Прифативме да се направат законски измени, кои ќе овозможат техничка влада да ги спроведува парламентарните избори во иднина, во согласност со формата што ја имаше пржинската влада, изјави премиерот Заев веднаш по постигнувањето на договорот за прифаќање на принципот за техничка влада, 100 дена пред парламентарните избори, пред лидерската средба да продолжи со прецизирање на договорот за референдумот

По шестчасовни преговори, неколку паузи и без постигнат конечен договор по клучните прашања, премиерот Заев вчера даде кратка изјава во која кажа дека сите учесници се согласиле дента да завршат преговорите на лидерската средба, која се одвиваше во скратен состав, односно по двајца претставници на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и движењето Беса на Билал Касами. До тој момент, како што кажа Заев, бил постигнат договор за техничка влада пред секои парламентарни избори, а останало да се преговара како ќе гласи прашањето за референдумот, неговиот карактер и датумот.

– За овие три лидерски средби требаа нерви, трпение и многу мудрост. Јавноста треба да знае. Пруживме рака и разбирање, но имаме и почит кон нашиот неприкосновен принцип. Пред потпишувањето на договорот со Грција, беа прифатени услови за избор на ДИК, уште пред лидерските средби работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ го усогласија текстот на нов закон за финансирање на политичките партии со предлозите на опозицијата. Прифативме да се направат законски измени, кои ќе овозможат техничка влада да ги спроведува парламентарните избори во иднина, во согласност со формата што ја имаше пржинската влада – изјави премиерот Заев веднаш по постигнувањето на договорот за прифаќање на принципот за техничка влада, 100 дена пред парламентарните избори, пред средбата да се продолжи со прецизирање на договорот за референдумот. Инаку, претходно третата епизода од серијалот лидерски средби, што се одржува во Клубот на пратениците во Скопје, почна вчера утрината, без преголеми очекувања дека ќе даде одговор на сите отворени прашањата како формирањето на ДИК, Изборниот законик, референдумот и, според информациите што доаѓаа од владејачката партија – барањето за промена на Кривичниот закон, за наводен спас од одговорност на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Игор Бансколиев

Резервираноста во поглед на надежите за некаква разврска за овие прашања и постигнување меѓупартиски договор, кој ќе го одреди текот на политичките процеси што ѝ претстојат на Македонија, се должи на двата неуспешни обида за лидерски средби минатата седмица, но и на згуснатата агенда на премиерот Зоран Заев, кој во текот на истиот ден имаше закажано и други средби, како и патување во Мостар на квадрилатерална средба со грчкиот премиер Ципрас, како и со премиерите на Црна Гора и на Босна и Херцеговина. И оваа лидерска средба се одвива во потесен лидерски состав. Во очекување на исходот од лидерската средба, на собраниската пленарна седница, која се одржуваше истовремено, беше прескокната 12-та точка од дневниот ред, која предвидува измени во Изборниот законик за членовите на Државната изборна комисија да се избираат со апсолутно мнозинство од 61 пратеник, наместо двотретинско. Предлогот на спикерот Џафери да се премине на наредната точка од дневниот ред, со оглед на тековноста на разговорите во Клубот на пратениците, беше изгласан со 78 гласа „за“, без ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“. Според неофицијални извори, уште на почетокот на третото издание на лидерската средба, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се откажал од измените на членот 353 од Кривичниот законик. Тоа го образложил како своевиден демант на невистинитите спинови дека со таквите измени неговата партија всушност барала амнестија за своите поранешни функционери. Мицкоски тврди дека тоа не им било целта. 


Мицкоски: Останува старото решение за избор на ДИК

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потврди дека на лидерската средба е постигнат договор за Законот за финансирање на политички партии, техничка влада по пржинскиот модел пред какви било избори и за изборот на ДИК. Попладнево на разговорот ќе биде отворено прашањето за референдумот и за референдумското прашање. – По неколкучасовни разговори вчера, но и на претходната средба, владејачкото мнозинство, односно Владата се согласи со позициите на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така се согласивме процедурата што беше почната за формирање на ДИК со измени на Изборниот законик за менување на бројот на пратеници што ќе гласаат, односно наместо двотретинско да биде со вкупниот број пратеници, ќе се повлече, ќе се врати старото решение – рече Мицкоски.