Фото: Влада

Во Софија идната седмица, на 10 или 11 февруари министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања.

– Нашето барање веќе го кажав, а тоа е да се прифати преговарачката рамка како е предложена од страна на Комисијата по однос на идентитетските атрибути, вклучувајќи го и јазикот и да се почнат пристапните преговори, односно да се одржи меѓувладината конференција, а сите други прашања да се поврзат временски со одлуката за започнување на преговори. Тоа е процес којшто треба да го разговараме во наредниот период – вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Преговорите, додаде Османи, продолжуваат преку комисиите, при што идната недела ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели тој, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја, пренесе МИА.

– Мислам дека важно е сите прашања тие што ни се важни нас и важни за Бугарија да бидат поврзани и во еден роковник во рамки на еден договорен пакет, бидејќи сметам дека само на тој начин ќе имаме гаранции дека тука го затвораме ова прашање и нема да разговараме за други прашања. Тука влегуваат и нашите барања, нашите позиции и позициите на Бугарија – рече Османи.

Потсети дека нашите позиции се утврдени прво во заедничката Деклрација на Собранието, второ во одговорите коишто беа пратени во декември во Владата на Република Бугарија и ќе продолжат на 10 или 11 на експертско ниво во рамки на тие позиции што ги има државата за сите прашања.

Османи уште еднаш потврди дека Бугарите ќе бидат запишани во Уставот, без да спомене конкретни рокови.
– Тоа е барање и од државјаните на Северна Македонија кои имаат бугарска етничка припадност, така што секој државјанин на РСМ има право да поставува свои барања пред државата и државата да реагира на тоа. Познати во светот по однос и на колективните права на граѓаните. Тоа е нашиот најсилен адут како држава. Создадовме модел што полека станува референтен модел за сите мултиетнички држави и проблемите што ги имаат мултиетничките држави. Треба да се гордееме со тоа, со тоа што го создадовме и не треба да се почувствуваме дека нешто правиме лошо за државата во вклучувањето и интегрирањето на сите етнички заедници во државата во системот – вели Османи.

Во однос на тоа дали само земјава ќе прави отстапки, во однос на нотата во ОН, Османи оцени оти сме во асиметричен однос со Бугарија.

– Тие се членка, ние не сме. Ние бараме да влеземе во ЕУ, тие се веќе влезени ЕУ. И не можеме да очекуваме дека овој спор е помеѓу две еднакви страни. На пример, оваа дебата никој не ја отвора во НАТО затоа што таму сме исти на масата. Меѓутоа, овде очигледно не сме. Но, ние имаме јасна позиција во тој процес. Имаме Декларација на Собранието од која што не излегуваме, имаме државна позиција по однос на прашањето. Принципот ни е ништо не е договорено, додека не е се договорено, што значи дека се додека немаме гаранција и не почне да се имплементираат прашањата што ни се на нам важни не можеме да одиме кон прашања што се важни на другата страна. Се разбира, тоа е двонасочен процес. Нотата беше одлука за затворање на едно прашање што природно не припаѓаше во овој пакет и беше пречка, но и беше и инвестиција во однос еден процес што сметаме дека може да биде позитивен – заклучи Османи.