Со контроверзен закон Заев и Филипче сакаат да протнат криминална зделка за нов клинички центар, ВМРО-ДПМНЕ целосно го отфрла. Ова на прес-конференција го изјави Игор Николов.

Според него, СДСМ и Владата предводена од оваа партија, продолжуваат со концептот на демонтирање на здравствениот систем.

– Наместо анализа на новонастанатата состојба во здравството со корона-епидемијата, наместо утврдување на потребите и приоритетите на здравствениот систем, деновиве СДСМ е во криминален поход за реализација на проект, кој секоја година го најавуваат, а тоа е нов Клинички центар. Зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите. Тоа зајакнување не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот – рече Николов.
Според опозициската партија, денес ќе дебатирале за потребата од втор клинички центар, доколку СДСМ не го прекинеле проектот Клинички центар Мајка Тереза.

Николов вели и дека власта предлага закон за клинички, а ги нема решено имотно-правните односи на самото земјиште, не им е отпочната постапката за експропријација.

– Немаат анализа за потребата од централизација или пак децентрализација на здравствениот систем настаната од корона епидемијата, немаат проект, немаат испитувања за геомеханиката на земјиштето, ниту за евентуални археолошки наоѓалишта – вели Николов.

Градбата на нов клинички центар вака како што тие го замислуваат и сакаат да го протуркаат претставува извор на корупција, рече Николов и додаде дека овој предлог е само една работна верзија на закон. Овој предлог наместо да обезбеди одбирање на најдобрата компанија, стимулира некаква заедница на компании.

Николов посочи и дека самата јавна набавка е спорна.

– Ова е работна верзија на закон, со оваа работна верзија се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Дури, постои и однапред можност за однапред договорени фиктивни понуди – додаде Николов.

Претходно денеска, министерот за здравство, Венко Филипче порача дека опозицијата треба да го одблокира законот.