Лекувањето со оваа технологија го намалува вирусното оптоварување за 99,9 отсто. Кога се во организмот, наночестичките најпрвин тргнуваат во своевидна потрага по вирусни честички насекаде низ телото, а потоа ги уништуваат како проектили со инфрацрвено зрачење, кои реагираат на топлина

НОВИ НАУЧНИ ИСТРАЖУВАЊА

Дали светската наука успеа да навлезе во суштината на коронавирусот и дали е на повидок револуционерен лек, кој не само што ќе го спречи ширењето на ковид-19 туку и ефикасно ќе го лекува.
Оваа дилема стана актуелна во светот, откако група научници објавија истражување засновано на генетски испитувања што покажале успешни резултати. За што точно станува збор?
Австралиски и американски истражувачи развија експериментална антивирусна терапија за директно лекување на ковид-19.

Најбрзи очекувања од лекот може да има во 2023 година

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека паралелно со развојот на ефикасни вакцини, во светот интензивно се работи и на пронаоѓање специфични терапии за веќе заболените од ковид-19.
– Зашто вакцините спречуваат заразување, но што со оние што ќе заболат? Досега, практично, специфичен лек за ковид-19 немавме. Најнов напредок во оваа смисла е соработката на австралиски и американски научници, која резултира со развивање потенцијална антивирусна терапија за директно лекување од ковид-19. Истражувачите од здравствениот институт „Мензис Квинсленд“ од универзитетот „Грифит“ и американскиот истражувачки институт „Сити оф хоуп“ развиле РНК-терапија што го спречува САРС-КоВ-2 да се реплицира – посочува Даниловски.
Вели дека лекот директно ги бара и ги напаѓа вирусните честички, врз основа на дадени специфични генетски упатства за тоа кои клетки треба да се ловат, а оние клетки што не содржат вируси остануваат поштедени.
– РНК-третманот се доставува до белите дробови преку липидни наночестички.
Истражувачите го пробале лекот на глувци и констатирале дека кај преживеаните количеството на вирусот во белите дробови е намалено за 99,9 проценти. Овој третман е дизајниран да дејствува на сите бетакоронавируси, како што се оригиналниот вирус САРС (САРС-КоВ-1), како и САРС-КоВ-2 и сите нови варијанти што може да се појават во иднина. Се смета дека овој лек, кога ќе им се даде на пациенти во одделите за интензивна нега, драстично ќе ја зголеми стапката на преживување – објаснува епидемиологот.
Сепак, според него, долг е патот додека лекот да ја види „светлина на денот“. Потребно е да се спроведат уште клинички испитувања на луѓе.
– Се претпоставува дека ќе биде достапен во 2023 година – додава тој.

Напад на вирусот како проектили со инфрацрвено зрачење

Истражувањето е објавено во медицинското списание „Молекулар терапи“ (Молекуларен третман), а е изведено врз глувци што биле заразени со ковид-19, додека неговите резултати укажуваат на тоа дека наночестичките сиРНА би можеле да се развијат во терапија за лекување пациенти со коронавирус.
Професорот Нигел Мекмилан, еден од научниците што го водеа процесот на истражување, вели дека лекувањето со оваа технологија го намалува вирусното оптоварување за 99,9 отсто.
– Кај глувците се зголеми бројот на преживеани и бројот на оние што се изборија со инфекцијата. Дополнително, кај преживеаните глувци што беа подложени на третманот не можеше да се најде никаква трага од вирусот во белите дробови – посочил Мекмилан.

Наедно, истражувачите порачаа дека лекот е дизајниран за борба против вирусот САРС-КоВ-2, но истовремено и за „која било друга негова варијанта“ што евентуално би можела да се појави.
– Освен тоа, докажавме дека овие наночестички се стабилни на четири степени Целзиусови во текот на 12 месеци, а на собна температура подолго од еден месец, што во основа значи дека овој лек би можел да се користи и во средини со мали ресурси за лекување пациенти заразени со ковид-19 – истакнува Мекмилан.
Овој експерт даде сликовит опис на начинот на кој дејствува новиот лек. Тој рече дека лекот „бара и уништува“.
– Го уништува вирусниот геном и како последица на тоа, честичките на вирусот повеќе не можат да се развиваат. Кога се во организмот, наночестичките најпрвин тргнуваат во своевидна потрага по вирусни честички насекаде низ телото, а потоа ги уништуваат како проектили со инфрацрвено зрачење, кои реагираат на топлина – објасни професорот Мекмилан.

[email protected]