Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новоизбраните судии Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер денеска почнаа со работа во Уставниот суд.

– Двајцата судии утрово беа примени од претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, добија работни материјали за следната седница закажана за 9 ноември. Судиите Бозаџиева и Скендер се запознаа со вработените во службата на Уставниот суд и во наредниот период ќе им бидат распределени предмети за работа – информираат од Судот.

Двајцата новоизбрани уставни судии имаат мандат од девет години.

Уставниот суд во соопштението апелира до пратениците да го почитуваат Уставот и да ги пополнат и останатите три судиски места за, како што е посочено, да може Судот да функционира во полн капацитет и да одлучува за сите предмети кои се од голема важност за државата и за граѓаните.