Претседателот на државата Стево Пендаровски чиј мандат истекува следната година, во овој момент не размислува за втор мандат. Одговарајќи на новинарско прашање дали му е страв од можноста за претседател да биде поддржан неговиот сопартиец, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Пендаровски рече дека ако некој има страв тогаш ќе остане дома да гледа телевизија.
-Сега не размислувам за втор мандат, во овој момент не. Ако имаш страв во животот не се впушташ во ниедна работа, не само во политиката. Најбитно е да немаш не страв од некого, да имаш доверба во себеси. Ако самиот се чувствуваш подготвен, не постои толку голем страв од некој опонент потенцијален кој може да те инхибира и да останеш дома и да гледаш телевизија“, рече претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција за потпишувањето на законите за олеснување на проектот на „Бехтел и Енка – за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д.
Со потпишувањето на измените на законите Пендаровски не смета дека си обезбедил поддршка од ДУИ и СДСМ за претседателските избори. Нагласи дека во изминатите четири години во неколку наврати за битни прашања не се согласувал со Владата или со партиите од Владата кои го поддржале и во 2014 и во 2019 година, но никогаш не калкулирал со поддршка.
-Слушам дека некои размислуваат и во една слична насока, дека ‘Бехтел и Енка’ се во позадина сега, дека ако јас потпишам, ќе ја добијам поддршката на Америка и обратно. Тоа се детски анализи и немаат втемеленост во реалноста. Никогаш не сум разговарал на таков начин. Ако е нешто во прилог на граѓаните, го потпишувам сосема небитно кој го предлага до мене. Ако е спротивно на нивните интереси, не знам кој да се јави, не може да ми влијае. Мислам дека неколку пати тоа сум го кажал, од фамозната прес- конференција летото 2019, кога беше апсен специјалниот јавен обвинител, до денеска, законот за илегални градби, да нема праг за евентуалниот изборен модел каде што би можеле и помалите партии да влезат во Парламентот. Мислам дека на многу инстанци сум покажал дека размислувам со своја глава – рече претседателот Пендаровски.
Тој денес извести дека ќе ги потпише петте измени на законите со кои на американско- турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се олеснува изградбата на коридорите 8 и 10д.