Фото: Игор Бансколиев

Според проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет, нашиот здравствен систем нема капацитет да ги двои бројките, односно да води евиденција колку пациенти умираат од ковид-19, а колку пациенти умираат со ковид-19

ДАЛИ ПАЦИЕНТИТЕ УМИРААТ СО ИЛИ ОД KОРОНАВИРУСОТ

Пациентите умираат од ковид-19 или со ковид-19? Ваква разлика во дневната евиденција кај нас не се прави, а таквиот тип на евиденција на починатите лица ретко и во која друга држава е практика. Ако се погледнат ковид-соопштенијата кај нас, ќе се забележи дека во првите месеци од пандемијата нашите здравствени власти соопштувале дека пациентите „починале од коронавирус“, но во последните месеци во дневната евиденција е наведена само вкупната дневна бројка на починати лица.
Зошто приодот и наративот во извештаите е ваков и зошто се сменил со текот на времето? Микробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека најисправно е кога би се проверувало дали основната причина за смртта на пациентот е вирусот и да се докаже дека да не бил тој, немало да настапи смрт.
– Ако основна причина за смрт е ковид-19, ситуацијата е јасна и тогаш тоа влегува во дневната статистика. Но ако се докаже дека немало да има смрт ако го немало вирусот, тоа е друга ситуација. Се случува некогаш и вирусот да е случаен наод. Односно, пациент умира од инфаркт, па постмортем се покажува дека бил позитивен. Овде смртта настапила од инфаркт или мозочен удар. Не може да се тврди дека вирусот довел до мозочен удар, особено не ако пациентот немал симптоми. Компликациите од вирусот се јавуваат по десетина дена, кога вирусот зема замав – објаснува проф. д-р Пановски.

Според професорот, нашиот здравствен систем нема капацитет да ги двои бројките, односно да води евиденција колку пациенти умираат од ковид-19 и колку пациенти умираат со ковид-19.
– Сега нема ни постмортем-тестирања, па сметам дека приближно се реални бројките на починати од ковид-19. На почетокот бројките кај нас се „пумпаа“, сѐ се пишуваше дека е ковид-смрт, но сега не е така. Си има протокол во согласност со правилата на СЗО и треба да се евидентираат случаите во согласност со тој протокол. Во целиот свет различно се евидентираат смртните случаи. Во Финска, на пример, можеме да кажеме дека се објективни бројките на починати, но не можам да прифатам дека во Албанија и во Србија толку малку умираат. Во Србија летоска се откри дека лажно се информира и дека се кријат смртни случаи – додава Пановски.
Во Министерството за здравство за „Нова Македонија“ велат дека од почетокот на пандемијата до денес имале ист став во однос на пријавувањето на починатите пациенти од ковид-19.

– Во статистиката се вбројуваат сите лица што кога починале имале позитивен резултат за ковид-19, без оглед на коморбидитетите што ги имале. Во евиденцијата на МЗ се сите пациенти што починале со ковид-19, и на почетокот и сега. Ова може да се провери и во деталните извештаи за егзитирани пациенти, каде што се води евиденција по повеќе параметри, меѓу кои и коморбидитетите. Од тоа не се правени отстапки, и покрај тоа што бројката на починати со овој начин на пресметка е значително поголема. Министерството одбра да биде транспарентно во извештаите за бројките, морталитетот и морбидитетот од ковид-19 и останува на тоа – децидни се во Министерството.