Фото: Игор Бансколиев

Откога е во сила оваа законска мерка се направени 523 контроли на автобуси и други возила што вршат јавен превоз, а поднесени се 52.154 прекршочни пријави против сторители за неносење пропишана лична заштита

Метрополата, протоколите во јавниот превоз, (не)придржувањето кон нив и прекршоците на граѓаните по таа основа

Прашањето колку и како се почитуваат протоколите во јавниот превоз е мошне сериозно. На таа тема уште посериозно ќе треба да се одговори сега, откако Владата донесе одлука за одредени категории лица дека треба да се вратат на работа, а некои од нив мора да користат и јавен превоз, при што обемот на користењето на јавниот превоз ќе се зголеми. Уште посериозен предизвик за надлежните и одговорните е моментот откако учениците и студентите ќе бидат физички поприсутни во јавниот превоз заради настава во образовните институции.
За жал, впечаток е дека и сега, кога сѐ уште има помал метеж, многу патници во јавниот превоз не носат маски, а нема ниту дистанца меѓу нив. Тоа е честа слика во градскиот превоз на патниците во таканаречените шпицови на денот или одредени денови. Рака на срце, има и неодговорни возачи, кои исто така не носат маски, но забележано е дека тоа се случува исклучително ретко. Некои од превозниците сведочат за недисциплинирани патници и велат дека освен опомени, има и казни изречени од полицијата.

Од Министерството за внатрешни работи немаат одделен податок за тоа колку возачи или патници во јавниот превоз биле казнети за непочитување на здравствените протоколи. Тие соопштуваат само за вкупен број од 523 исконтролирани автобуси и други возила што вршат јавен превоз и за вкупен број од 52.154 прекршоци и 52.152 сторители вкупно за неносење лична заштита на лице.
Во рамките на здравствените протоколи, секако, особено е важно и дезинфицирањето на автобусите и на автобуските станици. И оваа обврска исто така е дел од мерките и протоколите за учесниците во јавниот градски превоз.
– Протоколи има и тие мора да се почитуваат, а контроли дали се почитуваат треба да врши сообраќајната полиција – кратко рече д-р Александар Стојанов, директорот на Центарот за јавно здравје.
На скопската автобуска станица велат редовно се врши дезинфекција на шалтерите, чекалниците, пероните. Вработените на шалтерите задолжително носат ракавици и маски и бидејќи работат со пари и самите вршат дезинфекција.
– Освен што ние вршиме дезинфекција на просторот, и возачите сами ги дезинфицираат автобусите пред поаѓање и по пристигнување, а носат и ракавици и заштитни маски. За извршената дезинфекција возачот запишува службена белешка со потпис, која стои закачена на автобусот и може да ја покаже, а потоа и ја доставува до одредени службени лица. Повеќето патници носат маски, но, за жал, има и такви што не веруваат во коронавирусот и такви што штом ќе влезат на автобуската, ги вадат маските, а ние ги опоменуваме да ставаат маски. Задолжени сме и ги спроведуваме патниците до автобуските перони, а понатаму ги преземаат возачите.

Ниту еден превозник не дозволува патник да влезе без маска. Сметам дека 99 отсто се почитуваат препорачаните протоколи и во автобусите се превезуваат законските 75 отсто од вкупниот капацитет на патници во секое возило. Според мене, најлош момент е кога на пет перони одеднаш во ист термин треба да тргнат пет автобуси, се создава метеж од патници, а такви денови ни се среда и сабота, кога имаме меѓународни линии за Италија, Германија и други земји. Тогаш полициските контроли се засилени и сум бил сведок кога патници биле казнети за неносење маски. И наши контроли секојдневно вртат околу станицата, но немам бројка колку патници биле казнети за неносење маска – вели Иван Стаматовски, одговорен за информирање во скопската автобуска станица „Руле турс“.
Метеж, неносење маски и непочитување на дистанцата скопјани забележуваат во јавниот градски превоз секој ден на одредени линии и во одредени интервали во денот, а генералниот впечаток на надлежните од ЈСП Скопје е дека 80 отсто од корисниците на јавниот превоз ја почитуваат уредбата за носење заштитна маска при користење на јавниот превоз. Велат дека ова се однесува воопшто за целиот период откако е во сила уредбата за носење заштитна опрема за време на ковид-19 во возилата на јавниот превоз.

– ЈСП „Скопје“ нема надлежност да ги казнува граѓаните што при користење на јавниот превоз не носат заштитна опрема. За да се избегнат ситуации несовесни патници да се возат без заштитна маска, во поголемиот дел од возилата има службени лица (редари) што ги опоменуваат несовесните патници, а истовремено упатуваат на почитување на дистанцата. Секое возило, секојдневно, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од превентивните мерки од коронавирусот. Возилата се дезинфицираат со распрскување соодветни средства на база на алкохол и десетпроцентен „дезинтал“, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото како ракодржачи и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линија или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз. Покрај посочената дополнителна дезинфекција, возилата се подложни на редовна внатрешна дезинфекција, која се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Сите возачи и контролори имаат обврска да носат заштитна опрема при извршувањето на работните обврски – појаснуваат од ЈСП „Скопје“.
Оттаму тврдат дека во изминативе три месеци, внатрешната контрола регистрирала пет лица што при вршење на дејноста не носеле заштитна опрема и тие биле парично казнети.

Во превозничкото претпријатие „Транскоп“-Битола велат дека донеле наредба ако кај нив возач биде затекнат без маска, ќе ги преземе последиците и ќе ја плати казната и за себе и за претпријатието.
– Во нашето претпријатие се почитуваат протоколите и возачите задолжително носат маски со логото на „Транскоп“-Битола, кои ние им ги даваме пред да влезат во возилата. Задолжително се постапува според мерките и протоколите на Владата, 75 отсто патници во нив и се држи дистанца во автобусите. Возачите добиваат и дезинфекциски средства. Пред секое тргнување на возилата задолжително даваме и препорака до патниците да држат растојание. Имаме еден вработен што е задолжен за редовно одржување на хигиената во автобусите, но и за редовна дезинфекција на внатрешноста на автобусите – велат од „Транскоп“-Битола.
Во Јавен превоз – Прилеп, пак, тврдат дека возачите задолжително носат маски, а некои носат и визири. Тие се физички одвоени од патниците со паравани што специјално ги поставиле.

– Колкав број патници ќе влезат во автобусите контролираат возачите и доколку дозволениот број патници е исполнет, не дозволуваат да се качат други патници. Истите линии ние ги користиме и за превоз на патници до градските гробишта за одредени празници, па во тие денови пуштаме дополнителен број автобуси за да нема метежи. Можам да кажам дека патниците претежно носат маски, а ако некој не носи, го опоменуваме. Казнети нема и ние немаме ингеренции да казнуваме. Контроли во автобусите ненајавено и со легитимации во џеб вршат наши вработени, но и полицијата прави контроли. Дезинфекција на автобусите се врши претежно навечер, со препорачано средство, а нашиот јавен превоз беше првиот што направи комплетна дезинфекција, која ја реализираа вработените од Заводот за јавно здравје – објасни Илија Ивановски, директор во јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ПУП) од Прилеп.