Фото: МИМ / Архива

Дојдовме до цивилизациски чекор кога новинарството ја губи вредноста како чувар на јавниот интерес и она што го знаеме како класична форма на толкување. Проблемот е повеќеслоен и глобален и како медиумско милје сме под влијание на севкупните промени што ја засегаат оваа професија, изјави Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) одговарајќи на прашање на што се должи слабиот интерес за студирање новинарство и опаѓањето на бројот на запишани во изминатите години.

-Од економски аспект излегува дека денес е подобро да бидетете инфлуенсер отколку новинар и да продавате се и сешто за кое добивате финансиска поддршка, за разлика од новинарството кое секогаш е изложено на ветрометина и се соочува со предизвици и тешкотии – рече Петковска.

Во изјава за медиуми, по отворањето на петтите Денови на медиумска писменост, таа укажа на исклучителната важност на новинарството за едно општество да има медиумски писмени граѓани и порача дека сите заедно мора да работат да се зачува новинарството.

-Тоа е јавно добро кое го штити интересот на секој поединец, на сите граѓани, и затоа и во програмата за медиумска писменост што ја предаваме и која е дел од наставната програма, особено го нагласуваме аспектот децата да ја препознаваат вредноста на новинарството и зошто самите треба да го поддржуваат во секоја можна форма. Бидејќи само граѓаните можат да го зачуваат и да го спасат новинарството – истакна директорката на МИМ.