Договорот од Преспа треба да биде разгледан во Советот за безбедност(СБ) на Обединетите нации(ОН), смета рускиот амбасадор во ОБСЕ Александар Лукашевич со серија твитови, коментирајќи ги политичките случувања во Македонија, истовремено обвинувајќи ги западните земји за мешање во внатрешните работи на земјата.
– Евентуалниот конечен договор, во согласност со став 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН, ќе биде разгледан од Советот за безбедност на ОН – наведува Лукашевич во твитовите што ги пренесува и Руската амбасада во Скопје.
Во контекст на политичките случувања, Лукашевич вели дека „мешањето на САД и другите западни земји во внатрешните работи на Македонија предизвика повторно враќање на акутната политичка криза во земјата која не е надмината повеќе од три години“.
– Јавната доверба во институциите и демократските процедури во Македонија се поткопани. Референдумската алатка и парламентарната процедура беа дискредитирани. Прогонот на оние кои не се согласуваат со политиките на владата на Македонија се интензивираат. Продолжува невидениот притисок врз претседателот на државата, а се појавија и информации дека телефоните во неговата канцеларија се прислушуваат – наведува рускиот амбасадор во пораките на Твитер.
Серијата пораки ги завршува со оценка дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје има важна улога во поддршката на процесот на хармонизација на меѓуетничките односи, зајакнување на разбирањето меѓу националните заедници како основа за одржување на стабилноста и безбедноста во согласност со одредбите од Охридскиот рамковен договор.
Последните официјални реакции од Москва за случувањата во Македонија беа на крајот на октомври годинава по референдумот и отворањето на процесот на уставни измени.
Министерството за надворешни работи на Русија тогаш обвини дека поддршката за почеток за уставни измени заради имплементација на Договорот од Преспа, била обезбедена со уцени, закани и купување гласови. Крајната цел, според Москва, е САД и западните сојузници по секоја цена да ја внесат Македонија во НАТО.
Портпаролката на руското МНР Марија Захарова, пак, ги отфрли обвинувањата од Вашингтон дека Москва е таа која се меша во внатрешните работи на Македонија. Руската амбасада во Скопје, потоа објави дека Москва не го менува ставот во однос на уставното име на Република Македонија.
– Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име пред повеќе од 26 години и својот став не го менува – напиша на Твитер Руската амбасада во Скопје, веднаш по изгласувањето на одлуката во македонското Собрание за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа.