторни проблеми предизвикани од загадениот воздух, за чие загадување во добар дел придонесува и застарениот возен парк што се увезе токму од земјите од ЕУ. Дотраените дизел-автомобили од Европа, стари повеќе од десет години, завршија на улиците низ повеќето македонски градови наместо да бидат рециклирани во тамошните отпади.
Некои од граѓаните што ги анкетиравме не се противат на вакцинацијата, но велат дека се плашат од вакцината на „Астра Зенека“ токму поради нуспојавите.
– Имам роднини што беа заболени од ковид-19 и од она што тие ми го кажаа, верувам дека станува збор за страшен вирус. Да, сакам да се вакцинирам и немам дилема за тоа, но не со вакцината на „Астра Зенека“, за која веќе слушнав дека имало нуспојави, дури и смртни случаи во неколку европски земји. Не сакам да бидам ничие лабораториско заморче, едноставно не сакам да ризикувам. Ако на Европа не ѝ чини оваа вакцина, тогаш зошто би ни чинела нам? Мене лично ми е страв, па затоа ќе почекам друга вакцина, а во меѓувреме ќе се чувам колку што можам – вели Пеце Стојановски, социјален работник.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека сите вакцини што ќе влегуваат во земјава ќе бидат безбедни.
– Сите вакцини што влегуваат и ќе влегуваат во земјава се и ќе бидат безбедни, експертски тим ги следи сите можни известувања од земјите што ги користат вакцините, од земјите каде што се произведени, како и на СЗО и на ЕМА – вели Филипче, додавајќи дека ќе се следат препораките на овие две организации за „Астра Зенека.
За микробиологот Никола Пановски индикативно е што се појавија проблеми кај најевтината вакцина, но смета дека е добро што е стопирана вакцинацијата со „Астра Зенека“, за да се расчистат сите недоумици во јавноста.
– Иако е индикативно зошто баш кај најевтината вакцина, која е пет пати поевтина од „Фајзер“ и два и пол пати поевтина од „Спутник“, да има проблеми.

Во бројките што јас ги гледам на бројот на вакцинирани што добиле тромбоза во мозокот нема доказ да се поврзе вакцината со тоа. Не би го знаел, ниту некој го знае механизмот зошто таа вакцина би предизвикала тромбоза, а зошто не би предизвикала сличната на неа „Спутник“, за која е прашање дали во Европа се води ваква евиденција. Тоа се слични вакцини со аденовирус. Ако земете дека во Германија има седум случаи на 1,6 милион луѓе вакцинирани во две недели по вакцината, секој ќе се праша колку во Македонија, еве сме 1,6 милиони, иако тука нема вакцина, сигурно може да има седум мозочни удари заради тромбоза. Јас мислам дека ќе излезе дека тие смртни случаи со вакцината се коинциденција, но ќе се докаже – вели Пановски.


СЗО ќе ги објави наодите за вакцината на „Астра Зенека“

Панелот за безбедност на вакцините на Светската здравствена организација би требало денеска да ги објави наодите за вакцината на „Астра Зенека“.
Светскиот советодавен одбор на СЗО за безбедност на вакцините ги проучува податоците и ги прегледува извештаите за ретки нарушувања на згрутчување на крвта кај луѓе што примиле вакцина.
Европската агенција за лекови испитува неколку извештаи за крвавење, згрутчувања на крвта и низок број тромбоцити кај луѓето што ја примиле вакцината на „Астра Зенека“.Панелот за безбедност на вакцините на Светската здравствена организација би требало денеска да ги објави наодите за вакцината на „Астра Зенека“.
Светскиот советодавен одбор на СЗО за безбедност на вакцините ги проучува податоците и ги прегледува извештаите за ретки нарушувања на згрутчување на крвта кај луѓе што примиле вакцина.
Европската агенција за лекови испитува неколку извештаи за крвавење, згрутчувања на крвта и низок број тромбоцити кај луѓето што ја примиле вакцината на „Астра Зенека“.


Џонсон: Ќе се вакцинирам со „Астра Зенека“

Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе се вакцинира со вакцината „Астра Зенека“, без оглед на информациите за можни нуспојави.
– Можеби најдоброто што можам да го кажам за програмата за вакцинација со „Астра Зенека“ е дека наскоро ќе ја примам вакцината, што ми е мило да го откријам… Дефинитивно ќе ја добијам вакцината „Оксфорд/Астра Зенека“ – рече Џонсон, одговарајќи на прашања на британските парламентарци.
Процесот на вакцинација во Европа е нарушен последните две недели поради извештаите за изолирани случаи на тромбоемболизам кај пациенти што биле вакцинирани со вакцината на „Астра Зенека“. Во Европа оваа вакцина досега ја примиле повеќе од 17 милиони луѓе.