Фото: Принтскрин/Фејсбук-видео

Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири на денешниот Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12 март, потенцира дека насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон.

– Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Податоците на Лекарската комора говорат дека 78 отсто од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80 проценти биле изложени на вербално насилство. Ова е фрапантен податок што покажува во какво општество живееме. Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници, затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите – подвлекува Демири во пишаната изјава.

Како што додава, минатата година се направија измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење на професионални работни задачи, е насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор.

– Важно е да се истакне дека Лекарската комора прибира податоци за нападите врз лекарите за да може активно да го следи постапувањето на надлежните институции, но и за да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Единствен начин на кој комората може да прибира податоци е доколку лекарите по пријавувањето во полиција за инцидентот ја информираат и комората – се истакнува во соопштението.

Се апелира да се пријави насилство врз лекари на официјална веб-страница на Лекарската комора.