Фото: Игор Бансколиев

Додека предавам во училницата, во исто време ги вклучувам на Тимс и учениците што следат од дома. Јас си пуштам камера, го вртам лаптопот кон таблата, а тие ме следат. Ги активирам на часот, ги прашувам, исто како да се во училницата. Ако не можат да препишат од табла, им сликам и им ги праќам сликите на Месинџер, вели наставничка од Пробиштип

Инфопресек на првите ДЕСЕТ ДЕНА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО

Непочитување на овозможените услови за одржување на потребната дистанца на часовите, извадени маски за време на одморите и во училишните дворови, преголем број ученици во училишните автобуси… Ваква е сликата во повеќе училишта низ државата, десет дена откако започна учебната година со физичко присуство. Сепак, „децата се деца“, велат возрасните, но наставниците сметаат дека за пропустите мора сѐ уште да се работи со децата и дома и на училиште, но и преку медиумите, особено социјалните, со едукативно-интерактивни содржини.

Со помал број ученици во паралелките полесно се функционира

Во Министерството за образование и наука велат дека околу 0,02 отсто од вкупниот број ученици и исто толкав процент и на наставници се активни случаи на заболени со ковид-19.
Наставниците со кои поразговаравме велат дека во училиштата со помал број ученици во паралелките полесно се функционира, за разлика од оние во кои е тешко да се почитуваат правилата наведени во протоколите. Одделенска наставничка од Пробиштип, која води паралелка во трето одделение, вели дека оние наставници што и лани работеле со физичко присуство, немаат проблем да се снајдат и да се организираат за разлика од нивните колеги што минатата учебна година работеа онлајн.
– Кај нас, ние наставниците и учениците од второ до четврто одделение, сме навикнати на физичко присуство и на мерките оти и лани така се учеше и немаме никаков проблем. Тие што се прво одделение лесно ќе се навикнат, оти колку помали, толку побрзо се навикнуваат. Поголемите ученици се однесуваат како нивните наставници, па затоа наставниците имаат влијание. Ако наставникот носи маска и потсетува на мерките, тогаш и учениците се однесуваат како него. Мојата паралелка има 18 ученици, па не е проблем одржувањето дистанца. Оние училишта со големи класови, не знам како ќе поминат и како би се адаптирале – вели наставничката.
Таа вели дека во моментов има двајца ученици што наставата ја следат онлајн бидејќи родителите им се позитивни на ковид.
– Додека предавам во училницата, во исто време ги вклучувам на Тимс и учениците што следат од дома. Јас си пуштам камера, го вртам лаптопот кон таблата, а тие ме следат. Ги активирам на часот, ги прашувам, исто како да се во училницата. Ако не можат да препишат од табла, им сликам и им ги праќам сликите на Месинџер. Домашните задачи тие исто така ми ги праќаат на Месинџер – додава наставничката.

Која е најголемата детектирана закана за зараза

Според неа, проблем е превозот на ученици во училиштата за средно образование, бидејќи многу деца патуваат до училиште секој ден со автобус.
– Еден автобус тргнува од Пробиштип, зема деца од Злетово и одат на училиште во Штип. Автобусот секогаш е преполн, и има ученици за кои нема место и мораат да стојат. Тука колку и да се почитуваат протоколите, тоа е мал простор за толку многу луѓе. Опасноста е таму. Ако веќе се оди на училиште, треба автобускиот превоз да се среди. Тие патуваат до училиште еден час, толку време се во автобусот. Тоа треба да се регулира и поинаку да се организира – предупредува наставничката.
Во основните и во училиштата за средно образование, може да се забележи дека учениците во школските дворови за време на паузите не носат маски, а се групираат. Ризикот од зараза е присутен, иако на отворено е помал. Во затворен простор, односно на часовите, професорите со кои поразговаравме велат дека маски се носат.
Оваа учебна година наставата започна со физичко присуство првпат по повеќе од година и пол пандемија. Според надлежните, наставата со физичко присуство е најдобрата опција за задоволување на интересите на учениците.
– Тоа влијае врз квалитетот на стекнатите знаења, социјализацијата и психофизичкиот развој, а наедно тоа е и препорака на УНИЦЕФ како организација што работи на заштита и унапредување на детските права. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат за деца со ретки болести или попречености, деца што доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето – велат во МОН.


Точно 0,02 отсто од учениците се позитивни

Околу 0,02 отсто од вкупниот број ученици и исто толкав процент и на наставници се активни случаи на заболени со ковид-19, а деталните податоци ги поседуваат надлежните служби, кои констатираат присуство на вирус кај суспектни лица и издаваат решенија за изолација.
– Тоа што е особено важно да се потенцира е дека училиштата не се трансмитери на заразата и дека во секој случај кога има појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат во согласност со протоколите и алгоритмите. МОН апелира на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно-образовниот процес, бидејќи само на тој начин ќе ја одржиме наставата со физичко присуство во училница, која е во најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива – информираат оттаму.