Илустрација: „Нова Македонија“

Олимпијадата во Токио понуди соодветна аналогија во однос на едни многу поважни игри – геополитичките. За проучувачите на војната и на мирот, големото прашање гласи: во големото геополитичко ривалство, дали може да се најде начин за изградба и менаџирање конструктивна конкуренција. Дали потребата од соживот може да ги натера светските лидери да се вклучат во мирен натпревар, во кој секоја држава дава сѐ од себе за да покаже кој систем (на пример американскиот или кинескиот) може да испорача повеќе за своите граѓани? Во секој случај мора да се надеваме дека САД и Кина ќе го најдат вистинскиот пат до одговор на горепоставеното прашање што ќе го содржи зборот „да“!

Еден друг аспект на најголемото глобално спортско натпреварување

Во едновековната историја на модерните Олимписки игри, знаете ли кога Кина го освои својот прв медал? Тоа се случи дури во 1984 година, на Олимпијадата во Лос Анџелес. Но само четврт век подоцна, на Олимписките игри одржани во 2008 година во Пекинг, Кина ги истисна Соединетите Американски Држави од нивната вообичаена позиција број 1, освојувајќи 48 златни медали, наспроти американските 36. Иако САД се „вратија“ на старите позиции на игрите во 2012 и во 2016 година, резултатот од актуелнава Олимпијада до крајот беше тесен. На повеќето сајтови за обложување, просечните очекувања беа дека САД ќе освојат 40 златни медали, а Кина 33, а на крајот резултатот беше 39:38 за Американците.
На терените на геополитичката олимпијада, кинескиот подем до степен на најголем ривал на САД е уште подраматичен. Пред само дваесетина години, во зората на 21 век, Кина дури и не беше рангирана во ниту еден геополитички натпревар.
Оваа интересна констатација ја образложува како теза во „Нешнал интерест“ Грејем Алисон, политички научник и професор на универзитетот „Харвард“.

Денг Ксијаопинг: „Скриј ја својата силата, чекај го своето време“

Од економска гледна точка, Кина беше класифицирана како „сиромашна земја во развој“ и како таква ѝ беше дозволен влез во Светската трговска организација, под услови што важеа само за економии во развој. Од технолошки аспект, пак, со приход по жител еднаков на оној во Гвајана и на Филипините, кинеските граѓани немаа доволно пари да си купат напредни компјутери или мобилни телефони, а уште помалку имаа средства и ресурси за нивно производство. Ништо подобра не беше ситуацијата во кинеското министерство за одбрана. Кога се работеше за дипломатија, Пекинг си седеше мадро, следејќи го мотото на тогашниот лидер Денг Ксијаопинг, кое гласеше: „Скриј ја својата сила, чекај го своето време“.
Но тоа беше тогаш. Во текот на изминативе две децении, Кина се издигна во голем број области, посилно и побрзо од која било друга нација во историјата. Како резултат на тој подем, таа стана сериозен ривал на земјата што до неодамна беше единствената светска суперсила. Згора на сѐ – да го парафразираме поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел – сето тоа се случи толку брзо, што немавме време дури ни да се зачудиме.
Кој е денес светска работилница за производство? Кој е трговски партнер број 1 за повеќето земји во светот? Кој е главен двигател на економскиот раст во текот на повеќе од една декада по големата рецесија во 2008 година? Кој ја има – според критериумите за споредба на националните економии, воспоставени од страна на ЦИА и ММФ – најголемата економија во светски рамки? На воената сцена, кој ја наруши американската конкурентска предност во сите домени на војување до тој степен што, според зборовите на поранешниот секретар за одбрана Џим Матис, „денеска секој домен поврзан со војската е поле за борба: во воздух, на копно, на вода, во вселената и на интернет“?
И покрај тоа што САД остануваат единствена глобална воена суперсила, што победи (според податоците дадени од поранешниот заменик-секретар за одбрана Боб Ворк) во сите 18 воени „игри“, кои беа дел од најдеталната симулација за можен конфликт околу Тајван, конструирана од страна на американското министерството за одбрана.
Освен тоа, кој е најголемиот производител и потрошувач на автомобили? Кој пазар Елон Маск го смета за најголем кога се работи за автомобилите „тесла“ и другите електрични возила? Во технологијата што ќе има најсилно влијание врз економијата и безбедноста на следната генерација – се разбира, зборуваме за вештачката интелигенција – која земја (според процената на Ерик Шмид, поранешниот извршен директор на „Гугл“ – водечката компанија за ВИ во Америка) е очигледен лидер во препознавањето лице и глас, во суперкомпјутери и финансиска технологија?
Читателите што се во дилема како да одговорат на овие прашања ќе најдат патоказ во претстојниот извештај од работната група на „Харвард“ (во чиј фокус е Кина), насловен „Големото ривалство: Кина против САД во 21 век“. Подготвени како дел од пакетот транзициски меморандуми, наменети за новата администрација на Бајден по изборите во ноември 2020 година, одредени поглавја од овој извештај им беа предадени на оние задолжени за стратегиски административни прегледи (како и на оние што имаа планови за втор мандат на Трамп). Откако тимот на Бајден и челниците на Конгресот имаа можност да ги искористат, поглавјата ќе бидат објавени подоцна годинава како дебатни документи на центарот „Белфер“ при училиштето „Кенеди“ на „Харвард“. Но со оглед на фактот дека во последно време имаше голем број јавни коментари и распрашувања во врска со извештајот, во овој напис ќе ви дадеме увид во некои од нашите клучни заклучоци.
Специфичната задача што требаше да ја одработи нашиот извештај беше „да се документира што всушност се случи во последниве две децении, за време на многубројните трки помеѓу Кина и САД“.

Наша цел беше да се обезбеди една објективна база на податоци, која би служела како основа за креаторите на политики, кои ќе преземат обврска да направат преиспитување и да излезат со фундаментална стратегиска процена за предизвикот наречен Кина. Петте поглавја на извештајот се фокусираат на кинеско-американското ривалство во пет основни области на моќ: економска, технолошка, воена, дипломатска и идеолошка. Секое поглавје почнува со идентификување критериуми, метрики за процена и најдобри некласифицирани извори на податоци за секоја од темите. Потоа се сумираат доказите за она што се случувало во изминативе две децении и се излегува со објективна оцена за актуелната положба и состојба на двајцата големи „натпреварувачи“.
Во нашите процени и заклучоци, се потрудивме да се водиме според начинот на работа на олимписките судии: непристрасно судење според јасно одредени критериуми. На пример, во процената околу тоа каде моментално стојат САД и Кина во однос на гласовното препознавање преку ВИ (вештачка интелигенција), ги зедовме предвид резултатите од Меѓународниот предизвик (универзитет „Стенфорд“) во машинско читање, каде што Кинезите освоија три од првите пет места, вклучувајќи го и првото. Значи, признавме дека – во повеќето од овие натпревари – кинеските перформанси се значително подобрени. Сепак, во извештајот се вели и дека овој нивен напредок не треба никого да изненади, бидејќи Кина во суштина ја игра играта „престигнување“, затворајќи ги празнините по пат на копирање на технологиите и практиките што првпат беа воведени од страна на САД и други држави.
Во секој случај, за нас Американците, веста дека Кина нѐ престигнува, па дури и надминува во некои од натпреварите, звучи доста вознемирувачки. Навистина, како проучувачи на меѓународната безбедност, свесни сме дека светскиот ред и поредок што ги практикуваа САД во последните седум децении по Втората светска војна обезбедија долготраен мир (без воени дејства и судири помеѓу големите сили) и поголемо здравје и просперитет низ светот одошто кој било порано во светската историја. Токму затоа, влијанието на кинескиот „метеорски“ подем врз истиот тој светски поредок предизвикува длабока загриженост. Но како што Џон Адамс упорно ги потсетуваше своите сонародници, додека се бореа за слобода против најмоќната светска нација во 18 век, и ние ќе кажеме: „фактите се тврдоглави нешта“.
Накратко, ова се главните заклучоци во однос на петте анализирани области во рамките на нашиот извештај.

Предизвик потежок од кој било друг во историјата

Прво, Кина не само што се издигнува туку веќе се искачи до точка на менување на поредокот востановен по Студената војна: геополитички, економски, технолошки, воено, дипломатски и политички. Официјален Вашингтон и понатаму се обидува на Кина да гледа како во ретровизор. Политичарите инсистираат на тоа дека Пекинг не е ништо повеќе од „нерамноправен соперник“. Но реалноста кажува нешто сосема друго. Дојде времето кога треба да ја признаеме Кина како рамноправен и компетентен соперник на Вашингтон. Како таква, таа претставува политички предизвик што е потежок одошто кој било друг што досега го имала Америка. Разликата помеѓу термините не е само семантичка. Доколку нашата процена е точна, Глобалната процена за опасност во 2021 година, изнесена од директорот на Националната разузнавачка служба, во која Кина се опишува како „сѐ порамноправен соперник“, во суштина е погрешна. А разликите се многу важни. Прашајте ги американските спортисти во Токио како се справуваат со „нерамноправните“ соперници. Второ, Кина не само што ги престигна САД во голем број значајни области – вклучувајќи и во обемот на економијата – туку воспостави и некои водства што САД тешко дека ќе ги повратат. Иако многу од читателите со недоверба ќе гледаат на овој податок, би требало да обрнат внимание на бројките. Со оглед на тоа дека Кина има четири пати поголемо население од САД, доколку Кинезите би биле барем 25 отсто продуктивни како Американците, нивниот БДП би бил еднаков на нашиот. Секако, не е сѐ во БДП, но тој претставува темел на моќта во односите меѓу народите.
Трето, доколку двете држави продолжат да се движат по своите сегашни траектории, кинеската економија до 2030 година ќе биде двојно поголема од американската. Освен тоа, во многу од спортовите каде што САД досега традиционално доминираа, Кина потенцијално може да се стекне со сериозна предност. Колку и да биде болно, Американците ќе мора да најдат начин да се справат со светот во кој – барем на некои полиња – Кина ќе биде број 1.

Четврто, на натпревари каква што е Олимпијадата, освојувањето најголем број медали во основа е прашање на национална гордост. Сепак, во суштинските геополитички ривалства – вклучувајќи го и БДП, релативните воени способности за потенцијален конфликт (на пример, околу Тајван) или, пак, лидерството во граничните технологии како ВИ – доколку Кина успее да ги освои златните медали што треба да ги освоиме ние, последиците за американската економија, безбедноста и меѓународниот поредок под американско водство, ќе бидат крајно негативни. Секој што има дилеми во однос на тоа како изгледа животот според кинески правила, треба да погледне што се случува во Хонгконг.
Петто, наспроти оние за кои овие заклучоци водат кон дефетизам, авторите на извештајот од „Харвард“ не се склони да веруваат дека ова значи „крај на играта“ за САД. Историски гледано, американската демократија секогаш се будела „бавно“ пред своите големи предизвици. На бојното поле, доколку американските најголеми војни завршуваа по првите неуспеси, американските колонизатори никогаш немаше да дојдат до независност, Германија ќе излезеше како победник во Првата светска војна, цела Азија ќе беше јапонска просперитетна зона, а Европејците ќе зборуваа германски во големата нацистичка империја.

Ќе стане ли Кина „најголем играч во светската историја“

Признавањето на големината на предизвикот наречен Кина, за која основачот на Сингапур, Ли Куан Ју, визионерски предвиде дека ќе претставува „најголем играч во светската историја“ е првиот мудар чекор што треба да се направи. Убедени сме дека тоа треба да ги доведе (и ќе ги доведе) САД до реакција што е пропорционална на предизвикот.
И така, додека Кина и САД се натпреваруваа рамо до рамо на игрите во Токио, шефот на кинеската Генерална управа за спорт, Гу Цонгвен, воопшто не ја крие поставената цел на Кина. Како што неодамна истакна: „Олимпијадите во Токио (летна) и Пекинг (зимска) претставуваат угорни скалила на патот на Кина, која до 2035 година ќе стане светска спортска сила“. За целите на оваа мисија, Пекинг во Токио го испрати својот досега најмногуброен тим, составен од 777 спортисти, наспроти американските 621. Сепак, веднаш по самото пристигнување во Токио, извршната директорка на Американскиот олимписки комитет категорично изјави: „Тимот на САД е подготвен за сѐ“. Со еден збор – играта започна.
Американците никогаш не избегнувале да се натпреваруваат. Навистина е така, нашата пазарна економија и демократија се темелат на тезата дека секоја фер конкуренција ќе ги спотера ривалите да трчаат побрзо одошто кога би трчале сами. Но за проучувачите на војната и на мирот, големото прашање гласи: во големото геополитичко ривалство, дали САД и Кина може да најдат начин за изградба и менаџирање конструктивна конкуренција. Дали потребата од соживот може да ги натера лидерите (ослободени од предрасуди) да се вклучат во мирен натпревар, во кој секоја држава дава сѐ од себе за да покаже кој систем – американската демократија или кинеската партиска автократија – може да испорача повеќе за своите граѓани? Имајќи предвид дека животите на граѓаните од двете држави зависат од потврден одговор на зададените прашања, мора да се надеваме и да се молиме САД и Кина да го најдат вистинскиот пат до одговор со зборот „да“.

Од анализата на Грејем Алисон за „Нешнал интерест“