Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста, насловено „Европа не нè разбира“, се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) и во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Македонија кон ЕУ.
Во писмото на бугарските интелектуалци, пишува дека тие инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување“ и подвлекуваат дека не се согласуваат „Македонија да се претстави само како земја што не се справува со сопственото минато“.
Според нив, Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Македонија.
Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.

Според бугарските научници што го потпишале писмото петиција, тврдењата за датумот на раѓањето на една нација и на јазик се научно неодбранливи и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто.
– Тврдењето за заедничка историја до 1944 година, недвосмислено толкувано како бугарско, е неубедливо – пишуваат научниците, вклучувајќи ги и историчарите Стефан Дечев, Чавдар Маринов, Александар Везенков, политиколозите Димитар Бечев, Дејан Кјуанов, Ружа Смилова, културолозите Александар Кјосенов и Албена Хора, економистот Красен Станчев…
Спротивно од овие тврдења, бугарските интелектуалци сметаат дека концептите како што се „споделена историја“ и „испреплетена историја“ би можеле да го збогатат меѓусебното разбирање за минатото.