Самопочитта е уште една доблест за којашто зборува Аристотел. За жал, многу често тоа што го среќаваме кај македонските политичари е токму обратното. Уште повеќе, нивната сервилност и желба за владеење, дополнети со незнаењето, ароганцијата, алчноста и неспособноста, може да доведат до распаѓање на Македонија. Нема потреба од сервилност и кон внатре (коалициските партнери) и кон надвор. Нема потреба, заради мислењето дека „има момент на итност за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ“, да заборавите кои сме
Денешниов текст ќе го започнам со зборовите на Хана Арент (Hannah Arendt), една од највлијателните мислители на 20 век, пријателка и соработничка на Хајдегер и Јасперс. Таа докторирала под менторство на Јасперс со тезата „За концептот на љубовта во мислата на Свети Августин: Обид за филозофско толкување“. Според Арент, „дури и во најмрачните времиња имаме право да очекуваме некакво осветлување“. Меѓутоа, тоа осветлување не произлегува од напишаните теории и концепти, туку „од несигурната, треперечка и често слаба светлина што некои мажи и жени, во нивните животи и нивните работи, ќе ја разгорат под сите околности и ќе ја рашират во текот на времето што им беше дадено.“ Кои наши сограѓани го прават тоа веќе неколку години? Дали конечно ќе излеземе од овие мрачни времиња? Кога ќе ги изговориме Рациновите „силно светнал денот!“?
Однапред им се извинувам на другите што нема да ги спомнам сега (тие се, можеби, ако не и повеќе, исто толку важни како и споменатите), но тука, накратко, ќе проговорам за четири гиганти, на чиишто раменици, да го парафразирам Исак Њутн, застанаа многумина, вклучувајќи ме и мене, а се надевам, наскоро, ќе застанат сите. Тоа се (по азбучен ред) професорките Ванковска, Каракамишева, Котеска и Ќулавкова. Нивните иницијативи, трудови, текстови, есеи, колумни, постови по социјалните мрежи ечат, одекнуваат (и ќе продолжат да одекнуваат и понатаму во вечност) со силината на аргументите и достоинството.
Македонија се соочува, во основа, со два проблема. Првиот ќе го именувам како „идентитетски проблем“. Иако за тоа пишував во „Нова Македонија“, не е на одмет повторно да проговорам. Некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1944 година, македонски јазик – тоа е нивно право – но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето. Но кога станува збор за Владата на Република Македонија, МАНУ, УКИМ и другите институции во државава, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења на светските лингвисти, слависти, историчари, хуманисти, етнолози, според кои македонскиот јазик, идентитет, историја, култура имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија.
Вториот проблем ќе го именувам како „проблем на демократијата“. Кажано со стручни зборови, консоцијалната демократија како систем на поделба на моќта меѓу етничките групи, а не како систем на поделба на моќта меѓу еднаквите индивидуи, за Македонија стана опасност по стабилноста и нормалното функционирање на системот. Со други зборови, еднаш и засекогаш треба да се отстрани доминацијата на малцинството над мнозинството (притоа, предочувам дека и двете доминации, доминацијата на малцинството над мнозинството, но и доминацијата на мнозинството над малцинството, се штетни и треба да се спречат со различни механизми). Тоа придонесе, во спрега со некои други фактори, демократските институции на државава, од независноста на Македонија до денес, сѐ повеќе да еродираат. Денес, за жал, во Македонија нема демократско владеење, туку недемократско дивеење.
Реченицата „Роза е роза е роза е роза“ е напишана од Гертруда Стајн во далечната 1913 година и се поврзува со еден проблем којшто во филозофија се именува како „проблем на универзалност“. Тој проблем вклучува во себе неколку тесно поврзани метафизички, логички и епистемиолошки прашања, сите поврзани со прашањето за тоа како е можно универзално познавање на поединечните нешта. Од каде знаеме, на пример, дека теоремата на Питагора важи универзално, за сите можни правоаголни триаголници? Или, дали можеме да зборуваме за универзални особини на нашите политичари? Потоа, дали, на пример, употребата на зборот „политичар“ кај нас побудува исти или слични емоции и, ако да, кои?
Според мене, во Македонија зборот „политичар“ предизвикува сложена, повеќеслојна емоција, мешавина од разочарување, одвратност, лутина и, пред сѐ, страв. Страв предизвикан од можноста Македонија да се распадне, да исчезне. Оваа емоција е поврзана со терминот ресентимент, воведен од Ниче (зборот потекнува од францускиот збор „ressentiment“ што значи „незадоволство“). Би сакал да подвлечам дека треба да се прави разлика меѓу феноменот ресентимент (ressentiment) и емоциите незадоволство, огорченост, гнев, одмазда, омраза и чувството на инфериорност. Во филозофијата, ресентиментот ги менува нашите аксиолошки процени. Ова ја сочинува неговата најистакната карактеристика, што се нарекува процес на повторна процена. Од друга страна, лордот Дејвид Овен и неговите соработници во повеќе научни трудови покажуваат дека многу политичари го имаат синдромот хибрис, стекнато нарушување на личноста. Во грчката трагедија, зборот хибрис означува прекумерна гордост, ароганција, пркос на боговите, што може да доведе до казнување од божицата Немезис. Лицата со овој синдром имаат некои од следниве карактеристики: нарцисоидност, ароганција, непромисленост, некомпетентност за носење геостратегиски одлуки и креирање политики.
Тие гледаат на светот како место за самовеличање преку употреба на моќ, покажуваат претерана самодоверба, покажуваат одговорност само пред повисок суд (историја или Бог) и го губат контактот со реалноста.
Наспроти тоа, имињата на професорките Ванковска, Каракамишева, Котеска и Ќулавкова веднаш асоцираат на неколку доблести: храброст, гордост, самопочит, достоинство. Според Кант, човечкото достоинство е поврзано со способноста на луѓето да ги избираат своите постапки. За некои мислители, гордоста е позитивен емоционален одговор кон нешто интимно поврзано со самиот себе, поради неговата согледана вредност. За Аристотел, гордоста е доблест, но прекумерната гордост не е. Така, горд сум што сум Македонец, што зборувам на македонски јазик, горд сум што „нашиот јазик е македонски / нашето писмо е кирилско / во аманет ни е оставено / пред многу векови / за многу векови“. Горд сум на текстовите, колумните, постовите и твитовите напишани во изминатите неколку години од професорките Ванковска, Каракамишева, Котеска и Ќулавкова. Сѐ зависи од нас. „Но сепак сѐ зависи од мене! / Јас сум, види, чувар на својата гордост, / и не очекувај да се помирам/ со бесмислената ништожност“.
Самопочитта е уште една доблест за којашто зборува Аристотел. За жал, многу често тоа што го среќаваме кај македонските политичари е токму обратното. Уште повеќе, нивната сервилност и желба за владеење, дополнети со незнаењето, ароганцијата, алчноста и неспособноста, може да доведат до распаѓање на Македонија. Нема потреба од сервилност и кон внатре (коалициските партнери) и кон надвор. Нема потреба, заради мислењето дека „има момент на итност за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ“, да заборавите кои сме. Престанете да се „виткате како црвци во кал“. Во еден твит од пред неколку дена, професорот Петифер (Pettifer) од Универзитетот во Оксфорд, порача „може да се каже дека НАТО направи страшна грешка во периодот на администрација на Трамп принудувајќи промена на името на Македонија, и тоа треба да се смени“.
Работите, изненадувачки, се едноставни: покажете дека не сте сервилни и ќе имате повеќе шанси за ЕУ. Сервилноста одбива.
Се мислев како да го завршам овој текст. Решив, со бројки. Така, според Државниот завод за статистика, бројот на починатите во Македонија во последните седум години изнесува: 19.718 (за 2014 г.), 20.461 (за 2015 г.), 20.421 (за 2016 г.), 20.318 (за 2017 г.), 19.727 (за 2018 г.), 20.446 (за 2019 г.). За шест години по ред, од 2014 до 2019 година, бројот на починати во Македонија се движи, со мали флуктуации, околу бројот дваесет илјади. Што мислите, кој е бројот на починати во 2020 г.? Според официјалните податоци, во 2020 година починале 25.049. Така, само во 2020 г. има околу 5.000, со зборови пет илјади, повеќе починати наши сограѓани. Зошто и дали можеше поинаку? Што ќе биде во 2021?