Фото: Игор Бансколиев

СО ХУМОР И САТИРА ПРОТИВ БУГАРСКАТА НЕГАТОРСКА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНИЈА

Според дипломатите, сатирата е механизам што досега се користел многу на меѓународната сцена од страна на видни светски државници. Иако овие пораки звучат можеби сатирично и смешно, тие се крајно сериозни, имаат огромна брзина на ширење и претставуваат моќна алатка за разобличување на политиките и бесмислените барања и уцени на политичкиот опонент

Во период кога бугарските аргументи и ветото за евроинтеграциите на Македонија стануваат сѐ побесмислени и попровидни пред очите на Европа, хуморот и сатирата си го заземаат своето место во политиката. Веројатно на бугарската опсада од апсурди и парадокси најдобар контраодговор се хуморот и сатирата. Така, неодамна премиерот Зоран Заев сатирично запраша како тоа според науката сите луѓе настанале од мајмуните, според верата сите настанале од Адам и Ева, а само Македонците настанале од Бугарите.

Дипломатска доза сатира внесе и Руската амбасада во Македонија, која на
официјалниот профил на Твитер посочи дека Русија ќе го шири своето влијание на Балканот преку пингвините, напоменувајќи дека неодамна донирале пингвини во Зоолошката градина во Скопје.

Дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека сатирата некогаш е најдобриот механизам за пренесување битна политичка нота до опонентот на другата страна. Тие велат дека сатирата е механизам што досега се користел многу на меѓународната сцена, од страна на видни светски државници каков што бил во минатото Винстон Черчил и во поново време Доналд Трамп.

Македонскиот поранешен амбасадор Љупчо Арсовски вели дека користењето на сатирата во пренесувањето на политичките пораки и сигнали е алатка што долги години се користи на меѓународната сцена.
– Иако овие пораки звучат можеби сатирично и смешно, тие се крајно сериозни. За политичар да може да ги практикува овие начини на комуникација со опонентите од другата страна мора да биде човек со голем дух и знаење во она што го работи. Историски таков политичар бил Винстон Черчил, кој дури за Втората светска војна така им се обраќал и на непријателите, на Британија, но и на нејзините сојузници – вели Арсовски.

Она што е најбитно, објаснува дипломатот, во користењето на овие сатирични пораки е фактот дека тие имаат огромна брзина на ширење.
– На овој начин, или со оваа алатка, ако се користи сатирата, пораката стигнува бргу до другиот крај за кого е наменета и истовремено не се дозволува таа да биде засенета од некој друг битен политички чин што е актуелен во јавноста и во медиумите. Како таква можеби може да биде протолкувана изјавата на нашиот премиер Зоран Заев до лидерството на соседна Бугарија – вели Арсовски.
Тој додава дека конкретната сатира што ја користел премиерот Заев веќе досега била објавена во нашата јавност во минатото низ страниците на некогашниот сатиричен магазин „Остен“.

Дополнително, подвлекува амбасадорот, ако оваа порака се испрати на социјалните мрежи или конкретно Твитер, тоа е и во духот на новиот начин на кој функционира модерната политика, таканаречена твитер-дипломатија.
– Овој начин на комуникација практично го воспостави претходниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој на социјалните мрежи со сатиричен контекст најчесто ѝ се обраќаше на публиката, и дополнително пораките ги насочуваше и кон неговиот ривал на меѓународната сцена, кинескиот претседател Си Џипинг – вели Арсовски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, вели дека апсурдите во политиката, и домашна но и надворешна, можат само да се исмеваат, а тоа најдобро се прави со сатирата.

– На овој начин ем се критикува ем се комуницира. Тоа важи и за двата случаја и на македонскиот државен врв, но и оној на руската амбасада на Твитер – вели Пекевски.
Тој сепак вели дека лично се залага оваа алатка на исмејување на позициите на опонентот да не биде практикувана многу во нашата политика, бидејќи не смееме да заборавиме дека Бугарија не е сама на меѓународно поле, бидејќи и таа како Македонија има свои многу моќни сојузници.
– Она што сепак е добро во еден ваков сооднос на случувањата, што со сатирата се покажа нелогичноста на постоењето на спорот со Бугарија и нелогичноста на нарушувањето на односите меѓу Македонија и Русија, кои секогаш биле на највисоко ниво – резимира Пекевски.

[email protected]