Наметнатиот спор за името од страна на Грција деновиве е во фаза на исчекување на најавениот телефонски разговор меѓу премиерите на двете држави. Во меѓувреме се појавија информации дека дошло до застој во преговорите, односно, според мислењето на аналитичарите, давање време во кое ќе се убедат опозициите во двете земји да го прифатат евентуалното решение.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека нема никаква дилема дека може да се очекува некаква промена во односите со Грција. Никовски е убеден дека овој дијалог со Атина засега, според изјавите во јавноста, нема светла иднина, освен испорачување на барањата на Грција.

– Бркањето на некаквите рокови од наша страна во процесот на преговори со Грција е тешка стратегиска грешка. Впрочем, и пораките што доаѓаат и од Брисел и од Атина се дека не треба ништо конкретно да очекуваме од ЕУ и од НАТО во јуни и јули. Пораките од Атина дека топката е во нашиот двор не се ништо ново, бидејќи цело време е така. Тие бараат наши концесии и ние постојано ги даваме. Сега ножот е до коска. Инсистираат да се откажеме и дека сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик. Такво нешто нормален човек во оваа држава ниту може ниту смее да прифати – оценува Никовски.
Според политичкиот аналитичар Димитар Димов, компромис е сепак можен. Димов вели дека има впечаток оти грчката јавност полека разбира дека нивните барања се претерани. Сепак, тој е оптимист дека решението на проблемот за името е на повидок, а за одложувањето на разговорот вели дека некогаш е потребно повеќе време за квалитетен договор.

– Сѐ се сведува на игра на нерви и време. Во исто време убеден сум дека нема враќање од оваа ситуација, тоа не може да си го дозволи ниту грчката страна ниту македонската, затоа што веќе презеле доволно обврски – вели Димов.
Во исто време премиерот Заев и натаму останува оптимист. Во интервју за магазин специјализиран за претставниците на дипломатскиот кор во регионот, шефот на македонската влада вели дека разговорите со Грција водат кон решение и дека во јули Македонија очекува покана за НАТО.
– Ако сите се насочиме кон наоѓање решение, 2018 може да биде година за паметење и за Република Македонија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа сум неуморен оптимист и во јули очекувам покана до Македонија за влез во НАТО. Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион – вели Заев.
За официјална Атина, преговорите за името ќе доведат до решение само ако Владата во Скопје обезбеди промена на Уставот, за што се потребни гласовите на две третини од пратениците во македонскиот законодавен дом. Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчката телевизија Контра вели дека официјална Атина чека решавачки чекор од Скопје.

– Ништо не е договорено ако не се договори сѐ. Во овој момент очекуваме од страна на политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија да го направи решителниот чекор и да го прифати договорот. Нормално, за време на техничките преговори, сѐ што се договара се заведува во писмена форма. Она што го очекуваме е комуникацијата меѓу двајцата премиери, која во овој момент не може да се предвиди кога би се случила – вели Ѕанакопулос.
Од друга страна, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на саботниот митинг во Скопје уште еднаш ја повтори позицијата дека неговата партија нема да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име. Опозициите и во Македонија и во Грција се чини дека не гледаат позитивно на решавањето на прашањето.
Во Грција, слично постапува и Неа демократија. Министерот за надворешни работи во сенка од опозициската грчка партија Јоргос Кумуцакос завчера рече дека добро решение за името подоцна е подобро отколку лошо решение сега.