Во годишниот извештај на Стејт департментот цело едно поглавје, насловено „Слобода на здружување“, е посветено на односот на бугарската држава спрема македонското малцинство и одбивањето да се регистрираат активистички групи на етнички Македонци во Бугарија. Како гледаат правниците и аналитичарите на извештајот и како може Македонија да ги искористи сите овие одлуки и меѓународни инструменти

ПО ЕВРОПСКИОТ СУД, И САД
СО ОСУДА ЗА ПОЛИТИКИТЕ НА СОФИЈА
КОН МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО

Американскиот Стејт департмент деновиве го објави својот годишен извештај за состојбата со човековите права. Она што е карактеристично за извештајот е што цело поглавје, насловено „Слобода на здружување“, Стејт департментот посветува на односот на бугарската држава спрема македонското малцинство.

– Властите продолжија да одбиваат да регистрираат активистички групи на етнички Македонци, како што се обединетата македонска организација „Илинден“, Друштвото на прогонети Македонци, жртви на комунистичкиот терор, и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај пресудата од мај и повеќе од 10 претходни одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права дека одбивањата ја нарушиле слободата на здружување на групите. На 1 октомври, Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа во привремена резолуција изрази „длабока загриженост“ во врска со „формалистичката примена на законските барања“ на властите упорно аплицирана за да се одбие регистрација на обединетата македонска организација „Илинден“ и слични здруженија од 2006 година. Во ноември 2019 година, јавниот обвинител постапи по жалбата на лидерот на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) и министер за одбрана Красимир Каракачанов за обидите на две здруженија, Граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права и „Антички Македонци“, за создавање македонско малцинство. Главниот обвинител поднесе барање до судот за распуштање на здруженијата, обвинувајќи ги за политичка агенда што ги загрозува единството и безбедноста на нацијата – пишува во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Бугарија.
Прашањето на македонското малцинство во Бугарија формално е ставено ад акта во македонско-бугарските билатерални односи, како преку Договорот за добрососедство, но и со одредби во македонскиот устав. Сепак, правата на малцинствата се цивилизациски прашања од доменот на основните човекови права загарантирани со Повелбата на Обединетите нации, кои не оставаат простор некој, па дури тоа да е и државен субјект, да се откаже од тоа право во име на друг.

Преведено на ниво на македонско-бугарските односи, Македонија како држава нема ингеренции да се откаже пред меѓународните институции од правата (на здружување) на лицата во Бугарија што се чувствуваат како Македонци. Она што е забележано и во извештајот на Стејт департментот е дека властите во Бугарија и натаму не дозволуваат регистрација на групите активисти на етнички Македонци, но и дека не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права, а потсетува и на резолуцијата на Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа со „длабока загриженост“ за неспроведување на пресудите.
Правните експерти и аналитичарите сметаат дека последниот извештај на Стејт департментот, како и досегашните пресуди на Европскиот суд против Бугарија, се моќни алатки што Македонија треба да знае да ги искористи.
– Дипломатијата е страшен и моќен инструмент за оној што ја разбира. Годишните извештаи, како овој на Стејт департментот за состојбата со човековите права во светот, е еден таков дипломатски инструмент. Во меѓународното право и политика, тоа што навидум не е обврзувачко (како сугестии од извештаи на светски организации), не значи дека не треба да се извршува. Но пресудите на суд, секако, мора да се извршат. Состојбата на Бугарија во однос на неспроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права е таква, што веќе нема простор за никакви оправдувања. Тоа повторно е нагласено и во извештајот на Стејт департментот за односот спрема малцинствата (пред сѐ на неовозможување право на здружување на оние што се чувствуваат како Македонци) во рамките на државата Бугарија. Влијанието на овој извештај можеби нема веднаш да биде видливо, но многу е извесно дека констатациите од таму наскоро ќе се инкорпорираат во некои други политички оцени и потези во меѓународната политика. Македонската држава не треба да „спие“ за овој извештај и треба да ја активира дипломатијата за негова примена и во билатералните односи со Бугарија. Меѓународните инструменти се многу корисни и важни во дипломатијата, особено кај малите држави. Македонија треба да ги користи таквите инструменти – вели Маргарита Цаца-Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

Во однос на позициите на македонското малцинство во Бугарија, преку извештајот на Стејт департментот, адвокатот Тони Менкиноски, застапник на неколку македонски здруженија од Бугарија, токму пред Европскиот суд за човекови права, смета дека тоа е добар дополнителен аргумент.
– Конечно сите меѓународни институции почнаа да работат и да ја перципираат вистинската состојба за правата на македонското малцинство. Епилогот, и тоа позитивен, многу брзо ќе го видиме – вели адвокатот Менкиноски.