Фото: Игор Бансколиев

Од искуството со преговорите и примената на Преспанскиот договор, како и вообичаената практика на често отворање на Уставот во Македонија, но и бугарската опсесија спрема македонизмот, никакви новосмислени формулации во преговорите со Бугарија и со ЕУ, не можат да бидат гаранција за зачувување на македонскиот идентитет. Научно-лингвистички, македонскиот јазик постои пред постоењето на македонската држава и каков било устав. Така што врзувањето на јазикот со Уставот имплицира временско врамување на јазичното постоење со постоењето на Уставот. Со таква формулација за македонскиот јазик, при некое наредно отворање на Уставот, многу лесно може да му се накалемат „бугарските корени“. Секое преговарање за јазикот е преговарање за идентитетот

Да не се влезе во сценаријата на ерозија на јазичниот, историскиот и културниот идентитет

(Не)очекувано, како главен предизвик во процесот на македонските евроинтеграции, се наметна зачувувањето на македонскиот национален идентитет!?
Со креирањето и наметнувањето на бугарските историско-идентитетски услови за Македонија, кои сега Унијата поради процедурата ги прифати како примарни, официјално декларираниот интерес на ЕУ за проширување со Западен Балкан како нејзина геостратегиска определба и цел, како да станува маргинална работа.

Зошто да докажуваме нешто што нема потреба да се докажува

Крајот на португалското претседателство со ЕУ веројатно немаше да биде толку вознемирувачки за Македонија, ако не се случеше наводно „несреќната изјава“ на државната секретарка за европски прашања на Португалија за „северномакедонскиот јазик, кој порано бил бугарски“. Ситуацијата со бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ веќе беше потврдена, македонската јавност и понатаму ќе останеше со непознатата неизвесност за преговорите со Бугарија, а македонските власти ќе се однесуваа дека португалскиот предлог за надминување на македонско-бугарскиот спор е пропадната понуда… Она што предизвика вознемиреност во политичката јавност во Македонија (и покрај подоцнежните анемични деманти од Лисабон) е „откритието“ на португалската политичарка дека ЕУ треба да ги почитува бугарските позиции и емоции поврзани со аспирациите за Македонија и македонскиот идентитет, и покрај тоа што земјата-кандидатка „си го сменила името и направила жртви“.
Македонските политичари, обидувајќи се да докажат дека со менување на името на државата „е зачуван, па и зацврстен македонскиот национален идентитет“, ја употребуваат формулацијата „Македонци што говорат македонски јазик“ и тврдат дека за „идентитетот и јазикот не се преговара“…

Смислените „изведенки“ за идентитет од преспанската формула

Наспроти ваквите сложени описни дефиниции од постпреспанската формула, а кои се однесуваат на македонскиот идентитет, на меѓународната заедница се полесно ѝ се испушта обраќањето како „северномакедонци (ски)“, а Бугарија е сѐ поупорна овој временски меѓуидентитет да го „врати на бугарските корени“. Една од стратегиите е тоа да го стори преку означување на македонскиот јазик во документите на ЕУ, како „според Уставот“ и со наведување на датумот на неговата кодификација. Имајќи го искуството со асиметричната примена на Преспанскиот договор (во Македонија, Грција и ЕУ) се создава сомнежот колку формулациите како „Македонци што говорат македонски јазик“ и „македонски јазик според Уставот“, можат да бидат гаранција за македонскиот идентитет во ЕУ.
– Од искуството со преговорите и примената на Преспанскиот договор, како и вообичаената практика на често отворање на Уставот во Македонија, но и бугарската опсесија спрема македонизмот, никакви новосмислени формулации во преговорите со Бугарија и со ЕУ, не можат да бидат гаранција за зачувување на македонскиот идентитет. Научно-лингвистички, македонскиот јазик постои пред постоењето на македонската држава и каков било устав. Така што врзувањето на јазикот со Уставот имплицира временско врамување на јазичното постоење со постоењето на Уставот. Тоа наликува на создавање терен за прифаќање на бугарската теза за политичка конструкција на македонскиот јазик, кој претходно (според Бугарите) бил бугарски. Со таква формулација за македонскиот јазик, при некое наредно отворање на Уставот, многу лесно може да му се накалемат „бугарските корени“. Секое преговарање за јазикот е преговарање за идентитетот. Ако не се смени оваа анационална геополитика, македонската нација и држава ќе бидат и понатаму сериозно загрозени – смета универзитетската професорка – историчарка, Наде Проева.

Секое решение за описно дефинирање на идентитетот води до сѐ поапсурдна парцијализација

Универзитетската професорка Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ смета дека секое решение за описно дефинирање на македонскиот национален (и чиј било) идентитет води до негова сѐ поапсурдна парцијализација. Формулациите како „Македонци што зборуваат македонски јазик“ или „македонски јазик според Уставот“, освен што од научен аспект ништо не значи, таквото прецизирање го става македонскиот јазик и Македонците во нерамноправна положба со другите светски јазици и народи. А тоа наведува на културен геноцид. Во крајна линија, јазикот е само еден дел од националниот идентитет. Идентитетот се одразува во традицијата, фолклорот, историјата, јазикот… Со само еден елемент не може да се направи национална идентификација. Политичарите мислат дека со некаква политичка формулација, политички документ можат да ги сменат фактите и реалноста за постоењето на еден народ. Македонските политичари треба да си ги скротат политичките амбиции и да престанат да даваат (или да прифаќаат) секакви предлози за да задоволат нечии национални и политички каприци, па дури да биде доведено во прашање и членството во ЕУ – вели професорката Александра Ѓуркова.