Пред споменикот на Јуриј Гагарин во скопската општина Карпош, Амбасадата на Руија во Македонија го одбележа Денот на космонаутиката.
Амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин, истакна дека Јуриј Гагарин влезе во историјата како светска легенда.
– Би сакал да истакнам дека тој пред се стана олицетворение на храброста и херојството на нашиот народ, кој е способен да ги надмине сите тешкотии за слава на татковината. Феноменот на Гагарин е во фактот дека овој шармантен, отворен и навистина добар човек стана симбол на колосалната технолошка победа на нашата држава која беше во корист за целото човештво – нагласи тој.
Рускиот амбасадор се осврна и на актуелните случувања, при што кажа дека непријателите на Русија се обидуваат да ја демонизираат земјата, да и нанесат стратешки пораз, да ја изолираат и истераат од меѓународната сцена и да и го одземат статутот на голема држава.
-Не еднаш моравме да де спротивставиме на таквите намери и од нив да излеземе победници не само во политичка,туку и во морална смисла. Да се де бориме за правда и да докажеме дека сите народи без исклучок, а не само таканаречените цивилизирани, имаат право на безбедност, мирен соживот и развој. И овој пат, несомнено ќе победиме -вистината е со нас – потенцираше амбасадорот.
Тој најави дека Русија ќе продолжи да дава приоритет на меѓународната соработка во вселената, за што доволно покажува неодамнешната државна посета на кинескиот претседател Си Џипинг на Москва.
-Нашите напори се насочени кон мирно истражување и користење на вселената, спречување на трка во вооружување во неа, пред се преку развивање и склучување на соодветен меѓународен договор,а како посредна мерка – усвојувањето од страна на сите држави на обврската да не бидат први за сместување на оружје во вселената. Овие одредби се вградени во новиот руски Концепт за надворешна политика, одобрен со Указот на Претседателот на Русија, од 31 март оваа година – истакна Баздникин.
Амбасадорот нагласи дека во 2022 година имало 22 лансирања на руски вселенски лансери и дека сите биле успешни.
-Меѓу најважните задачи на нашата вселенска индустрија е транзицијата кон сериско производство на сателити, комерцијализација на вселенските услуги и создавање на нова орбитална станица – рече тој.
На крајот го честиташе Меѓународниот ден на летање во вселената.
На настанот присутни беа амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, претставник од Амбасадата на Кина во земјава, Мао Чингуен, пратеникот на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ, почесниот конзул на Руската федерација проф.д-р Велимир Стојковски и други сонародници и претставници на здруженија. Д.Т.З.
Фото: Маја Јаневска-Илиева