Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според испитувањето на јавното мислење за кибер-безбедност

Петнаесет проценти од испитаниците во анкета за кибер-безбедност во државава спроведена од регулаторното тело рекле дека биле жртва на кибер криминал или онлајн вознемирување, а над половина се загрижени за злоупотребата на личните податоци. Антивирусна програма користат 57,3 проценти, а помладите за разлика од постарите почесто се приклучуваат на интернет на јавни места. Испитаниците кои користат социјални мрежи најчесто го оставаат вистинското име и лични фотографии, покажува Извештајот од испитувањето на јавното мислење за кибер-безбедност, што го објавија денеска Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ.

Теренската анкета е спроведено од 14 до 28 септември годинава на примерок од 1.400 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол и возраст, според податоците од пописот на население од 2021 година од Државниот завод за статистика.

Поголем дел или 71,1 процент од испитаниците не знаат дека постои или пак сметаат дека не постои веб-страница, контакт адреса и е пошта, контакт броеви или слично во државата на кои може да се пријави сајбер криминал или нелегални интернет активности.

Анализата од собраните податоци покажува дека најголем дел од испитаниците, интернетот го употребуваат за социјални мрежи и комуникација.

Интернет за социјални мрежи во последните 12 месеци користеле 86,8 проценти, за услуги и документи од јавна администрација 25,7 проценти, за учење и курсеви 23,6 проценти, а за продавање стоки и услуги 9,2 проценти од испитаниците во анкетата.

Злоупотребата на личните податоци е причина која најмногу ги загрижува испитаниците при користење на интернет активности, одговор кој го дале нешто повеќе од половина или 51,6 проценти од испитаниците. Безбедноста при онлајн плаќање и неможноста за физичка проверка на производите се исто така важни фактори кои предизвикуваат загриженост кај приближно 47 проценти од испитаниците.

Три најважни активности кои испитаниците ги преземаат за заштита на приватноста при користење на интернет се инсталација на анти вирус (39,2 проценти), посета само на познати веб страни во кои имаат доверба (36,0 проценти) и користење само на личен компјутер (35,2 проценти).

Во поглед на практиките за поврзување на интернет на јавни места, половина од испитаниците се поврзуваат на мобилен хотспот од својот мобилен уред, како и на мрежа која е достапна и заштитена со лозинка, додека 13,4 проценти рекле дека никогаш не се поврзуваат на интернет на јавни места. Помладите испитаници, за разлика од повозрасните повеќе користат интернет на јавни места.
Приближно три четвртини или 71,9 проценти се изјасниле дека преземаат мерки на безбедност при користење на нивните уреди.

Доколку се земат во предвид сите испитаници, како што велат од АЕК, 57,3 проценти користат антивирусна програма. Најголем дел или 82,9 проценти од испитаниците ги ажурираат програмите, апликациите и оперативните системи на нивните уреди. Нешто повеќе од три четвртини, или 77,5 проценти од испитаниците користат лозинка за пристап на уредите што ги користат. Кај најголем дел од испитаниците, лозинките се состојат од комбинација на букви, броеви и симболи, одговор кој го дале 79,3 проценти од нив.

Според истражувањето, околу 20 проценти од испитаниците не можат односно не знаат да препознаат сигурна лозинка, при што голем дел од нив се оние кои користат лични податоци како лозинка. Приближно половина од испитаниците ги помнат лозинките и не ги запишуваат, додека околу една третина ги запишува физички во тетратка или пак ги чува во компјутер или мобилен телефон. Една третина од испитаниците нема направено промена на лозинките во последните 12 месеци. Поголем дел или приближно две третини од испитаниците не користат дво факторска идентификација, и тоа најчесто поради тоа што не знаат што претставува таа.

Нешто повеќе од една третина од испитаниците чуваат безбедносна копија од важните податоци на надворешни уреди или cloud. Најголем дел од оние кои чуваат безбедносни копии, истото го прават поретко, од два до три пати месечно.

Приближно половина од испитаниците сметаат дека не се воопшто или пак не се доволно информирани за ризиците од сајбер криминалот. Главен извор на информирање во врска со кибер безбедност се интернетот и останатите медиуми. Околу 60 проценти од испитаниците се согласуваат дека нивните лични податоци не се безбедно чувани од страна на веб страниците, како и од јавните сервиси или институции.

Најкористени социјални мрежи или апликации се Фејсбук со 88,3 проценти и Вибер со 88,6 проценти од испитаниците кои ги користат.

Интернет најмногу се употребува на мобилен уред (96,9 проценти) и компјутер (74,9 проценти), при што повозрасните испитаници и оние со понизок степен на образование, помалку употребуваат компјутер и останати уреди за пристапување на интернет како таблет и ТВ.