Османи од состанокот на НАТО

Во рамките на денешното учество на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, испрати пораки за првото присуство на Македонија, на масата на Алијансата како полноправна членка.

– Да се биде рамноправен со 30-те најмоќни во светот не е само лична сатисфакција, туку гордост за сите наши граѓани. Не е тоа само симболична разлика, туку суштина на нашиот напредок како држава: наместо како досега, кога за нашите прашања се разговараше на состаноци на кои информациите ги дознававме од нашите колеги, сега сме присутни на масата, директно да учествуваме и да го претставиме нашиот став за сè она што се случува во светот – истакна Османи, упатувајќи и на првиот јубилеј, првата годишнина од нашето членство во НАТО на 27 март.

„Навистина убава можност, тука од Брисел, од седиштето на НАТО, да потсетиме дека со членството во НАТО не само што се смени нашата улога на меѓународната политичка и безбедносна арена, туку и суштински се засили улогата на алијансата во целиот регион“, истакна Османи, посочувајќи на подготвеноста на земјата кадровски, технички и политички да одговори на предизвиците на членството во алијансата.

– Мотото „Ние сме НАТО“ не е веќе само обична парола, ова е реалност и ние сме навистина НАТО. Бидете горди, во овие моменти ја исцртуваме нашата идна историја, го остваруваме сонот на голем број генерации пред нас, создавајќи безбедна, стабилна и просперитетна иднина за генерациите по нас – заклучи министерот за надворешни работи.

Северноатлантскиот совет на министрите за надворешни работи се одржува денес и утре во Брисел, за првпат по една година со физичко присуство поради пандемијата ковид-19.