Фото: Игор Бансколиев / Архива

Владите на повеќе држави во светот, под притисок од ширењето на коронавирусот, забрзано ги разгледуваат можностите за задолжителна вакцинација. Од друга страна, здравствените експерти сметаат дека интензивирањето на комуникацијата и градењето доверба во институциите се клучни за поттикнување на вакцинацијата. Но воспоставувањето комуникација чија цел е информирање за придобивките од имунизацијата не е едноставен процес, бидејќи треба да допре до луѓе што имаат различни убедувања, степени на образование и верска припадност

Откако станува доцна за убедување за неопходноста од вештачка имунизација

Сѐ повеќе држави размислуваат да ги заострат прописите за спроведување на вакцинацијата, земајќи ги предвид траењето на пандемијата, бројот на смртните случаи и ширењето на мутациите на коронавирусот, како и искуствата од другите земји, додека во Македонија примањето вакцина зависи од личното убедување и моралната одговорност. Згора на тоа, дел од населението се колеба или одбива да се вакцинира поради збунетоста од големото количество информации, но и дезинформации што кружат. Токму затоа, здравствените експерти сметаат дека клучни за поттикнување на вакцинацијата се интензивирањето на комуникацијата и градењето доверба во институциите.
– Клучно за прифаќање на вакцините е целосно разбирање за ризиците и придобивките за себе и за другите, како и за тоа што навистина значи информирана согласност. Транспарентноста и довербата во институциите се исклучително важни. Комуникациите беа хаотични во текот на пандемијата, со збунувачки пораки за тоа што треба да прават луѓето за да бидат безбедни. Клучна за градење на довербата во институциите е одговорноста, а избегнувањето одговорност дополнително ги подгрева сомнежите за безбедноста и ефикасноста на процесот на вакцинација. Но, за жал, сега е предоцна за комуникација. Под притисок на времето, неопходно е да се вакцинира колку што е можно поголем дел од популацијата. Планот Б за задолжителна вакцинација е единственото решение пред очекуваниот есенско-зимски бран, кој може да биде причина за колабирање на здравствените системи во земјите што ќе имаат низок процент на вакцинирано население – истакнува д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог. Психологот Мирјана Јовановска Стојановска смета дека на населението му се потребни соодветно објаснување и суштински информации, кои досега недостигаа.

– Пропуст е што на населението не му е дадено соодветно објаснување и што недостигаа суштински информации. Треба да се дадат факти за антителата, за заштитата што ја нуди вакцината и да се објасни одговорноста. Луѓето остануваат збунети и не им веруваат на политичарите по многубројните афери што се случија, додека нема одговорност, сѐ е исполитизирано и се пречекоруваат границите помеѓу функцијата и струката. Социјалните мрежи се достапни, па луѓето се обидуваат таму да дојдат до информации. Најтешко е што на луѓето им се остава да одлучуваат врз основа на полуинформации и недоволна информираност – вели Стојановска Јовановска.
Воспоставувањето комуникација чија цел е поттикнување на вакцинацијата не е едноставен процес, бидејќи треба да допре до луѓе што имаат различни убедувања, степен на образование и верска припадност. Португалија се издвојува како пример на земја што имаше успех во вакцинацијата и од чие искуство Македонија може да извлече поука.
– Потребно беше да се интензивира процесот на комуникација и требаше да учиме преку примерите од земјите што успеаја со помош на комуникација со граѓаните да постигнат завидно ниво на вакцинација, како на пример Португалија, која целосно вакцинира речиси 85 отсто од својата популација. Тој процес воопшто не е едноставен, особено поради причината што најголемиот дел луѓе што мора да ги убедите се возрасни, кои одамна не се вакцинирале. Тие имаат различни степени на едукација, различни верувања, различни религии, културолошки разлики и слично. Потребно е да допрете до тие луѓе, а тоа мора да го направите со потребните информации за безбедноста и за ефикасноста на вакцините, кои ќе бидат пренесени преку соодветен медијатор, како што се граѓанските здруженија што се поблиски и поинформирани, но и групи од доверба за одредени категории граѓани – смета Мехмедовиќ.

Невакцинираните македонски граѓани се соочуваат со ограничен пристап до затворените трговски центри, угостителските објекти, спортските натпревари, како и до други настани и манифестации. Одбивањето на вакцинацијата во други држави, пак, влијае и врз можноста за извршување на работните обврски. Канада, на пример, ќе ги испраќа на неплатен одмор вработените во федералните служби што не се комплетно вакцинирани против ковид-19, додека патниците и персоналот во воздушниот, железничкиот и бродскиот сообраќај наскоро ќе треба да покажат доказ за вакцинација. Франција и Италија ги суспендираа здравствените работници што не се вакцинирани против ковид-19. А во невообичаена ситуација се наоѓаат и некои од ѕвездите на најсилната светска кошаркарска лига НБА што одбиваат да се вакцинираат. Кајри Ирвинг од Бруклин нетс се соочува со пропуштање на домашните мечеви во Њујорк, каде што вакцинацијата со барем една доза е задолжителна за влез во спортските сали. НБА-лигата не може да ги принуди кошаркарите да се вакцинираат, но оние што нема да се придржуваат до локалните прописи за имунизација би можеле да останат без финансиски надомест за пропуштените мечеви. Според упатените, Ирвинг ќе губи по 400 илјади долари со секој неодигран натпревар на домашен паркет доколку не се вакцинира, но допрва се очекува официјална одлука.
Извесно е дека задолжителната вакцинација претставува комплексна одлука за властите и за надлежните институции, бидејќи ги доведува во прашање човековите слободи и убедувања, а може да создаде и раздор во општеството. Но таа би можело да се јави како крајно решение, чија оправданост ја претставуваат невообичаените околности во обидот за сузбивање на коронавирусот и ставањето крај на пандемијата.

[email protected]