Фото: Игор Бансколиев

И додека ЕУ продолжува да ги поддржува неразумната бугарска позиција во однос на македонскиот јазик и флагрантното погазување на европската регулатива од страна на Софија, токму Унијата најдиректно ќе биде засегната од нов мигрантски бран ако македонските гранични служби бидат оставени без помош во справувањето со мигрантите. Од друга страна, истата таа ЕУ најави остри мерки кон Полска и се закани дека ќе ѝ ги одземе правото на глас и парите од европските фондови ако Полска не го усогласи своето законодавство со европското. А во случајот со Бугарија, ЕУ дозволува и многу повеќе и нејасно е до каде може да оди со оваа толеранција на Унијата за противправното и неразумното однесување на официјална Софија

Бугарија на секој чекор го прекршува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка

Бугарија продолжува со блокадата на Договорот за управување со границите помеѓу Европската Унија и Македонија поради неприфаќањето на македонскиот јазик, со што го прекршува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји, иако постојано пред меѓународната заедница се жали дека Македонија е таа што го прекршува. Со одбивањето веќе три години да стави параф за нов мандат на Фронтекс на македонските граници, Бугарија флагрантно ги прекршува првите три члена од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а ЕУ дозволува прекршување на меѓународното право од страна на своја земја-членка.

Уште едно флагрантно кршење на Договорот за пријателство и добрососедство

Имено, во членот 1 од договорот се наведува дека двете страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството. Со одбивањето да го потпише договорот за Фронтекс, Бугарија ги прекршува основните принципи на меѓународното право, кои се инкорпорирани во Договорот за гранична соработка меѓу Македонија и ЕУ.
Потоа, според членот 2 од Договорот за добрососедство, е предвидено двете земји да соработуваат во рамките на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми. И овој член е прекршен оти Бугарија одбива соработка за нов мандат на Фронтекс, кој е меѓународна регионална иницијатива.
Се чини дека членот 3 е најфлагрантно прекршен од бугарска страна бидејќи со него се предвидува двете земји да помагаат за развој на соработката меѓу државите од Југоисточна Европа, за зајакнување на разбирањето, мирот и стабилноста во регионот и при реализацијата на регионални проекти, како дел од процесот за создавање единствена Европа. Со одбивањето да го потпише договорот за Фронтекс, Бугарија ја опструира соработката меѓу државите од ЈИЕ обединети околу заедничката одбрана на европските граници од напливот на мигранти и уште повеќе ги загрозува мирот и стабилноста во регионот.

ЕУ ем засегната за безбедноста ем недозволиво молчи и не
презема ништо

Нејасно е зошто на сево ова официјален Брисел молчи, бидејќи оставањето на македонската граница незаштитена само поради билатерален јазичен спор директно ќе ја загрози и безбедноста на Европа, со наплив на нов бран мигранти, слично како во 2015 година.
– Договорот не е сѐ уште во сила бидејќи преговорите продолжуваат. Референците за македонскиот јазик се единствената пречка за потпишувањето на договорот со Фронтекс. Комисијата ги охрабрува Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заедничко прифатливо решение – велат од прес-службата на ЕК.
И додека ЕУ продолжува да ја поддржува неразумната бугарска позиција во однос на македонскиот јазик и флагрантното погазување на европската регулатива од страна на Софија, токму Унијата најдиректно ќе биде засегната од нов мигрантски бран ако македонските гранични служби бидат оставени без помош во справувањето со мигрантите.
Од друга страна, истата таа ЕУ најави остри мерки кон Полска и се закани дека ќе ѝ ги одземе правото на глас и парите од европските фондови ако не го усогласи своето законодавство со европското, но во случајот со Бугарија дозволува буквално сè и нејасно е до каде може да оди со оваа толеранција на неразумното.

Се раѓаат сомнежи за други заткулисни игри

Повеќе од јасно е дека спомнувањето на македонскиот јазик при потпишувањето на Договорот со ЕУ за управување со границите во никој случај не ја обврзува Бугарија да го признае тој јазик, бидејќи официјален Брисел веќе застана на нејзина страна, наводно инсистирајќи од обете страни да изнајдат заедничко решение околу јазикот, но во практика поддржувајќи ја својата членка во нејзините неразумни позиции.
Ваквото однесување на Бугарија и неразбирливото одбивање да се ратификува Договорот за Фронтекс раѓа сомнеж за реализација на едно поинакво сценарио што можеби потајно е посакувано во Софија, а кое би предвидувало внатрешно дестабилизирање на земјава преку неконтролиран наплив на бегалци и можност за иден бугарски ангажман на македонска територија, наместо оној на Фронтекс.
На ваквото сценарио, кое никој не го посакува и во кое никој не сака да поверува, наведува самото нелогично однесување на Бугарија, бидејќи одбивањето да се потпише обичен безбедносен Договор за гранична соработка со ЕУ во време кога светот, покрај пандемијата, се соочува и со енергетска и финансиска криза, не може да се протолкува никако поинаку освен како некакви заткулисни игри од источниот сосед, кои се најмалку добрососедски.
Не е исклучено Софија да го користи токму Договорот за Фронтекс како алатка за притисок врз Македонија да ги прифати бугарските барања најпрво за јазикот, а потоа и за идентитетот и историјата.

Бугарија не сака Македонија да се вклопува во меѓународни рамки

За првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски потегот на Бугарија со непотпишувањето на Договорот за Фронтекс е целосно неразбирлив.
– Не можам да разберам како може меѓународната соработка да биде проблем. Очигледно, Бугарија не сака Македонија што повеќе да се вклопува во меѓународни рамки, дури и со вакви договори што се од полза заради безбедносниот елемент на Балканот, во насока на борба со криминалот и тероризмот и што е поздравено и од САД и од ЕУ. Едноставно, Софија не сака земјава да напредува и опструкциите што таа ги прави, сака да ги претстави како опструкции на договорот од македонска страна. Никој нема да навлегува во детали зошто Бугарија не го потпишала, туку Македонија едноставно ќе биде лошо сфатена зашто тој договор не е во сила – вели Арсовски.
Тој се согласува дека опструкциите од страна на Бугарија директно ќе влијаат врз безбедноста на самата ЕУ, истовремено не исклучувајќи можност евентуален голем мигрантски бран да предизвика дестабилизација и во земјава.
– Миграцијата е една опасна појава и треба постојано да се следат тие работи. Ако мигрантите влезат во Грција, тие ќе дојдат и кај нас. Затоа важноста на Фронтекс на нашата јужна граница беше многу битна и останува да биде битна, така што треба што поскоро да се ратификува овој договор со ЕУ – смета Арсовски.